еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Граѓаните со попреченост над 65 години може да бараат исплата на надоместок, одлучи Уставен

Уставниот суд го поништи член 3 став 1 точка 2 во делот „најмногу до 65 годишна возраст” од Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани, информираат од таму.

Според член 3 став 1 точка 2 од Законот „корисници на правото на надоместок заради попреченост” се лица со навршена 26 годишна возраст, а најмногу до 65 годишна возраст, со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице, согласно со податоците од евиденцијата на центрите за социјална работа.

Од содржината на погоре наведениот член од Законот произлегува дека во групата корисници на правото на надоместок заради попреченост, не спаѓаат лицата над 65-годишна возраст, а со тоа овие лица се исклучени од финансиската поддршка согласно со Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани.

Судот оцени дека со таа одредба e нарушенa темелната вредност на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и принципот на правната сигурност на граѓаните во остварувањето на правата од социјалната сфера.

Со исклучувањето на овие лица од единствената категорија корисници на правото на надоместок заради попреченост, според Судот, создава и нееднаков третман помеѓу лицата кои се наоѓаат во иста правна положба (сите се корисници на правото на надоместок заради попреченост), но едни можат да остварат право на финансиска поддршка, а други не можат, исклучиво заради возраста.

Со оглед дека одлуката на Уставниот суд е поништувачка, се отвора правна можност за граѓаните со попреченост над 65 години кои не добиле надоместок, сега да побараат да им се исплати надоместокот во изминатиот период, од кога Законот е влезен во правна сила.

Во декември 2022 година Уставниот суд го укина став 2 од членот 44 од Законот за социјална заштита, кој оневозможуваше лицата со попреченост над 65 години да остварат право на надоместок поради попреченост.

Фото: Уставен суд

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Еден од новопочинатите од корона вирусот со претходни заболувања, двајца имале контакт со потврден случај

Редакција

Цената на становите во Скопје продолжува да расте, во четвртиот квартал лани пораснала за 7%

Редакција

Глигор Бишев оди во пензија, Санел Кустурица нов претседател на Управниот одбор на Шпаркасе банка

Редакција