Азески се сретна со Тачи: За поголема трговија со Косово потребен е нов модерен автопат и пруга

Во насока на зголемување на регионалната соработка, претседателите на Стопанските комори од Македонија, Србија, Косово и Европската комора (Eurochambers), вчера во Приштина реализираа одделни средби со државниот врв на Република Косово, со Претседателот Хашим Тачи, Претседателот на Собранието Кадри Весели и со премиерот Иса Мустафа.

Како што информираат од Стопанската комора на Македонија, на приемот во претседателскиот кабинет се разговарало за важноста на регионалната соработка која несомнено може да биде интензивирана преку економиите, но со силна поддршка од властите во секоја од земјите од регионот. 

Претседателот Тачи безрезервно ја поддржал иницијативата за зголемување на регионалната соработка преку коморите, која би требало да овозможи поголема благосостојба на овие простори и ќе внесе нов импулс во понатамошниот развој.


„Целта ни е да креираме подобар свет, исполнет со повеќе можности, а за тоа користиме инструмент што најдобро го знаеме, а тоа е економијата. Сепак економската слика на државите е под влијание на политичките процеси, затоа е потребна соработка помеѓу различните чинители“, истакна Арналдо Абрузини, претседател на Eurochambers.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во своето обраќање истакна дека, иако протокот на стоки помеѓу Македонија и Косово се одвива без поголеми проблеми, сепак нагласи дека од клучно значење за зголемувањето на обемот на трговската размена е модернизација на железничката пруга која ги поврзува двете земји и изградба на модерен автопат од двете страни на границата.

На средбата реализирана во кабинетот на Претседателот на Собранието, Кадри Весели, акцентот беше ставен на економијата, која делува побрзо од политиката, но и на фактот дека политичката поддршка е важна за решавање на систематските проблеми кои го кочат слободниот проток на стоки и услуги, со потребата за намалување на трговските бариери.

„Добро е да се види дека постои интерес за зголемување и продлабочување на соработката меѓу бизнисмените од овие земји, што за политичарите од другата страна е позитивен сигнал. Имајќи предвид дека нашите економии се мали по обем, од особен интерес е регионалното поврзување на економски план, што во крајна линија ќе ја зголеми конкурентноста и позицијата на меѓународен план “, посочи Весели.

Последната работна средба беше реализирана во кабинетот на Премиерот на Република Косово, Иса Мустафа, каде поконкретно се разговараше за економските потенцијали на регионот,  а подетално беше анализирана и економската структура на Косово. Имено „зголемувањето на косовскиот бруто домашен производ од околу 4%, во изминатите два квартали, е генериран пред се од приватните компании, додека јавната потрошувачка во истиот приод е многу мала. Во таа насока е и констатацијата дека, бизнисите се тие кои можат да придонесат за зголемување на благосостојбата на државите“, истакна Мустафа.

Премиерот на Косово, ја потенцираше важноста на постоењето и развојот на малите и средни претпријатија и поради фактот што ваквиот тип компании остануваат да работат во земјата, за разлика од големите кои согласно расположливиот капацитет, бизнис интересот го бараат на поширокиот регионален и меѓународен пазар, барајќи подобри услови на стопанисување.

Во таа насока, премиерот Мустафа констатираше дека државите, секоја поединечно, треба да работат на стимулација на малите претпријатија, а партнерството на коморите да ја финализира успешната регионална економска политика.

На крајот од официјалната посета на Приштина, делегациите од коморите од Македонија, Србија и Eurochambers, присуствуваа на отворањето на Меѓународниот саем за земјоделски и прехранбени производи, во организација на Стопанската комора на Косово, на кој учествуваат и истакнати и реномирани компании од целиот регион.

Извор и Фото: Стопанска комора на Македонија

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Камелија Делија

Камелија Делија новинар кој ги запазува сите новинарски стандарди.Обожава вино, а и да се чекира!

Најчитани вести