Значењето на Superbrands во Македонија

Superbrands организацијата започнала пред 20 години во Велика Британија како радио шоу на BBC Лондон. Неколку години после нејзиното основање оваа меѓународна организација прераснува во глобален авторитет од областа на брендингот. Superbrands моментално функционира во 92 земји ширум светот.

Во сите тие држави се избираат најдобрите компании, производи, услуги и лица кои се здобиваат со Superbrands статус. Глобалната димензија на публикацијата на Superbdands  носи исклучителна препознатливост која ги следи сите кои го носат нивниот знак.
 
Во Македонија Superbrands ги додели првите признанија во 2009та година. Одредени проценки укажуваат на тоа дека во државата постојат над 15.000 имиња на производи и компании. Маркетинг агенциите најпрво доставуваат список од 800 до 1.000 брендови кои се поделени во 28 категории и за кои сметаат дека ги исполнуваат потребните критериуми за најдобар бренд во Македонија.

За да се стане Superbrands мора да се исполнуваат четирите основни вредности квалитет, сигурност, различност и емотивно влијание. Најдобрите македонски брендови, исто како низ целиот свет, се избираат според ригорозни методи на оценување.

Строго избрана комисија составена од лица кои се дел од светските и домашните брендови во Македонија и кои секојдневно соработуваат со познати супербрендови ги издвојува најдобрите од листата. Во гласањето учествуваат и претставници на медиумите и лица од маркетинг агенции, академски професори, како и претставници на разни економски здруженија.

Во друга група како дел од жири-комисија се вклучуваат и претставници на исклучителни македонски компании и претставници на значајни странски брендови во Македонија. Гласањето се спроведува електронски и понудените брендови се оценуваат на скала од 1 до 10.

Покрај стручното жири во гласањето може да се вклучат и потрошувачите преку пристап на официјалната веб страна на Superbrands Македонија. Членовите на стручниот совет и потрошувачите можат дополнително да номинираат бренд кој ги задоволува стандардите на Superbrands, а кој не се наоѓа на финалната листа.
 
Ваквиот професионален пристап на оценување и избор се спроведува низ сите земји во кои Superbrands функционира. Процесот на избор покрај тоа што креира препознатливост на брендовите овозможува исклучителен поттик за компаниите и лицата да се натпреваруваат за престижната награда. На тој начин се зацврстуваат клучните вредности кои еден бренд треба да ги поседува.

Македонските брендови кои се и ќе станат дел од семејството на светски брендови со гордост го носат знакот на Superbrands кој додатно ги истакнува и им дава исклучителна препознатливост со цел да освојуваат нови пазари и да се зацврстат на веќе присутните.

Superbrands Македонија по доделувањето на признанијата дистрибуира и печатено издание кое може да се користи во маркетинг цели и истото се доставува до сите амбасади, конзулати и други претставништва. Над 156 претставништва на Македонија во странство го добиваат македонското Superbrands издание и ги промовираат домашните компании низ целиот свет.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови