Нов гасовод ќе ги „зближи“ Македонија и Грција

3547 Views Октомври 16, 2016 Добрососедство Никола Осило

Македонски енергетски ресурси -МЕР АД Скопје и грчкиот систем оператор за пренос на гас ДЕСФА во Скопје потпишаа Меморандум за разбирање за изградба на интерконективниот вод за пренос на природен гас Штип-Неа Месемврија со вкупна должина од околу 160 километри.

Гасоводот, како што истакна директорот на МЕР, Крсте Миладинов, ќе биде со дијаметар од 700 милиметри, работен притисок од 54 до 65 бари и со годишен преносен капацитет од преку една милијарда метри кубни природен гас. 

„Соработката што на почетокот на годинава ја започнавме со компанијата ДЕСФА резултира со потпишувањето на Меморандумот за изградба на интерконективен вод за пренос на природен гас со кој треба да се поврзат националните гасоводни системи.

Изградбата на овој енергетски објект ќе обезбеди снабдување со дополонителни количини на природен гас кои ќе бидат неопходни во наредниот период, но ќе значи и можност за користење гас од повеќе извори и повеќе глобални проекти како рускиот гас и природниот гас од Азербејџан, но најважно е што ќе претставува директно поврзување со постоечкиот терминал за преземање на втечнет гас Реветуза“, рече Миладинов.

Тој нагласи дека интерконективниот вод ќе значи и можност за поврзување на македонскиот гасовод со популарниот мегапроект ТАП и Турски тек, како и со други коридори за пренос на природен гас кои имаат можност да поминуваат во близина на нашето опкружување. 

„Со тоа ќе се обезбеди снабдување на гас од повеќе извори, а значајно за економијата е тоа што ќе се овозможи развој и користење нов директен или индиректен енергент и можност за намалување на увозната цена на природниот гас преку користење на поголеми количини и достапност на природен гас од повеќе производители и снабдувачи“, рече Миладинов и додаде дека Меморандумот е значаен чекор и за подобрување на соработката меѓу двете компании и размена на знаење и искуства.

Директорот на грчкиот оператор за пренос на природен гас Сотириос Никас посочи дека енергијата е мост што спојува луѓе и земји.

„Енергијата некогаш ги зближува луѓето, а некогаш создава конфликти, но токму и поради енергијата конфликтите се решаваат преку ноќ и разликите се оставаат настрана. Верувам дека таков ќе биде случајот и со нас и дека овој енергетски мост што го воспоставуваме ќе ни помогне да ги искористиме бенефитите“, рече Никас.

Изрази надеж дека преку овој енергетски мост ќе можат да се реализираат сите цели и проекти што се зацртани, но и да се разменат технологии, обуки и разновидни посети и размена на вработени.

По потпишувањето на Меморандумот, како што истакна, ќе се формираат две работни групи кои треба да остварат блиска соработка, да се направи физибилити студија и да следува проектирањето и изградбата на гасоводот. 

Грчкиот амбасадор во Македонија Димитрис Јанакакис, истакна дека потпишувањето на Меморнадумот за разбирање, меѓу другото, е резултат и на дискусиите кои се одвиваат преку мерките за градење на доверба меѓу двете министерства за надворешни работи.

„Токму овие дискусии се одвиваат во мошне конструктивна клима, а потпишувањето на денешниот Меморандум е еден од конкретните начини на кои се остваруваат мерките за градење на доверба. Сигурноста во снабдувањето со енергија претставува проблем, а Југоисточна Европа  не е исклучена од тоа. Токму затоа изградбата на интерконективниот вод е позитивен чекор кон остварување на сигурноста и безбедноста во снабдувањето со енергија“, рече Јанакакис и додаде дека Меморандумот ќе донесе корист за двете држави.

МИА

 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!

Најчитани вести