Зафирчев: „Преспав“ е метафора на реалниот живот кај нас, слика на нашата површност и незнаење

2781 Views Октомври 30, 2016 Интервју Редакција Емагазин

Актерот Васил Зафирчев е дел од екипата на новата македонска серија „Преспав“ која ќе почне да се емитува на „Телма“ во продукција на ОХО, од утре на телевизија „Телма“.

Зафирчев за „еМагазин“ вели дека имал фантастична можност вистински да ужива во сите значења и придобивки на професијата актер во еден телевизиски формат, што е ретко и убаво искуство.

- Публиката секогаш има интерес и потреба од нови и квалитетни телевизиски формати. Причините за немањето континуитет, консеквентност и изградена традиција за производство на овој тип програма лежат пред се во недостигот од финансиски средства, зошто станува збор за скапа продукција – вели Зафирчев во интервјуто.

После подолго време се снимаше македонска серија во која глумите и вие. Како помина снимањето и какво искуство стекнавте во целиот процес на работа?

- За волја на вистината, после долги години отсуство на квалитетна домашна играна програма, конечно се реализираше првиот македонски сит-ком и тоа по сите стандарди кои ги дефинира овој жанр, од креативни и технички, па се до продукциски. За мене беше вистинско задоволство и уживање да се работи на овој телевизиски проект, пред се заради оригиналноста на идејата и концептот на серијалот, извонредната соработка со режисерот и актерската екипа на проектот, но и заради восоките професионални стандарди во техничка и продукциска смисла. Фантастична можност вистински да уживате во сите значења и придобивки на професијата актер во еден телевизиски формат. Што во нашиот случај е секако ретко убаво искуство.

Серијата обраборува тема која е метафора на реалните општествени случувања. Според вас дали реално го отсликува нашиот менталитет и дали гледачот лесно може да се препознае во некој од ликовите?

- Сит-комот во својата жанровска дефиниција е комедија на стереоипи од личниот, општествениот, политичкиот, културолошкиот и социјалниот живот, кои се пресликуваат во природата и карактерот на ликовите, но и во нивните меѓусебни односи и поведенија. И токму во спротиставувањето на тие стереотипи се раѓа и комедијата на ситуации во кои запаѓаат ликовите. Во таа насока „Преспав“ е метафора на реалниот живот кај нас, слика на нашата нестручност, површност и незнаење, судир на нашиот менталитет со желбата да се воведат и почитуваат европските стандарди и вредности. Ликовите се комични и урнебесни, со прецизен карактер и специфична биографија, секој од нив се однесува на различна таргет група и затоа гледачот со нив ќе може лесно и на прва да се идентификува.

Дали сметате дека македонската публика заслужува квалитетна домашна продукција имајќи го предвид напливот на серии кои не пренесуваат никакви вредности?

- Нашата публика заслужува пред се континуитет во продукцијата на домашна играна програма, која треба да е квалитетна и по сите професионални стандарди. Телевизиска продукција која ќе има не само забавен, туку и информативен и едукативен карактер, која пред се ќе го забавува, но и вистински ќе го образува гледачот.

Кои се вашите предвидувања во однос на приемот на „Преспав“ кај публиката?

- Земајќи ја в предвид оригиналноста на идејата и сценариото, составот на авторската и актерска екипа, високите стандарди на продукцијата, но и фактот колку сите заедно уживавме и се забавувме во снимањето на серијата, убеден сум дека имаме одличен производ кој ќе биде вистински хит на малите екрани и ќе има огромна гледаност кај публиката.

Што е причината што вакви серии ретко се снимаат? Дали овие проекти се скапи или и поради недоволниот интерес на публиката?

- Причините за немањето континуитет, консеквентност и изградена традиција за производтсво на овој тип програма лежат пред се во недостигот од финансиски средства, зошто станува збор за скапа продукција. Но и заради немањето вистинска посветеност и интерес на продукциите и телевизите во квалитетниот и добро осмислен пласман на производот, кој мора да ги оправда влогот и инвестицијата, но и да има вистинска пазарна вредност, не само кај нас туку и на другите говорни подрачја.

Освен во „Преспав“ каде може публиката да ве види и кои се вашите професионални ангажмани?

- Моментно сум со тековни ангажмани во мојата матична куќа Театарот „Џинот“ во Велес во повеќе претстави од редовниот репертоар како „Приказни од шестиот кат“, „Федра“, „Старицата од Калкута“ и „Добрата надеж“. Наскоро започнувам со работа и на последната продукција од годишната програма на театарот, праизведбата на „Ана Комнена“ од Сашо Димоски, во режија на Ненад Витанов чија премиерна изведба треба да биде до крајот на годината.

Фото: Јован Куциновски

ПРОЧИТАЈТЕ ЈА И ОВАА СТОРИЈА

(ВИДЕО) Нова македонска играна серија „Преспав“ ќе почне да се емитува од 31 октомври на „Телма“

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести