Дервиши: Средствата на задолжителните пензиски фондови континуирано растат

Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС, Булент Дервиши вели дека средствата на задолжителните пензиски фондови континуирано растат од почетокот на нивното работење, па така се забележува пораст од 21% и на крајот на 2015 година во однос на крајот на 2014 година.

Во текот на 2015 година, во двата задолжителни пензиски фондови биле уплатени околу 5,1 милијарди денари, кои заедно со акумулираните средства беа инвестирани во согласност со законските прописи.

Пензиските друштва имаат законска обврска, најмалку еднаш годишно, да ги информираат, во писмена форма, членовите и пензионираните членови на пензискиот фонд, за состојбата на средствата на нивните индивидуални сметки.

Колку изнесува бројот на членови во вториот столб на крајот на 2015 година, по десет години негово оперативно функционирање? Каква е состојбата на членството во третиот столб?  

-Во 2015 година, бројот на членови во двата задолжителни пензиски фондови кои работат во рамките на вториот столб се зголеми за 8,6% во однос на 2014 година и изнесува околу 405.000 членови, што претставува околу 73% од вкупниот број осигуреници во Фондот на ПИОМ. Членовите во вториот столб се релативно млади лица кои имаат можност за долгорочно штедење на средства на нивните индивидуални сметки, за идна пензија.Просечната возраст на членовите во вториот столб е 34 години. 

Што се однесува на бројот на членови во третиот столб исто така можеме да забележиме пораст во однос на 2014 година од 6%, иако вкупниот број на членови е помал во однос на бројот на членови во втор столб и изнесува околу 21.750 членови. Од вкупниот број на членови во трет столб,  68% се учесници во пензиска шема со професионална сметка, а останатите се членови со доброволна индивидуална сметка. Членовите во третиот столб, во просек, се повозрасни во однос на членовите во вториот столб, односно просечната возраст на членовите во третиот столб е 43 години.

Секој член на пензиски фонд има право да премине во друг пензиски фонд, ако не е задоволен од пензиски фонд каде што членува, т.е. од друштвото што управува со него. Дали членовите во вториот и третиот столб го користат правото на премин од еден во друг пензиски фонд? 

- Значајно право во еден систем на капитално финансирано пензиско осигурување, како што е нашиот, е преносливоста на средствата. Имено, сите членови, на задолжителен или на доброволен пензиски фонд, имаат право на избор и право на промена на избраниот пензиски фонд, по сопствена желба, во секое време. При промената на пензискиот фонд се пренесуваат и заштедени средства на членовите.

Исто така и во случај на учество во професионална пензиска шема, лицето има право, при премин кај друг осигурител, да ги пренесе заштедените средства или во друга професионална пензиска шема или на доброволна индивидуална сметка. Важно е да нагласиме, дека доколку лицето членувало во задолжителниот пензиски фонд (вториот столб) пократко од 24 месеци, при премин, тоа е должно да плати надоместок за премин (во износ од 15 евра, во 2015 година).

Ако лицето членувало во некој задолжителен пензиски фонд подолго од 24 месеци, тогаш преминот во друг фонд е бесплатен. Истото се однесува и за членовите во третиот столб, односно доколку лицето е член на постоен доброволен пензиски фонд (третиот столб) пократко од 12 месеци, при преминот треба да плати надоместок за премин (во износ од 10 евра, за 2015 година). Доколку, лицето членувало во некој доброволен пензиски фонд подолго од 12 месеци, тогаш преминот во друг фонд е бесплатен.

Сепак, и понатаму останува многу мал бројот на лица кои направиле промена на пензиски фонд во кој членуваат. Во текот на 2015 година, вкупниот број на членови во втор столб, кои преминале од еден во друг задолжителен пензиски фонд, изнесува 27, што претставува 0,01% од вкупниот број членови во втор столб. Додека пак, само 10 членови го промениле доброволниот пензиски фонд, што претставува 0,05% од вкупниот број членови во трет столб. 

Колку средства вкупно се акумулирале на личните сметки на членовите во вториот и третиот столб, во текот на нивното работење? 

- Средствата на задолжителните пензиски фондови континуирано растат од почетокот на нивното работење, па така забележуваме пораст од 21% и на крајот на 2015 година во однос на крајот на 2014 година. Во текот на 2015 година, во двата задолжителни пензиски фондови беа уплатени околу 5,1 милијарди денари, кои заедно со акумулираните средства беа инвестирани во согласност со законските прописи.

Вредноста на средствата на задолжителните пензиски фондови, на 31.12.2015 година достигна 40 милијарди денари (650 милиони евра), што претставува околу 7,13% од БДП на РМ. Исто така, бележиме и континуиран пораст на средствата на доброволните пензиски фондови во текот на работењето на третиот столб. Во текот на 2015 година, во третиот столб беа уплатени околу 217 милиони денари, кои заедно со акумулираните средства беа инвестирани во согласност со законските прописи. Вредноста на средствата на доброволните пензиски фондови, на 31.12.2015 година, достигна до 0,7 милјарди денари (12 милиони евра), што претставува околу 0,13% од БДП на РМ.

Инвестирањето на средствата на пензиските фондови е една од главните обврски на пензиските друштва. Дали пензиските друштва ги почитуваат пропишаните инвестициски ограничувања и какви се резултатите за 2015 година? 

Една од главните карактеристики на капитално финансираното пензиско осигурување е тоа што средствата во него се приватно и конкурентно управувани, така што уплатените придонеси се инвестираат од страна на специјализирани лиценцирани пензиски друштва. Односно, овој начин на осигурување е заснован врз принцип на акумулирање на средства од придонеси на индивидуални сметки, кои понатаму се инвестираат и остварениот принос од инвестициите, намален за трошоците на работењето на системот, во целост се додава на средствата акумулирани на индивидуалните сметки, од кои ќе зависи идната пензија на осигурениците. 

Токму затоа, пензиските друштва може да ги инвестираат средствата на пензиските фондови во строго регулирана средина, што значи дека во закон и во подзаконски акти се дефинирани инвестициските цели и принципи, видовите на инструменти во кои можат да се вложуваат средствата на пензиските фондови, условите што треба да ги исполнуваат регулираните секундарни пазари на капитал, каде што се тргува со средствата на пензиските фондови, квалитетот на инструментите во кои може да се вложува, држави или групи на држави во кои може да се инвестираат средствата на задолжителните пензиски фондови, инвестициските ограничувања во рамките на инструментите и издавачите, забранетите инвестиции, надминување на инвестициските ограничувања, итн. 

МАПАС секојдневно врши супервизија на инвестициските активности на пензиските друштва, па така во текот на 2015 година може да забележиме дека и двата задолжителни пензиски фонда и двата доброволни пензиски фонда ги почитуваа максималните инвестициски ограничувања. Инвестициското портфолио на задолжителните пензиски фондови, на крајот на 2015 година, се состои од домашни инвестиции кои вклучуваат државни хартии од вредност (60%), депозити (7%) и акции (3%), како и инвестиции во странство кои вклучуваат акции (5%) и удели на инвестициски фондови (22%) и многу мал дел државни обврзници (0,21%). 

Во текот на 2015 година, сметководствената единица и на двата задолжителни пензиски фонда бележеше пораст. Како резултат на работењето на задолжителните пензиски фондови, во седумгодишниот период 2009 – 2015, беше остварен просечен годишен принос во номинален износ од 7,49%, односно 6,08% во реален износ.

Инвестициското портфолио на доброволните пензиски фондови, слично како инвестициското портфолио на задолжителните пензиски фондови, се состои од домашни инвестиции кои вклучуваат државни хартии од вредност (49%), депозити (12%) и акции (10%), како и инвестиции во странство кои вклучуваат акции (5%) и удели на инвестициски фондови (23%). 

Исто така, во текот на 2015 година, сметководствената единица и на двата доброволни пензиски фонда бележеше пораст. Како резултат на работењето на доброволните пензиски фондови во шестгодишниот период 2010 – 2015, беше остварен  годишен принос во номинален износ, во опсег од 6,16% до 6,56%, односно годишен принос во реален износ, во опсег од 4,25% до 4,64%. 

Кои активности ги презема МАПАС за развивање на свеста на јавноста за значењето на капитално финансираното пензиско осигурување?

- Капитално финансираното пензиско осигурување обезбедува висок степен на транспарентност, што претставува една од неговите најважни карактеристики. Токму затоа, една од целите на МАПАС е да придонесува за развивање сигурен и транспарентен пензиски систем кој ја има поддршката на членството и јавноста. Сите овие години, од формирањето на тристолбниот систем во Р. Македонија активно и во континуитет МАПАС работи на развивање на свеста на јавноста за целите и принципите на капитално финансираното пензиско осигурување. 

Изминатиов период, МАПАС е учесник во неколку проекти за подигнување на јавната свест за пензиското штедење. Би ги издвоиле следните активности: Учество во едукативната кампања за пензиско штедење под мотото ” Моето друштво е мој избор, а штедењето моја иднина... “, што опфаќа посети и презентации во средни училишта и факултети низ повеќе градови во нашата држава; Учество во проектот “ДЕН ЗА ВАС”, кој се реализира со отворени штандови низ повеќе градови во нашата држава, овозможувајќи им на граѓаните надминување на сите отворени прашања од областа на пензиското и инвалидското осигурување; Иницирање на маркетинг кампањата на двете пензиски друштва, под мотото “Каков пензионер си станал...”, во март и април 2016 година, чија цел е да се допре до младата генерација и да се зголеми нивната информираност на еден поинаков начин; итн.

МАПАС има законска обврска еднаш годишно да изготви и да објави извештај за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување во РМ. Извештајот за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување за 2015 година е веќе изготвен и објавен на веб страницата на МАПАС, а дополнително ќе биде организирана и промоција на истиот за јавноста. 

Исто така, МАПАС редовно изготвува електронски информатор - Е-МАПАС (http://mapas.mk/?p=631), во кој на приемчив и сликовит начин на читателите им се приближуваат релевантните теми од капитално финансираното пензиско осигурување. Е-МАПАС се објавува на интернет (http://mapas.mk/)  и Facebook (www.facebook.com/MAPAS.MK) страницата на МАПАС и истовремено се доставува на сите членови по електронска пошта.

Врз основа на секојдневните контакти со членови и потенцијални членови во вториот и третиот столб, а со цел на едноставен и брз начин секој заинтересиран граѓанин да може да се запознае и информира со карактеристиките на вториот и третиот столб, МАПАС изработи Брошура со 50 најчесто поставувани прашања. Информативната брошура содржи прашања и одговори и може да се користи како едукативен материјал за младите со цел нивно запознавање со основните и најзначајни прашања  од  областа на капитално финансирано пензиско осигурување.

Еден од следните чекори за развивање на свесноста за долгорочното штедење за пензија, кој МАПАС планира да го преземе во иднина е “Денот за пензиска свесност”. 

Важно е да се нагласи дека членовите во вториот и третиот столб редовно, еднаш во годината добиваат и “зелен плик”. Какви информации можеме да најдеме во истиот?  

- Пензиските друштва имаат законска обврска, најмалку еднаш годишно, да ги информираат, во писмена форма, членовите и пензионираните членови на пензискиот фонд, за состојбата на средствата на нивните индивидуални сметки. Со цел да ги доближиме на повпечатлив и поразбирлив начин овие информации до членовите МАПАС го формираше концептот „зелен плик”. 

Во зелениот плик има два вида извештаи: Првиот извештај претставува информација за состојбата на средствата на индивидуалната сметка за пензиска заштеда, а  вториот извештај содржи информации каде се инвестирани средствата на сите членови, детални податоци за наплатените надоместоците и остварениот принос на пензискиот фонд.

Пензиските друштва до членовите и пензионираните членови на пензиските фондови со кои управуваат, годишните известувања за 2015 година ги доставија до 31.03.2016 година.

 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови