Ангеловска: Желбата ми беше да успееме и да го смениме пазарот на е-трговија

Ако кога почнувате бизнис тргнете со ентузијазам и верба дека ќе го смените пазарот на е-трговија и после пет години сте успеале во тоа, тогаш заслужена е сатисфакцијата што ќе се најдете на листата на 100 жени основачи на старт-апбизниси од Европа (100 Female Startup Founders Europe) на германскиот магазин The Hundert.

Ко-основачот на Grouper.mk, Нина Ангеловска успеа во тоа. Кога „Групер“ започна со работа во 2011 година, помалку од 1% од населението купуваше онлајн за сега тој процент да изнесува над 15%. „Групер“ предизвика револуција во онлај купувањето во земјава.

Денеска сајтот за продажба на групни попусти има над 2000 соработници, 105.000 корисници и над 470.000 продадени купони. Се чека 500тини илјадитиот продаден купон.

Во 2015 година остварил раст на обртот и бројот на трансакции од над 60% во однос на 2014. Дневните посети изнесуваат околу 25.000-30.000.

Гледајќи ги бројките, но и влијанието кое „Групер“ го направи на онлајн пазарот, Ангеловска заслужено се најде на листата на ова германско списание кое известува за старт-ап сцената во Европа, а истата ја сподели и Forbes препознавајќи ја како квалитетна. Списанието се дистрибуира преку повеќе партнери и на бројни настани повразни со старт-ап и претприемништво во Европа.

Овој престижен магазин, листата ја објави со наслов Women Of Europe: Connect And Learn From 100 Successful Female Founders укажувајќи дека само 15% од старт-апите во Европа се основани од жени.

„Пред 3 месеци колешките ми пренесоа дека сме добиле повик од германски магазин кој побарал да воспостави контакт со мене. Потоа пристигна email дека се работи за  магазинот The Hundert чие следно издание ќе биде посветено на 100 Жени основачи од Европа. Потоа ми испратија и порака на мојот Linkedin профил, а споделија и tweet во кој ме повикуваат. Одличната агресивна стратегија ми го привлече вниманието за да посакам одма да видам “каде гори” :) За кратко време добив емаил со исто така многу атрактивен наслов “Нина Ангеловска и 99 жени основачи од Европа во еден магазин” во кој покрај останатите детали се содржеше следното: “Во текот на нашето обемно и сеопфатно истражување, одлучивме дека ти си една од најуспешните и инспиративни основачи на старт-апи од Македонија. Затоа би сакале да те поканиме да бидеш една од 100те жени основачи на старт-апи кои нашиот магазин The Hundert ќе ги промовира  во следното издание.” – раскажува Ангеловска за „еМагазин“.

Целта на оваа листа е да се претстават успешните жени основачи на бизниси кои ќе ги инспирираат, охрабрат и мотивираат другите жени, бидејќи се уште е голем јазот меѓу мажите и жените основачи на компании и нивна застапеност на менаџерските позиции. Потенцијалот на жената како претприемач, се уште не е доволно искористен и тоа е една од целите на Европската Унија во насока на подобрување на економијата на европските држави во иднина.

„Сум добивала многу награди, но ова меѓународно признание на ниво на Европа ми претставува посебна чест” – додава Нина.

МОТИВАЦИЈАТА Е ВАЖЕН ФАКТОР

Клучен фактор за успехот на Ангеловска  била мотивацијата да се успее. Тој поразителен еден процент во онлајн купување, го гледала како огромен потенцијал за развој и можност за успех на овој бизнис.

„Направивме детална анализа и прилагодување на концептот на групно купување за македонскиот пазар. Иако постоеа многу бариери како отсуство на навика за купување онлајн, наклонетост кон плаќање во готово, недоверба во оналјн купувањето и др. верувавме дека атрактивноста на понудите и желбата да се заштеди ќе бидат поттик за граѓаните да го направат своето прво оналјн купување на Групер.“ - раскажува Нина.

Почетоците и пробивањето на патот секако биле тешки, но со добра макретинг стратегија уште на првиот ден на лансирањето на понуда биле продадени 200 купони во рок од 24 часа.  Почетните кампањи биле со едукативна содржина за аспектите на онлајн купувањето, безбедноста и воопшто концептот на групното купување.  Воедно компаниите се едуцирале за новиот концепт и важноста на нивното вклучување во оналјн светот преку новата промотивна алатка.

На почетокот најмногу се нуделе понуди за услужни дејности (ресторани, салони за убавина, култура), но за кратко време портфолиото на понуди почнало да се шири вклучувајќи патувања и производи. Денеска најпродавана категорија е храна и пијалок, најатркативна патувањата, а расте интересот и продажбите за најразличните производи кои се нудат. Понудата на производи постојано се шири, а вклучува од мали апарати за домот, накит, бела техника и спортска опрема до најразлични производи за деца.

„Како посредници меѓу компаниите и крајните корисници, целта е да се избере најдобрата понуда и да бидат задоволни и двете страни. На компаниите им носиме голем број на нови клиенти, додека корисниците имаат можност да откријат нови места, искуства и вкусови и доколку се задоволни повторно да се вратат кај компанијата“ вели Ангеловска.

Тимот на „Групер“ многу често организира најразлични активности и кампањи со кои се труди да додаде вредност како за крајните корисници, така и за своите соработници. Од денес стартува нова акција „Недела на храна со Групер“  која ќе понуди недела исполнета со различни вкусови преку над 50 зделки за храна во соработка со над 30 локали.

Како една од неодамнешните успешни кампањи Ангеловска ја истакнува кампањата по повод 5тиот роденден - „5 златни зделки за 5 години Групер“ во рамките на која биле продадени речси 20.000 купони. Најпродавана зделка од кампањата, со над 9000 продадени купони, била зделката која го понудила најголемиот попуст на спортска опрема до сега во соработка со „Спорт вижн“.

„Се што правиме, го правиме со приказна. Клучот за успехот е работа и само работа како и постојано учење и надградување. Неопходно е постојано следење на трендовите, за да се биде во чекор со барањата и потребите на клиентите и секогаш да се понуди дополнителна вредност. Преку нашиот блог ги известуваме корисниците за новите кампањи и активности, а ги споделуваме и истражувањата кои ги правиме на пазарот,“ додава Нина.

Од јули 2014 година ја лансираа мобилната апликација најпрво за Android , а кратко потоа и за iOS  која го олесни купувањето и целокупното искуство за корисниците. Корисниците на апликацијата може да купат купон со еден клик во движење и веднаш да го искористат без претходно печатење на истиот. Денес има над 35.000 корисници на Grouper.mk апликацијата, а истата постојано се надградува со нови фукнции.

ШТО КЛИЕНТОТ ЌЕ ПРОЧИТА, ТОА ТРЕБА И ДА ГО ДОБИЕ

„Групер“ денес речиси и да немаат сериозна конкуренција на пазарот. Постојат неколку други сајтови за групни попусти но „Групер“ убедливо ја држи лидерската позиција.

„На конкуренцијата секогаш гледаме како на мотиватор за уште поголем успех и предизвик за одење напред во насока на подобрување и креирање на дополнителна вредност за соработниците и крајните корисници. Многу сајтови се појавија на почетокот, но голем дел згаснаа по кратко време бидејќи не се работи само за едноставно поставување на платформата, потребно е многу знаење, вештини, добро менаџирање и напорна работа“ додава таа.

Во однос на соработката со компаниите, Ангеловска објаснува дека на голем дел од нив им помогнале во развивање на бизнисот, но сепак имало и такви со кои ја прекинале соработка поради одредени незадоволства на корисниците.

„Задоволството на корисниците се базира врз очекувања што ги имаат пред да ја добијат услугата. Многу е важно она што ќе го прочитаат во понудата тоа и да го добијат, затоа одиме во прецизни спецификации на понудите. Така на пример ако се работи за храна, корисникот треба да го добие јадењето исто како што е претставено на фотографијата во зделката“ – вели Ангеловска.

„Групер“ ги охрабруваат клиентите да кажат од што не се задоволни. Секоја зделка има дел за коментари, а достапни се и преку емаил поддршката, како и контактот на социјалните медиуми. Фидбекот е важен, за како што вели Нина да знаат и да реагираат во насока на подобрување.

Моќта на „Групер“ е препознаена од компаниите кои веќе го вклучуваат како промотивна алатка во своите маркетинг планови па повеќе од 10 компании дневно ги бараат за соработка.

„Групер  е алатка за секоја компанија без разлика на индустријата. Понекогаш станува збор за новотоворени компании кои своите производи/услуги сакаат да ги пробијат на пазарот преку Групер. Секако предизвикот е тие да ги задржат како редовни клиенти со давање квалитетна услуга и постигнување на задоволство. Етаблираните компании пак преку нас привлекуваат нови клиенти или пак промовираат нови услуги или производи со што добиваат брз фидбек. Одредени компании може да ја користат промоцијата за распродавање на одредени залихи или пак за целосно пополнување на капацитетите и со тоа постигнување  економија од обем“ вели Ангеловска

Таа додава дека расположеноста на компаниите за соработка на самите почетоци значела многу, бидејќи првите десет компании на кои го претставиле концептот на работа на „Групер“ веднаш се согласиле да се впуштат во оналјн продажба и да ја пробаат новата алатка.

„Тоа ни беше голем поттик, многу не охрабри и влијаеше позитивно на нашата мотивација. Сега веќе кога брендот е создаден е многу полесно. Се работи за искусен тим, кој знае да ги направи најдобрите понуди за компаниите од една страна, а воедно и најатрактивните за корисниците од друга страна“ вели Нина.

НА ПАТУВАЊА ТРОШИМЕ ПАРИ, НО НЕ ПРАВАТ ПОБОГАТИ

Она што го истакнува како посебно значајно е тимот кој денеска брои 13 луѓе. Според Ангеловска,  тие се силата на компанијата и секој од нив е значајна алка во тој синџир кој постигнува успех. Секој со својата идеја, размислување и работа придонесува во градењето на успешната приказна.

Оттука многу често прават тим билдинг патувања, со различни содржини кои придонесуваат за засилување на тимскиот дух и мотивацијата.

„Потребно е секој од вработените да се чувствува дека придонесува во работата и дека е важен дел од сложувалката“ додава таа.

И приватно, секој слободен викенд или време ги користи за патувања и откривање на нови дестинации.

„Патувањата се нешто на кое трошиме пари, а не прави побогати,“ вели таа.

Инаку е спортски тип на девојка која што енергијата ја троши на вежбање и спортување, а чувството после секој тренинг го опишува како бесценето.

Го истрча и полумаратонот на „Виз ер“, а неодамна беше и дел од една кампања на „Најк“ како амбасадор на брендот.

Плановите врзани за „Групер“ се вертикално ширење на брендот, воведување на нови производи, внесување на новини за корисниците, олеснување на он-лајн купувањето и  подобрување на искуството на клиентите преку овој начин на купување.

Наскоро очекува и да докторира на темата „Одговорите на менаџментот на предизвиците во е-трговијата во Република Македонија – Случај на сајт за групно купување преку дневни зделки -Grouper“ на Економскиот факултет каде што често е поканета да ја сподели нејзината успешна приказна со студентите со цел да ги инспирира и мотивира.

„Мајка ми секогаш ме воспитуваше дека учењето и знаењето се единствената работа која никој не може да ни ја земе. Покрај учењето и знаењето во успехот сметам дека играат улога гените на моите родители, имав од кого да учам и на кого да се угледувам.  Додека студирав ги посетував сите можни обуки кои ќе ги видев. Денеска ми е чест што се наоѓам од другата страна како говорник на бројни настани, конфенции и тренинзи“  вели Ангеловска која како апсолвент на натпревар за најиновативен бизнис план, победи и освои чек од 5.000 евра, пари кои ги вложи за да ја започне „Групер“ приказната.

Од богатото мени на ресторанот „Гурмет“ избравме пилешко во кари сос и „цезар“ салата.

jQuery Slider
При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Најчитани вести