Дренковски: Шри Ланка е рај на земјата, по Читагонг секој ден ќе го благословувате

11516 Views Октомври 3, 2016 Интервју Редакција Емагазин

Познатото телевизиско лице Дамјан Дренковски речиси две години работи за авио-компанијата „Флај Дубаи“. За да се тргне од малите екрани и да направи промени од корен во својот живот, се започнало кога на пет-шест дена туристички заминал во Дубаи. Дестинацијата му се допаднала, па почнал да бара работа и да си ја проба среќата.

- Аплицирав за работа бидејќи немав што да изгубам. Овде работев за ненаплатени хонорари, а и си „заработив“ етикета, односно јавно обележување дека сум ВМРО-овец бидејќи ги промовирав нивните политики. Сфатив дека сите пријателства од таа гарнитура биле од корист, а тоа се покажа и со тоа што ден-денеска имам ненаплатени хонорари од нив. Но, има и исклучоци како сопругата на претседателот Маја Ивановa која имав можност подобро да ја запознаам на едно патување во Турција. И денес сме пријатели и сме во контакт – вели Дренковски.

За авио-компанијата за која работи, вели дека има шестмина Македонци. Оние кои се вредни, трудољубиви тоа им се валоризира. И како што обично бива „треба да излезеш надвор од државата“ за да сфатиш колку вредиш.

Во Дубаи, една од најголемите ставки на развој е туризмот, а освен изградба на највисоки, најлускузни згради во светот, сега одат и развој на медицинскиот туризам.Тоа значи дека постојат пакети во кои освен третманот во болница, за семејството по поволни услови е вклучена и цената за престој во хотел, разгледување на туристичките знаменитости.

Дамјан е заштитно лице на една таква реклама за медицински туризам спонзорирана од Владата на Дубаи.

На овој ангажман за реклама, му претходи и снимањето на филмот „Ѕвездени патеки-подалеку“ каде што се појавува како статист. Снимањето се одвивало во огромно филмско студио во Дубаи. И како што додава, кога ќе влезеш во системот на скаут-агенциите, тогаш твојот профил станува достапен за потенцијален ангажман за различни проекти.

- Аплицирав за снимање на филмот, ме викнаа на кастинг каде што во еден огромен хангар за снимање чекаа 35.000 луѓе. Чекав 4-5 часа додека дојдам на ред, за снимањето да трае неколку секунди. Воопшто не се понадевав дека може да излезе некаква соработка зашто видов колку многу луѓе има пријавено. Но потоа ме известија дека сум примен и ми се оствари животен сон. Логото на „Парамоунт пикчр“ што цел живот сум го гледал по филмови, се најде на договор кој го потпишав - вели Дренковски.

Снимањето на филмот траело пет дена, тој бил меѓу стотина статисти кои имале подеднаков третман како и главните актери. Како што вели, искуството е неповторливо и од аспект на снимање но и на почитување на договори.

- Има голема дисциплина и почитување на рокови за плаќање бидејќи се работи за систем кој лесно може да падне ако постои задоцнувања во плаќањата. Кириите се доста скапи, а и живеењето воопшто. Најголем дел од работната сила се странци, се е врзано со навремено исплаќање на обврските - додава Дренковски.

Тој вели дека луѓето од Балканот високо котираат на работните позиции бидејќи се образовани, амбициозни и имаат можност да напредуваат.

Во однос на животот на семејствата таму, додава дека образованието е скапо, па така една година се плаќа од 5.000 до 11.000 евра. Но тоа според  Дамјан не е недостижна сума за семејствата да ја издвојат за образованието на своите деца, посебно ако и двајцата сопружници се на повисоки работни позиции.

- Станува збор за мешана средина во која има луѓе од целиот свет, но се почитува секоја раса и религија и странците во ништо не се дискриминирани.Напротив ги имаат истите права како и нивните државјани.Не се оптоваруваат со политика, станува збор за нормална средина во која има перспектива. Познавам многу млади брачни двојки со деца, кои сепак се одлучуваат за да останат таму и да ги школуваат децата, посебно и ако имаат поддршка од нивните родители кои се нафаќаат да им помагаат - додава тој.

Во Македонија, Дамјан си доаѓа толку колку што му дозволува слободното време. Но имајќи предвид дека работи за авио-компанија која има редовна линија за Скопје, си доаѓа често за да се види со семејството и неговата девојка. Работата му дозволува често да патува, да открива нови дестинации.

Дестинација од која што е воодушевен е Шри Ланка, а после Читагонг во Бангладеш го цени секој ден.

- Работата секако овозможува посета на дестинации во светот за кои си сонувал и за кои не си се надевал ќе ги посетиш. Занзибар, Танзанија,  Бурунди,Ентебе во Уганда, Шри Ланка, Малдиви, Москва... Најтопло ја препорачувам Шри Ланка која се уште не е искомерцијализирана и помалку туристички поевтина, а ја нуди убавината како Малдиви бел песок и тиркизно море. Неспоредливо е поевтина од Малдиви, јас велам како да пијам кафе во некое од помалите места во Македонија. Ресортите се преубави. Од друга страна за Читагонг во Бангладеш пилотот на авионот ми кажа дека после тоа патување, поинаку ќе го гледам животот и ќе го ценам тоа што сум се родил на друго место. И навистина беше така, јас бев шокиран од неурбанизираноста, шетањето на животни по улици на главни патишта, војници со пушка. Тоа не се опишува, тоа треба да се доживее - вели Дамјан.

За во иднина сака професионално да напредува во компанијата каде што работи, да посети уште поголем број на дестинации и секако, да не се врати во државата.

 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести