(Галерија) На врвот Кајмакчалан црквата Св.Петар не дочека како замрзнат замок

10341 Views Февруари 23, 2016 Прошетај се Силвана Жежова

Врв не се освојува, врв се искачува. Барем така ме научија поискусните од мене во планинарењето. И признавам дека е така, затоа што планината не можеш да ја освоиш таа е таму засекогаш, а ти не си вечен. И покрај неа, сфаќаш колку си минлив и мал. Ќе ја искачиш, доколку таа сака, и те освојува со својата убавина.

Искачувањето на врвот Кајмакчалан (2.528 нм) од грчка страна беше убаво искуство, бидејќи иако лесен, условите малку ги отежнаа ветрот и наносите на снегот по патот по којшто се движеме кон него. Како што се приближувавме кон врвот, јачината на ветрот од 70 километри на час уште повеќе се чувствуваше. Единствено тогаш си среќен заради килограмите.

Движењето беше во близина на скијачки терени, па имавме можност да видиме како изгледа зимски туризам во Грција. Иако немаше доволно снег, сепак имаше скијачи. Грчката логика на функционирање, се гледаше и таму, ќе трошиме иако немаме. Можеби се работи за мал скијачки центар, но подобар им е туризмот на море.

На врвот Кајмакчалан се наоѓа црквата Св.Петар која изгледаше како замрзнат замок. Интересно е што црквата е изградена со остатоци од оружјето од најпознатата битка која се водела таму, битката за Кајмакчалан во 1916 година. Врвот е познат под името Борисов град и Порта на слободата, а во чест на загинатите борци има и спомен-костурница.

Тоа е прва црква што ја видов на врв и веројатно единствената во која иако влегов не успеав да запалам свеќа. Тие што веќе бевме внатре, а не имаше многу требаше да се враќаме назад, за да ослободиме место за другите кои одеа по нас (110 луѓе во организација на I love hiking). Се задржавме кратко, а беше безуспешен и обидот да направам некоја фотографија.

Како куриозитет на турата е што пред врвот сретнавме една тетка со здолниште и потпетици, па логиката ја баравме дека можеби истите ги користела како дерези.

На 33 километри од Кајмакчалан се наоѓа Лутраки (Пожарско) каде што по мрзнењето горе, луѓето имаа можност да се одмрзнат во термалните води на оваа позната бања. Пределот е живописен, со водопади од кои заради топлината на водата испаруваат, па на местото му даваат некоја посебна магија.

За оние кои сепак одлучија да останат суви, спас беше ресторанот каде што заради нас им снема „митас“. Но турата, не е добра ако не се заврши со пиво. Тоа е непишано правило меѓу нас „хајкерите“.

На враќање, фативме малку и од блокадите на грчките земјоделци, па одблиску видовме како се организирани и како тоа изгледа во живо.

Се на се, беше еден убав ден. Ден на вистината и вистинското уживање.

Фото: Александар Алексов

 

jQuery Slider
При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Најчитани вести