Фасцинатната животна приказна на Свети Климент: Човекот што од кралски замоци правел училишта

1982 Views Декември 8, 2017 Македонско Никола Осило

Македонските граѓани и христијанските верници денес го слават големиот празник  Свети Климент Охридски. Според историските записи се смета дека Свети Климент е роден околу 830 година и потекнува од територијата на Македонија. Од млади години ги придружувал Светите браќа Кирил и Методиј и учествувал во нивната прва мисија по долината на реката Брегалница.

По завршувањето на оваа мисија, во 855 година со свети Методиј заминал во манастирот Полихром на Олимп. Пролетта 864 година, заедно со своите учители, заминал во Велика Моравија. Верен на своите учители, во 867 година заминал во Рим подготвен да ја одбрани службата на словенскиот јазик.

Откако папата Адријан ја благословил и дозволил службата на словенскиот јазик, свети Климента го ракоположил во повисок свештенички чин и потоа, додека бил во Рим, учествувал во повеќе служби на словенски јазик низ римските катедрали.

По смртта на свети Методиј во 885 година, неговите ученици не можеле да ги истрпат нападите на германските свештеници, па дел од нив биле продадени како робови на италијанските бродови, дел се населиле покрај Јадранскиот брег на Далмација, а свети Климент, заедно со свети Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, бил принуден да избега на југ од Дунав, каде што го продолжил делото на своите учители.

По пристигнувањето во Белград, белградскиот управител ги испратил во бугарската престолнина Плиска.

Кнезот Борис ги примил со големи почести, но светите Климент и Наум веднаш влегле во судир со грчкото свештенство, кое ја ширело грчката пропаганда меѓу словенските племиња. Под наговор на византискиот император Михаил, кнезот Борис ги принудил словенските учители да ја упростат словенската азбука – глаголицата и да направат азбука слична на грчката алфавита. Светите Климент и Наум не се согласиле со ваквите настојувања на кнезот.

Во нивната непоколеблива служба на словенскиот јазик, кнезот гледал вистинско средство со кое ќе го намали византиското влијание во југозападна Македонија и дел на јужна Албанија, па за таа цел во 886 година тој го испратил свети Климент во словенска мисионерска работа во областа Кутмичевица. Дејноста на свети Климент била слична на онаа во Панонија и Моравија, со таа разлика што сега се борел со грчкото свештенство, а не со латинското.

Тој се обидувал да ја замени грчката богослужба со словенска, која би била разбирлива за сите. И покрај што Константин Преславски ја создал кирилицата, која ја нарекол така во чест на своите учители Кирил и Методиј, сепак свети Климент останал доследен на своите учители и ја ширел и понатаму вешто и упорно глаголицата.

Кога се исполнил потребниот број на ученици и доволно науки за изучување, се формирала т.н. Охридска книжевна школа или Светиклиментовиот универзитет.

Како учител и епископ, свети Климент, заедно со свети Наум, ги поставиле основите на Охридската книжевна школа. Цели два века пред Болоњскиот универзитет, тој го основал првиот Словенски универзитет во Охрид.

Охрид, како жариште на словенската култура и писменост, во времето на свети Климента, кој меѓу македонските Словени минал цели три децении, сè до неговата смрт во 916 година, имал огромно значење. Оттука излегле преку 3.500 ученици, кои словенската писменост и уметност ја ширеле дури во Киевска Русија. Токму поради тоа, периодот на свети Климент Охридски се нарекува златен век на словенската култура и писменост.

За успешно спроведување на мисијата, кнезот Борис му доделил на свети Климент три раскошни дворци, кои биле претворени во училишта и книжевно препишувачки центар. На подареното место свети Климент го изградилманастирот во чест на Свети Пантелејмон,кој подоцна станал седиште на Охридската Книжевна школа.

Во 893 година свети Климент станал прв словенски епископ, како награда од новиот бугарски цар Симеон за плодната словенска дејност. Од 893-900 година, учителската дејност ја презел свети Наум, кој подоцна го изградил манастирот Собор на светите Архангели, каде го поминал остатокот од својот живот во целосно тихување и уподобување во Бога.

Свети Климент, пред сè, имал огромно духовно значење за тогашниот словенски православен народ. Пред да се упокои, сам си го подготвил гробот и тоа им го соопштил на своите ученици. Се упокоил мирно во 916 година.

Извор: Благовести/Фото:wikimedia

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!

Најчитани вести