Македонија, Бугарија и Словенија ќе разменуваат податоци за буџетски трошоци

Претставници од Македонија, Бугарија и Словенија денеска на конференција во Скопје разменуваат искуства за отвореност на податоците на владите за трошење на парите од буџетот.

Според учесниците во Албанија постои софтвер во кој на дневна основа може да се видат плаќањата од буџетот што се прават. Во Бугарија има отворени податоци и во последната година е направен прогрес, иако има уште многу работи да се направат. Во Македонија, според претставниците од невладиниот сектор, законодавството дава основа за транспарентност, но оти треба подобра примена на законските регулативи и да се даде поголем отчет за трошењето на парите.

Емина Нурединовска, раководител од Македонскиот центар за меѓународна соработка, кој е организатор на конференцијата, истакна дека со конференцијата сакаат да свртат внимание на позитивните искуства од регионот и да укажат дека има потреба од поголема отвореност и достапност на податоците поврзани со трошењето на јавните средства.

Таа потенцира дека Министерството за финансии врз основа на отвореното владино партнерство и предвидените мерки пред една година ги отвори податоците за буџетот, но информациите се на општо ниво. Според неа, важно е како буџетските корисници ги распределуваат средствата и до кого стигнуваат.

Дритон Фино од Министерството за финансии на Албанија потенцира дека буџетската транспарентност е првиот чекор кон демократизација на буџетскиот процес и давањето можност граѓаните да учествуваат во процесот на формулација и алокација на ресурси.

Тој потенцира дека Владата во Албанија направила достапни за јавноста седум од клучните осум буџетски документи, но смета дека постојат уште предизвици со кои ќе се соочат.

Меѓу клучните предизвици за него се подигање на свеста на раководителите во владините тела за тоа колку е важна транспарентноста, подобрувањето на методите и алатките кои ќе помогнат за подобра информираност на граѓаните.

Лачезар Богданов од Бугарија потенцира дека предизвик било да направат Владата активно да ги објавува своите податоци наместо пасивно и да чекаат граѓаните да пишат писмо на кое ќе одговорат.

- Имаме отворени податоци од страна на Владата во однос на сите договори за јавни набавки. Имаме и регистар на сите земјоделски субвенции, вклучувајќи ги сите поединечни фармери кои ги добиваат субвенциите и дневни исплати што ги прави Владата. Во последната година и пол направивме добар прогрес, но има уште многу работи да се направат, рече Богданов.

Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации на конференцијата говореше за новата веб платформа за отворени податоци која треба да ја зголеми информираноста за начинот на кој се трошат парите на граѓаните во Македонија.

- Целта е да им кажеме на граѓаните дека со нивните пари се финансира и здравството, полицијата, се градат индустриските зони и се доделуваат субвенции. Нудиме можност секој граѓанин да ја внесе својата нето плата и да види дневно го чинат функциите на централната власт пресметувајќи го персоналниот данок, придонесите и ддв водено според онаа стапка на просечната потрошувачка, изјави Факиќ и додаде дека на плата од 22 илјади денари дневно функциите на централната власт граѓанинот го чинат 421 денар. 

Таа порачува дека граѓаните имаат право да знаат како се трошат нивните пари и оти на среден рок владите ќе бидат принудени да даваат повеќе информации бидејќи на тој начин може да се зборува за здраво и демократско општество.

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови