Кампања за поголема вклученост на ЛГБТИ-лицата во политичките агенди

Здружението за критички пристап кон родот и сексуалноста „Субверзивен фронт“ во пресрет на парламентарните избори, закажани за 11 декември ја почна кампањата насловена како „Гласај за еднаквост“.

Целта на кампањата е да се вметне еднаквоста на ЛГБТИ-луѓето во јавната политичка агенда на партиите, не само за време на претстојните избори, туку и по нив.

Пред почетокот на кампањата, како што соопшти Антонио Михајлов од „Субверзивен фронт“, беа организирани средби со политичките партии, на кои нивните претставници одговараа на прашалник за застапеноста на ЛГБТИ-заедницата во политичките програми на нивните партии.

Во предизборниот период, прашалникот бил доставен до сите политички партии, но само пет од нив одговориле, односно СДСМ, ЛДП, ЛП, ДОМ и Левица.

Истовремено, по објавувањето на партиските програми, „Субверзивен фронт“ направи анализа дали и во кој степен се застапени прашањата и проблемите кои ги засегаат ЛГБТИ-лицата.

- Општиот впечаток е дека политичките партии во многу мала мера посветуваат внимание на ЛГБТИ-прашањата и проблемите. Само во програмите на лево ориентираните политички партии се споменуваат овие прашања. Онаму каде што се најмногу застапени, моќта на самите партии е многу мала на политичката сцена.

Ова е резултат на хетеро-патријархалните норми кои доминираат во македонското општество, а тоа се одразува и кај партиите, кои во страв да не изгубат дел од гласачите или од потенцијалните неопределени гласачи, избираат да не го кренат гласот и јасно да застанат во одбрана на човековите права на ЛГБТИ-лицата. Со кампањата сакаме да го свртиме вниманието на јавноста, но и да ги охрабриме политичките партии да почнат на ЛГБТИ-заедницата да гледаат како силно гласачко тело, кое треба да го вклучат во своите политики, вели Михајлов.

Кампањата е дел од пошироката стратегија за охрабрување за поголемо политичко учество на ЛГБТИ-лицата во Македонија. Таа, како што велат од организацијата, е само еден од инструментите за унапредување на еднаквоста.

Во рамките на кампањата, на 5 декември ќе се одржи и првата национална ЛГБТИ-конференција во Македонија, на која претставници од политичките партии и државните институции ќе дебатираат за унапредувањето на положбата на ЛГБТИ-лицата во земјата.

Истовремено, ќе бидат претставени и предлог-измените и дополнувањата на Законот за спречување и заштита од дискриминација и на Кривичниот законик, со цел правно да се признаат и заштитат ЛГБТИ-лицата од дискриминација, говор на омраза и злосторство од омраза, засновани на сексуална ориентација и родов идентитет.     

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови