Професор Д-р Миле Станковски, декан на ФЕИТ: Горди сме поради нашите студенти

Повод за интервју со професор Д-р Миле Станковски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје се уписите на студенти за учебната 2016/2017 година, креирањето на новиот електричен картинг, стипендирањето и мобилноста на студентите и професорите

Кон крајот на август почнуваат уписите на Факултетите во Македонија. Како ФЕИТ се подготвува да ги прими новите студенти? Што ќе им понудите?

Факултетот за електротехника и информациски технологии секогаш е подготвен да ги прими најдобрите средношколци, кои сакаат да изучуваат технички науки. Иако е летен период, кај нас, во полн ек се подготвките за уписите на новите колеги – бруцоши. Центарот за нови студенти, веќе неколку месеци, организира инфо и отворени денови, каде ги информира средношколците за условите за студирање, насоките, финансирањето на студиите.

Како образовна институција, исклучително важно и сериозно внимание посветуваме на квалитетот на студиите. Кај нас мора да се учи и да се вложи труд за да се добие знаење. Инженерската диплома не е во функција, доколку не е поткрепена со силно теоретско и со практично знаење.

Токму поради ова, нашите студенти се вработуваат многу лесно, дури и пред да дипломираат. Македонското стопанство ги апсорбира кадрите што завршиле на ФЕИТ, а голем дел од нив, поради своите афинитети, заминуваат и во странство.

Јас секогаш велам дека на ФЕИТ се потребни труд и посветеност за да се заврши, но студентот добива одлична база која му отвора разни полиња на дејствување. Не е предизвикот четири години од својот живот да ги „вложите“ во учење и работа за да завршите, туку предизвикот е наредните 40 години со љубов и огромно внимание да го работите тоа што сте го завршиле.

Од аспект на понуда, годинава остануваме на тоа што најдобро функционира и се бара во моментов. Тоа се седум студиски програми на додипломски студии и поголем број програми за магистерски и докторски студии.

Овие програми нудат широк дијапазон на избор каде може да се насочат кандидатите и буквално, може да работат во секое поле од областите што ги покриваме. На додипломските студии ги нудиме следниве студиски програми: Електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија (ЕАОИЕ), Електроенергетски системи (ЕЕС), Електроенергетика, управување и менаџмент (ЕЕУМ), Компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика (КСИАР), Компјутерски технологии и инженерство (КТИ), Компјутерско хардверско инженерство и електроника (КХИЕ) и Телекомуникации и информациско инженерство (ТКИИ).

Зборувавме за квалитетот на студирање, но треба да ги споменеме и бројките. Колку студенти се запишуваат на ФЕИТ и колку од запишаните дипломираат? Задоволни ли сте од интересот на средношколците за техничките науки?

Секоја година се зголемува бројот на запишани студенти – бруцоши, што само по себе говори дека се зголемува и интересот за студирање на нашиот Факултет. Оваа година планираме да запишеме 440 бруцоши во државна квота и 210 со ко-финансирање.

Ме радува фактот што интересот на средношколците, речиси рамномерно, е распределен кон сите студиски програми на Факултетот. Нормално е во одреден период да доминира одредена студиска група, но во принцип, имаме еднаква распределба на запишанистуденти.

Во досегашното 57-годишно функционирање на Факултетот, имаме повеќе од 10.000 дипломирани инженери, речиси 1000 магистри и повеќе од 130 доктори на науки. И бројот на дипломирани студенти расте. На последната промоција на дипломци и магистри, имавме скоро 250 инженери.

Рековте дека дел од средношколците, но и студентите, ќе заминат во странство да студираат. На кој начин може да ги убедиме да се запишат на нашите факултети или доколку се запишат на странски универзитет, да се вратат во земјава и да го вложат својот потенцијал во развојот на државата?

Мобилноста на кадарот е нормална работа. За мене е прифатливо наши средношколци, своето образование да го продолжат во други земји и таму да се стекнат со знаења и вештини кои подоцна ќе ги трансферираат во развојот на македонското стопанство. Впрочем, тоа го овозможуваат и го поттикнуваат и многу програми за мобилност. И тука не постои проблем за кој треба да се плашиме.

Она на што, како општество, треба да посветиме внимание е да најдеме одговор на прашањето „Што по завршување на студиите?“. Засега, ние како ФЕИТ, имаме решение за нашите дипломирани кадри, кои многу лесно се вработуваат и влегуваат во стопанството.

Исто така, нашите студенти одат во странство и стекнуваат дополнително знаење или ја продолжат својата кариера, бидејќи се квалитетни и можат да дадат сериозен придонес во развојот на светското инженерство.

Не сакам да говорам за квалитетот на образование што, генерално, се нуди во земјава. Само ќе повторам дека трудот, работењето, учењето, практичниот ангажман и максималната посветеност од страна на професорите кон секој студент, е формула за успех на системот во целост.

Кога говориме за мобилноста, нормално е во овој процес да биде вклучен и наставниот кадар, кој преку разни проекти и соработки, постојано е во комуникација со колеги од образованието и индустријата, надвор од границите на Македонија.  Кај нас предаваат голем број визитинг професори од реномирани светски универзитети а и нашите професори претстојуваат на странските универзитети како визитинг професори.

Како Факултет соработувате со многу компании во Македонија и во светот во насока на обезбедување практична настава за студентите, стипендии, но и вработувања?

Областите кои ги изучуваме на Факултетот имаат применливост и не е можно да дипломирате само со теоретско познавање на нештата. За дипломираните студенти веднаш да влезат во индустријата, тие мора да бидат теоретски и практично подготвени. ФЕИТ има потпишано меморандуми за соработка со повеќе од 150 компании во Македонија, каде нашите студенти извршуваат практична работа.

Исто така, многу компании „вложуваат“ во своите идни кадри преку нивната поддршка со стипендии. Како Факултет имаме повеќе од 50 стипендии за наши студенти од различни компании и организации. Сакам да потенцирам дека стипендирањето не е причина да се студира на ФЕИТ, но е добра можност, секој студент да се посвети само на учењето и работата.

Стипендијата, на некој начин, значи и сигурно вработување на кандидатите. Горди сме што, речиси, нема невработен инженер кој завршил на ФЕИТ. Напротив, сме во ситуација кога може општеството и индустријата бараат уште поголем број инженери.

Нормално е, доколу работите квалитетно и посветено, другите тоа да го препознаат и да го вреднуваат. Кај нас, секоја година, се повеќе се зголемуваат проектите со домашни и странски партнери, во кои се вклучени нашиот професорски кадар и студентите.

Вашиот факултет е познат по тоа што студентите покрај теоретските основи се стекнуваат и со практични знаења. Како е организирано тоа на ФЕИТ?

Од нашиот факултет излегуваат инженери кои се добро теоретски подготвени но и оспособени со практични знаења. Факултетот располага со голем број на лаборатории во кои се изведуваат лабораториските вежби но и дел од практичната работа. Факултетот одвојува големи средства за осовременување на опремата во лабораториите.

Во тоа има помош и од македонските компании. Секоја година градиме по неколку нови лаборатории а и ја осовременуваме опремата во постоечките лаборатории. Во последните неколку години добивме и неколку нови лаборатории од Владата на Република Македонија. Во нашите лаборатории се работи на научно-истражувачките проекти во рамки на кои се вклучени и голем број на студенти.

Пред извесно време го промовиравте првиот електричен картинг Феитмобил, изработен од ваши студенти и професори? Што значи ова за Вас како високо-образовна институција?

Да, Феитмобилот е еден од проектите на кој работеа студенти и професори, а ние како Факултет, заедно со УКИМ и неколку компании, финансиски го поддржавме проектот. За неполни десетина месеци, група од 15 студенти, под менторство на неколку наши професори, го направија електричниот картинг.

Тој е погонуван од електричен мотор напојуван од акумулаторски батерии. Се разбира, тимот сé уште работи на негово усовршување и модернизирање, при што ќе бидат вградени мерни и сензорски системи, системи за управување, системи за комуникација и навигација итн.Освен овој проект, на ФЕИТ се работат и многу други проекти во сите области од електротехниката и информациските технологии

Нашиот факултет е факултет со најголем број на научно-истражувачки проекти во државата.

Денес, факултетите како високо-образовни институции, не се само храмови на теоријата. Напротив, тоа се институции каде што треба она што се научило да се преточи во практично знаење и да се „создаде студент на 21 век“, кој ќе го освојува светот.

Се разбира, тоа е сериозен предизвик на кој сите треба да работиме, почнувајќи од семејството, училиштето, факултетите, институциите, општеството. Ние сме подготвени да одговориме на овој предизвик.

 

 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови