еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Родовиот јаз во економијата, чини 18% од БДП во Македонија

Последователните економски шокови изминатите години дополнително го отежнуваат намалувањето на родовата нееднаквост, поради нивното понеповолно влијание врз женската популација.

Така, кај повеќето земји од регионот на Западен Балкан стапката на активност е повеќе намалена кај жените отколку кај мажите, што е слично и со глобалните трендови. Според анализата на Светската банка, земјите во регионот од Западен Балкан секоја година губат околу 18% од БДП поради родовиот јаз на пазарот на труд, при што две третини од загубата се објаснува со ниската стапка на активност на жените, а преостанатиот дел на разликите во изборот на занимањата помеѓу мажите и жените.

Оттаму, водењето соодветни политики за поголема вклученост на жените на пазарот на трудот може значително да придонесе за повисок економски раст, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на работилницата „Улогата на жената во економската трансформација на општеството“ во организација на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Глобално и во регионот, неодамнешните кризи посилно ги погодија секторите со поголемо учество на жените и неповолно се одразија врз активноста и јазот.

„Според Светскиот економски форум (СЕФ), ако напредокот продолжи со досегашната динамика, на глобално ниво ќе бидат потребни 131 година за да се постигне целосна рамноправност. За споредба, пред пандемијата беше проценето дека се потребни 100 години за да се постигне родова еднаквост, што укажува на последиците од неодамнешните шокови врз женската популација и родовиот јаз“, посочи Ангеловска-Бежоска.

Ангеловска-Бежоска посочува дека позитивен ефект од намалувањето на родовиот јаз врз растот би имало не само од зголемениот број на работната сила, туку и од различните вештини и карактеристики на жените, коишто можат да дадат поинаква квалитативна димензија на пазарот на трудот и пооптимално одлучување.

Гувернерката посочува дека за да се постигне тоа се потребни реформи во повеќе сегменти, како откривање на сите извори на родовите разлики присутни во институционалните, регулаторните, образовните и традиционалните норми, развивање политики коишто ќе ги поттикнат жените да се вратат на пазарот на труд, разбивање на стереотипите и создавање еднакви можности за кариерен развој на жените (учество во лидерските и високите позиции), соодветна поддршка на жените од државата и работодавачите во однос на обврските кон семејството/децата, осмислување нови иновативни технолошки решенија коишто ќе овозможат поголема финансиска инклузија и пристап до финансирање на жените со ниски примања.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ОН: Во Украина досега убиени речиси 2.000 цивили, но вистинските бројки се „многу повисоки“

Редакција

За 24 регистрирани нови 329 случаи на Ковид-19

Редакција

Македонците повторно на вакцинација викендов во Врање: Во организација на „Спона“ ќе бидат вакцинирани 800 граѓани

Редакција