За успех е потребно повеќе од среќа

За животната приказна на Изет Цури, моден креатор, дизајнер и стилист, слободно може да се сними добар филм.

Роден е во Косово, а детството го поминува во Скопје.

„Јас сум Скопјанец. Мајка ми само ме родила во Косово...“, раскажува Цури.

Потекнува од фамилија, како што вели, која не била ни богата, ни сиромашна, но голема, со девет деца, а едно починало.

Фамилијата била посебно погодена по загинувањето на неговиот татко кој бил прегазен на Партизанска. Никогаш не се дознало кој го направил тоа. И по земјотресот во Скопје, во 1963 година, кога нивната куќа во скопската населба Чаир е разрушена, па живееле во импровизиран објект.

Во тој период Цури има 14 години и неговата мајка на трите машки деца им соопштува дека тие освен во училиште, ќе треба и да одат и да научат занает, за да носат пари во куќата.

„Ти ќе бидеш механичар, ти електричар, а ти шнајдер. Нема НЕ, кога мајка бара... Кога веќе немаше бегање од тоа што јас го добив како задача, се распрашав низ градот, кој е најпознатиот мајстор, со надеж дека нема да ме прими кај него на работа. Испадна дека тоа е Цале, кој потекнува од мајсторска фамилија и е главен во аристократските кругови во Скопје... “, раскажува Цури.

Арно ама, Цале без проблем прифатил да го земе Изет како чирак.

„И рекол на мајка ми, доведи го. И така почнав да одам на работа кај Цале“.

На почеток му било тешко да ја прифати работата и на пауза се затворал во ВЦ и плачел, но од друга страна бил пресреќен кога секој петок во дуќан доаѓал татко му на Цале, Теодор Јакимоски, кој го подучувал.

„Овака ќе кроиш, така ќе правиш... Голем господин...Бев многу среќен кога Теодор ќе ми покажеше некои финти, па јас после дома се правев важен и ги учев сестрите...“.

Полека навлегува во овој нов свет за него, но не го заборава Елвис Присли и неговата желба како дете еден ден да стане музичар и да свири на гитара.

Музиката игра голема улога во неговиот живот и во тие години, ги обожава и Ролинг Стонси, Битлси... Со првите пари, на 15 години купува гитара.

„Бев одличен ученик, добар бев по цртање, музика... Добар бев и во фудбал и пливање. Но ништо од тоа не стана моја професија...“.

За брзо време научил да прави цело одело, а првите негови клиенти не случајно се скопските рокери.

„Знаев да правам тесни панталони и кошули со цветови, кои во тој период беа најбарани“.

Па едни од клиентите му се и членовите на култното Бјело дугме.

„Со Бреговиќ до пред војната во поранешна Југославија бевме пријатели. Но после тоа престанавме да контактираме. Не можев да верувам дека толку ужас може да се случи на тоа парче земја...“.

Случајно во тој период, откако го завршува текстилното училиште, се запознава со шнајдерот Томе од Берово, голем мајстор како што вели. Двајцата се запознаваат со Ангелковски, па подоцна ја продолжуваат соработката со него, но се одлучуваат да отворат свој бутик.

Се раѓа „Бони и Клајд“. Цури тогаш има 20 години.

„Натписот на бутикот ни беше на латиница, па уште следниот ден дојде милиција и го тргна. Моравме да ставиме на кирилица. Иметото дојде како инспирација од истоимениот филм...Бутикот беше атипичен за тоа време. Се продаваа готови модели...“.

Бидејќи немале каталози, по инспирација по нови модели и искуства, Цури заминува на две недели во Париз, Франција. Со еден телефон од некој наш граѓанин таму, со нешто пари оди во центарот на модата, оди да купи книги и каталози.

„Се шокирав од тоа што го видов таму. Се почуствував толку мал“.

По една недела, непланирано, доживува непријатна ситуација. Нема доволно пари да плати за престојот за една недела во хотел, а не пак за повеќе и дополнително да купи други работи.

„Не знам како настана проблемот, бидејќи цело време мислев дека имам доволно пари. Дали при нивната размена, дали при нешто друго, на крај завршив исфрлен на улица, а пасошот ми беше задржан, додека не го платам остатокот од сметката“.

Се обраќа во амбасадата на тогашна Југославија и го објаснува проблемот кој го снашол.

„Таму ми кажаа, да не се секирам и дека ќе ми најдат работа за да го изработам долгот. Ме однесоа во една работилница, каде требаше да шијам фармерки, нешто што не ми беше дотогаш познато, ми дадоа душек и спиев во работилницата„.

Дури после три месеци телефонски ќе разговара со мајка му и Томе за да им раскаже што се случило и како „заглавил„ во Париз.

„Мислам дека мајка ми никогаш не ми прости и покрај тоа што многу луѓе ми простија подоцна поради успехот кој следеше“.

И како што вели, „мене по се изгледа ме чува и следи среќна ѕвезда“, од работилницата поради доброто шиење добива понуда за работа, ни малку, ни повеќе во Хермес интернационал, една од најголемите светски модни куќи.

Со Хермес соработува до денеска, а таму ќе запознае еден куп значајни личности од модата, мајстори и светскиот џет сет и ќе стане едно од водечките лица на модната куќа.

“Сакав да имам свој идентитет и искрено многу ме нервираа некои личност околу мене, кои се правеа дека само тие знаат се. Затоа паралелно откако почнав да ги чуствувам благодетите од работењето во Хермес, си отворив и своја работилница, од која за викенд заработував цела плата. Работев многу и заработував многу. Не оставав само на „мојата среќна ѕвезда“. Од Хермес немаа никаков проблем да работам и во својата работилница истовремено. Ме третираа како принц, бидејќи донесов револуција во фирмата. Секогаш многу ризикував“.

Отвара и своја фирма, „Изет Цури“, а за партнер добива банкар.

Во периодот што следи, во 1975 година се запознава со Therry Mugler, со кој почнува соработка.

„ Mugler, беше еден од тројцата најзначајни авангардисти на 20.век. Од работењето со него влегов во друга димензија“.

Тука не застанува и во 1981 година почнува соработка со Azzedine Alaia, кој важи за еден од најскапите кројачи во светот, со кој работи до 1988 година, а во 1994 година ја обновува соработката.

„Пред да се запознам и да почнам да работам со Alaia, мислев дека знам се. Сфатив дека всушност не знам ништо. И до денес соработувам со него и многу сум благодарен што влезе во мојот живот“.

Во 1997 година следува соработката со Жан Пол Готије, за кого ја прави првата couture колекција.

Во периодот по 2000 година, Цури работи и со модните куќи и креатори: Anna Valerie Hash, Pascal Humber Chloe, Jean Claude Jitrois, Chanel, Christian Lacroix…

Повеќе од 45 години живее во Париз, но вели дека Македонија и Балканот, никогаш не ги заборавил.

„Најголемиот трошок што сум го направил е врзан за Македонија. Во 1983 година во Скопје направив три ревии, со дури 30 маникенки од Франција и најдобрите од екс Југослуваја. Ги направив овие ревии за мајка ми, пријателите и за моите скопски мајстори, кои се подобри од француските“.

Пред неколку години соработуваше и со штипски „Астибо“, на кој му помогна да формира екипа и колекција.

Не го заборави и Балканот. Во Босна спроведе голем проект со жените кои беа силувани за време на граѓанската војна во поранешна Југославија, на кои им даде работа, плетење за неговите колекции, а со нив соработува и до денес.

На Косово помогна да се отвори модно училиште пред 9 години, кое денес ги произведува едни од најдобрите креатори на Балканот.

Веќе 37 години работи и како професор, па своето знаење, од пред една година го споделува и во Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ во Скопје.

Следен голем предизвик во годините што следат му е како што вели да ги смени работите во македонската модна индустрија.

„Штета е толку мала и убава земја да не биде просперитетна. Има толку многу потенцијал и таленти, во сите сфери“.

Има два брака. Од првиот има ќерка, која денес има 40 години, а од вториот два сина, Љуми (18) и Меди (14), кој единствено за сега покажал интерес за модниот свет.

Нашето мени

Со Цури од богатото мени се одлучивме за лути пиперки, пилешко и телешко и палачинки и топло-ладно.

jQuery Slider
При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Петре Димитров

Професионален дипломиран новинар со долгогодишно искуство. Најмногу сака да патува и да прави возбудливи репортажи, но за да јавноста биде објективно информирана следи и бизнис и политика.

Најчитани вести