ЕКСКЛУЗИВНО Ролф Шнебели, првиот човек на Силк Роуд Банка: Ќе направиме револуција во банкарството во Македонија

По долгодишно работење во областа на банкарството, маркетингот и финансискиот сектор во Сити груп во Швајцарија, Дубаи, Индија, Светскиот совет за злато, Gold Services AG..., швајцарецот Ролф Шнебели, ќе има нов предизвик, да застане на нозе банка во Македонија, која со години работеше со загуби, и каде банкарскиот пазар е развиен, стабилен и има силна конкуренција.

И официјално, тој е новиот прв човек на Силк Роуд Банка, во јавноста позната како поранешна Алфа банка.

Во првото интервју за македонски медиум, за еМагазин, Шнебели, зборува за плановите на Силк Роуд Банка, кои ќе бидат адутите на Банката, во каква состојба е Банката по нејзиното купување од страна на швајцарската компанија  Silk Road Capital AG...



Финансиските извештаи за работењето на поранешната Алфа банка покажуваат драстични промени во резултатите од година во година. Во 2014 година работела со загуба, претходната година со добивка, во 2012 година повторно со загуба... Во каква состојба ја најдовте Банката по купувањето?

Секако пред купувањето на Банката направивме сериозно скенирање на нејзиното работење, како и на македонскиот банкарски пазар, и дојдовме до заклучок дека земјата има потенцијал за раст на банкарскиот сектор и дека Алфа банка има добра основа за развој.

Кога во мај стартуваме со работа, веќе имавме добра слика за банката.

Претходно разговаравме со вработение, разгледавме многу документи за работењето на Банката, направивме детална анализа на нејзиното финансиско работење... со цел да ја добиеме целата слика.

Кога купувате банка мора да се осигурате дека купувате нешто што навистина има вредност.  

И кога конечно целосно влеговме во Банката, бевме задоволни што не наидовме на негативни изненадувања.



Македонскиот банкарски сектор се смета за прилично стабилен и доволно развиен. Кој ќе биде настапот на Вашата банка, каде ќе биде Вашиот фокус?

Добро сме запознаени со функционирањето на банкарскиот сектор во Македонија, и нашиот настап на пазарот ќе биде поразличен од начинот на кој се водеше банката пред ние да дојдеме.

Зад Алфа банка стоеше цел систем, со мрежа низ Балканот, а ние сега ќе делуваме како индвидуален субјект, без корпорација позади него.

Нормално е дека во таква ситуација, нашиот таргет да не бидат големите, туку средните компании.

Ние веќе имаме развиено неколку продукти, кои планираме да ги надоградиме и секако да воведиме нови.



Македонските компании, посебно средните, но и малите, кои се околу 90% од вкупниот број на фирми во земјата, постојано се жалат дека банките не им излегуваат во пресрет. На нашето стопанство му фалат многу пари. Дали Ви е познато тоа?

Тоа не е проблем само во Македонија, туку насекаде. Затоа ние избираме да работиме токму со малите и средните компании.

Секако нашиот основен таргет се клиентите кои веќе ги имаме и тие што доправа ќе ги имаме.

Сакаме да ги слушнеме нивните потреби и целосно да им излеземе во пресрет и да им помогнеме во нивниот раст и развој.

Зошто компаниите и граѓаните да ја изберат вашата Банка?

Од Силк роад банка наскоро очекувајте еден сосема друг пристап на работењето и во делот на понудата и во делот на маркетингот. Планираме да ги смениме работите на пазарот и направиме вистинска револуција.



Koj e Ролф Шнебели

Ролф Шнебели дипломирал со магистратура по економија, бизнис, даночно право и трговско право на Универзитетот во Цирих и има богатство меѓународно искуство во областа на банкарството, инвестиции, благородни метали и маркетинг.

По дипломирањето, ја започнал својата кариера во голема меѓународна банка, Сити банк.

Специјализирал во приватното банкарство и менаџмент со средства во Швајцарија и во Хонг Конг.

Во 1995 година станува дел од Светскиот совет за злато, маркетинг организација на глобалната рударската индустрија, која побара од него да се воспостави нови регионални центри во Дубаи, и е одговорен за Блискиот Исток и Индискиот потконтинент.

Тој е основач на Dubai Godl & Jewellery Group, прва ваква организација во регионот.

Со партнери ја стартувал првата Dubai Gold coin и бил вклучен во либерализацијата на индискиот пазар на злато.

Во Дубаи, е еден од основачите на “Swiss Business Council”.

Од 2000 до 2004 година работи Swiss bank во Луксембург, а подоцна е активен во приватни вложувања.

Во 2007 година се вратил во Дубаи, како советник на голема трговска куќа, а подоцна станува извршен директор на една од најголемите златарници на Блискиот Исток и во Индија.

Шнебели е оженет и татко на две деца.

 

 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови