Драгана Чифлиганец: Само делата се вистина!

Драгана Чифлиганец (31), извршен директор на „Адора инженеринг“, одговорна и за маркетинг и продажба, со насмевка на лицето зборува за детството кое го поминала во родното Радовиш.

„Детството го поминав на улица, немаше интернет, играјќи ластик, криенка...баш како што треба да изгледа едно детство. Ние сме големo семејство и многу бртучеди се на моја возраст, така што на играта и немаше крај... Бев многу живо дете, а и денес не сум премногу различна. Бев водич во класот, а и денеска сметам дека сум со ист лидерски дух...“, раскажува Драгана.

Нејзиниот татко, Ванчо Чифлиганец во тоа време е пратеник, и раководи со „Бучим“, а нејзината мајка, Данка, оди на специјализација  во областа на фармацијата во Скопје, по што ја отвара првата приватна аптека во земјава, па Дрaгана, доста време поминува со баба ѝ (мајче) и и дедо ѝ (стартатко), родителите на нејзината мајка.

„Тие оставија силен печат на мојот позитивен развој и поминував доста време со нив“.

Драгана има постара сестра, Евангелина, која денеска живее во Њујорк, САД, а во текот на детството се грижела за својата помала сестра и исто така имала влијание врз неа.

„Таа е поголема две години од мене. Секогаш беше по натпревари, ја прогласија за првенец на генерацијата. Пишуваше за детските списанија, како „Развигорче“... Добар модел и пример на кој се потпирав“.

Третото дете во семејството е машко, желба на цела фамилија, Душко (22), кој е 10 години помлад од Драгана.

Вели дека никогаш не чуствувала притисок, што во тоа време нејзиниот татко е во политика и води голем бизнис во „Бучим“.

„Татко ми од секогаш е народен човек. Помагал и помога на секој, ако е во можност. Благодарение токму на неговиот ентузијазам, во Радовиш во тоа време имаше многу богат спортски и забавен живот. Се одржаа светско и европско првенство во борење, доаѓаа многу музички ѕвезди, се градеа базени, тениски игралишта... Убаво време беше. Јас бев опуштена и рака на срце, не се срамев понекогаш да ги користам џокерите на родителите. А кој не би?“.

Во шесто одделение, Драгана со фамилијата заминува во Скопје.

„Одеднаш од мало место каде се знаеш со сите, доаѓаш во големиот град. На почеток ми беше тешко да се адаптирам, но и тоа помина, па за брзо време целосно се вклопив во новата средина“.

Инспирарна од работата на мајка ѝ,  ја засакала фармацијата, и како дете својата иднина ја гледала таму, но потоа почнува да ја интересира внатрешниот дизајн и маркетингот.

Спортот одсекогаш го сакала, па тренирала и кошарка, а денес не може да си замисли без да се истрча убаво, неколку пати во неделата.

Годинава го истрача и нејзиниот прв полумаратон од 21 км во Будимпешта, потоа во Лас Вегас уште еден од 21 км и со тоа го потврди нејзиното мото „здраво тело-здрав дух“ и дека сѐ што се сака вистински е достижно. Трчањето е нејзин вентил после напорните работни денови.

„Секогаш спортувам нешто“.

Средно запишала гимназија, но по две години се префрлува во приватното училиште „Нова“ во Скопје.

“„Нова“ ме подготви за животот. Имав можност уште во средно да видам како се водат проекти и  цело време да бидам активна, што одлично се вклопува со мојот темперамент“.

Образованието го продолжува на Универзитетот Шефилд во Солун, Грција, каде ќе го има и првото работно искуство. Студира маркетинг, а потоа продолжува и на магистерски студии по маркетинг, рекламирање и односи со јавност.

Драгана Чифлиганец своето образование го заокружи со докторирање на Правниот факултет Јустинијан Први на универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, со одбрана на докторската дисертација „Улогата и значењето на управувањето на малите и средни претпријатија“ низ истражувачко – искуствен спој на економската и правната наука.

Но, како што вели таа, човек се едуцира и усовршува цел живот..

„Во Солун, што многу го сакам, за прв пат почнав да работам. Работев на организирање на ивенти-настани за сериозни конференции и други манифестации, така што имав можност практично да го спроведувам тоа што го учев. Повремено  работев за македонски комании кои бараа влез на грчкиот пазар за дневница од 50 евра. Никогаш не се срамев да работам, нешто што е достоинствено“.

Во Солун останува пет години, од кои една поминува во работење, но на крај одлучува да се врати дома, за да помогне во бизнисот на татко ѝ.

„Од трите деца, никој не му помагаше на татко ми. Редно беше некој да му се најде“.

Претходно и додека студира, редовно секое лето оди на пракса во „Адора инженеринг“, каде учи сѐ за бизнисот на компанијата, од фактури, до запознавање на клиентите, што подоцна ќе ѝ помогне побрзо да се адаптира на работата.

Во „Адора инженеринг“ е веќе девет години и како што вели, од самиот почеток се договорила со татко ѝ, на работа да ги тргнат семејните релации и да го вика „шеф“.

„Да ги избалансираш работите, посебно на работното место е многу важно“.

Вели дека на почеток од нејзините идеи, кои главно се однесуваат на воведување на нови стандарди во работењето, претставувањето на компанијата пред јавноста и во делот на маркетингот, сите во компанијата не биле воодушевени, но денес благодарение токму на нејзините идеи, кои внесуваат нова енергија во работењето, компанијата стана лидер во имплементирање на меѓународните стандарди во градежниот бизнис во  државата.

„По некое време сите во тимот ме прифатија и не ме гледаа само како ќерката на сопствениокот, и увидоа дека имам добри идеи, кои многу други компании почнаа да ги копираат. На луѓето им давам простор да дојдат до израз нивните квалитети и никому во ништо не му се мешам. Само делата се вистина, како што вели мотото на нашата компанија. Промените се секогаш потребни, само така може да се расте и оди напред. Денеска компанијата има 400 вработени, позната е по почитувањето на стандардите, многу важни за овој бизнис, има добра маркетинг стратегија и сѐ што работи, создава и вложува, останува  тука, во Македонија. Се изградивме како општествено одговорна компанија и ги користам сите мои контакти да ги потикнам и другите да помагаме каде што можеме“.

Работи многу, а може и помалку, како што вели.

„Ако може татко ми на 60 години секој ден да станува во 5, зошто јас да не можам да работам од 7.30 до  20 часот. Имам голема одговорност. Во наши раце е судбината на толку многу работници. И не само тоа. Тоа што го создал татко ми, ние децата треба да го надградиме. Многу вложувам во тоа. Среќна сум што имам  успешен татко, што имам од кого да учам, но и простор да ја изградам мојата среќа и да оставам свој печат“.

Од пред извесно време во „Адора инженеринг“ почна да работи и нејзиниот брат.

„Сега сум во „вага-судија“ фаза, набљудувајќи го брат ми, кој го има истиот ентузијазам како мене, кога јас дојдов во фирмата. Новатата енергија доаѓа секогаш во вистинскиот момент“.

Приватно, Драгана многу сака да патува.

„Може да се патува со многу и со малку пари. Ако добро се организираш, користиш ласт минит летовии, пиеш пијачка на Тајм сквер на скали, може да направиш доста поволни патувања. Јас сум тип кој ги цени парите и не се расфрла со нив, но знам да си дозволам работи кои ги сакам на крај на денот, зошто нели затоа и работиме. Сакам сама да го запознаам местото во кое одам, да видам како функционира градот и луѓето во него“.

Освен за работата, големи амбиции има и за трчањето.

„Многу сум посветена на трчањето, тоа е мојот лек за стресот, а не поради помодарство. Трчам без музика. Сакам додека трчам да си го изанализирам денот, да го испланирам следниот. Годинава трчав на полумаратоните во Будимпешта и Лас Вегас, за следната година имам зацртано и маратон, здравје....“.

Нашето мени

Со Чифлиганец, од богатото мени на ресторанот „Гурмет“ се определивме за тортелини со четири сирења и рижото со пилешко.

 

jQuery Slider
При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Петре Димитров

Професионален дипломиран новинар со долгогодишно искуство. Најмногу сака да патува и да прави возбудливи репортажи, но за да јавноста биде објективно информирана следи и бизнис и политика.

Најчитани вести