Десет години од смртта на Петре М. Андреевски: Најубавите цитати од него

Чествување на бардот на македонската литература Петре М. Андреевски ќе се одржи денеска во организација на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Поводот е десет години од смртта на овој македонски поет, романсиер, раскажувач и драмски автор, кој со своите дела ги одбележа најубавите страници во современата македонска книжевност. 

Во негова чест Ви претставуваме дел од најпознатите цитати проткаени во неговите книги.

„Ако не ја примиш туѓата болка како своја, значи да не веруваш дека некого го боли.“

„Човек без љубов е човек без свој лик, без своја трага, без свое име, без свое време, без своја содржина.“

„Кога тргнува човек некаде, обично бара нешто што му недостига. И никогаш не знае до каде треба да оди и каде треба да застане. Да застане токму до тоа што му недостасува.“

„Човек не треба во ништо да верува и најубаво му е на оној во ништо што не верува, во ништо што не се надева. Така барем ништо не може да го изненади…“.

„А колку би било поинаку, кога болката би ја чувствувал и оној што ја предизвикува.“

„Со насмевка можеш најлесно да му се доближиш некому. Насмевката ја брише секоја далечина меѓу луѓето.“

„Ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од твоето отсуство.“

„Животот е голема лага, а ние сме тука за да биде уште поголема.“

„Секој човек си го планира некако животот. Но, никој не знае кај згрешил кога ги повлекувал правите и криви линии, допирните точки, острината на аглите. Не може ни со сигурност да се објасни кај му измрдала либелата. Можеби некој ден ќе го открие тоа, но ќе го открие кога не ќе може нешто да измени…“

„Стравот е страшен само за оние што му се плашат.“

„Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска! Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе оживи,ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева!“

„Пријателот ти е роднина кого самиот си го избираш“.

„На изгореното срце и окото му е суво. Не пушта солза и да го молиш“.

„Трагата на ѓаволот не му ја гледаш и пак по неа одиш“.

„Ама срцето човечко било бунар: само се полни, а не се преполнува“.

„На селаните, среќата им е променлива, а несреќата постојана“.

„Животот е една голема угорница, а уште поголема удолница по која трчаме. Цел живот трчаме за да го откриеме нејзиниот крај, нејзиниот газер, кај што ќе заврши и нашето талкање. Нашето постојано паѓање“.

„Останало животворната вистина да ја откриеме откако ќе сфатиме дека не можеме да живееме оддалечени од некого, без кого не можеме“.

„Колку повеќе знаеш, толку повеќе ќе страдаш!“

„Ако мислиш и ти да бегаш – ми вели, никогаш да не се обѕрнуваш назад. Твоето свртување може да биде кобно – ми вели, зашто ќе дознаеш кој е тој што те брка. Ќе му го видиш лицето и може да се предадеш. Ќе застанеш и ќе му се предадеш – вели. Затоа бегај се додека не се умори тој што те брка. Додека не те заборави. И додека ти не го заборавиш него“.

„Само ако имаме нешто за сеќавање, само тогаш знаеме колку време сме биле заедно и колку време сме живееле и зошто треба да го браниме тој живот“.

„Облеката е измислена да ти ги покрива недостатоците, а зборот да ти го покажува и тоа што не се гледа“.

„Секој човек си го планира некако животот. Но никој не знае кај згрешил кога ги повлекувал правите и криви линии, допирните точки, острината на аглите. Не може ни со сигурност да се објасни кај му измрдала либелата. Можеби некој ден ќе го открие тоа, но ќе го открие кога не ќе може нешто да измени”.

„Сега дури сфаќам дека и среќата и несреќата ги разбираме откако ќе нема со кого да ги делиме“.

Петре М. Андреевски се вбројува во најдобрите, најчитаните и најпопуларните македонски писатели. Автор е на дваесетина бележити книги од сите жанрови и е преведен на повеќе јазици. Добитник е на најважните книжевни награди во Република Македонија. Починал на 25 септември 2006 година во Скопје.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови