„Тера Мадре Македонија“: Презентирани македонската разновидна храна и автентични производи

Повеќе од 10.000 посетители, во изминатите три дена, уживаа во дегустација и презентација на македонски традиционални производи во рамки на манифестацијата „Тера Мадре Македонија“.

Слаткото од диви смокви, виното од станушина, буковската пипер, сирењата од мавровско-реканскиот регион, медот од македонската медоносна пчела, беа само дел од производите поставени на 50-тина штандови кои можеше да се видат и вкусат на трпезите на битолскиот плоштад.

Организатор на манифестацијата е Слоу Фуд Македонија, од каде истакнуваат дека се презадоволни од посетеноста на настанот под мотото „Мрежа која инспирира промени“.

„Навистина сме задоволни од посетеноста на првиот национален настан Тера Мадре Македонија, кој ја исполни својата примарна цел – да ги презентира македонскиот биодиверзитет на храна и автентичните прехранбени производи.

На едно место, собравме и презентиравме стари вкусови, едуциравме нови генерации за нашата традиција дека доколку се комбинираат добрата храна, одговорноста и задоволството, тогаш се гарантира опстанокот на многу сорти, раси, производи и методи на преработка“, вели Емилија Неделковска од организацијата Слоу Фуд Македонија.

Неделковска вели дека на Битолчани и на гостите, во најдобро светло, им ја презентирале македонската храна и целокупното богатство кое, иако малку е подзаборавено, сепак, се уште ја отсликува традицијата на македонскиот народ.

„На овој настан беше ставен акцент на вмрежувањето на малите производители во една национална мрежа која, во иднина, ќе служи како платформа за воспоставување дијалог со претставниците на институциите, експертите, граѓанските организации, производителите и останатите чинители“, вели Неделковска.

Според неа, на овој начин, е обезбедена и поддршка на малите фармери и на одржливиот развој на  руралните средини.

На дел од штандовите се презентираа и македонското органско производство, како и производи од традиционални и занаетчкиски производства.

„Концептите на Слоу Фуд во однос на храната со оние на органските производи се многу блиски. Затоа, на Тера Мадре Македонија ги презентиравме и овие производи за кои е потребен посебен начин на одгледување.

Слоу Фуд верува дека секој треба да има пристап до добра, чиста и квалитетно одгледувана храна, која при одгледувањето ги зема во предвид еколошкиот, социјалниот и економскиот аспект. Македонија има огромен потенцијал за производство на органска храна, во што се уверија и посетителите на настанот“, вели Анита Главевска од Слоу Фуд Македонија.

На првиот настан Тера Мадре Македонија, се одржаа многу конференции каде се дебатираше за храната и традиционалните производи, се организираше младински камп и се презентираа петте президиуми на Слоу Фуд Македонија.

На настанот учествуваа гости од Италија, Шпанија, Турција, Бугарија и Албанија. Оваа манифестација, според организаторот Слоу Фуд, ќе прерасне од национален во регионален настан.

Слоу Фуд Македонија ја организираше оваа манифестација со финансиска поддршка на Европската Комисија, преку проектите “Еколошко одржлив социо–економски развој на руралните средини (ЕССЕДРА)„ и “Зачувување и маркетинг на традиционални сирења од фарма (П&М)„ како и партнерите: Постојаната работна група за регионален рурален развој во Југо источна Европа SWG поддржана од програмите на ABD и GIZ, Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка, Центарот за развој на пелагонискиот плански регион, Општина Битола и многу приватни компании.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести