Субвенции за загревање на домовите и пониска цена на парното ќе побара Трајановски за намалување на загадувањето

Општините и централната власт да субвенционираат проширување на топловодната мрежа и што повеќе домаќинства да се вклучат на неа, е една од мерките кои градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски ја предложил на средбата со градоначалниците од скопскиот плански регион на која се разговараше за загадувањето на воздухот во градот и во околината.

Тој апелираше до „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) и до „ЕЛЕМ енергетика“ да размислат за намалување на цената на парното греење, за што ќе се разговара на официјална средба.

– Со моите колеги градоначалници зборувавме да се вклучат во субвенционирањето на граѓаните за набавка на печки на пелети, како и да се изготви правилник за користење на цврсти горива со кој во догледно време ќе се забрани употребата на нафта, јаглен и други недозволени материјали за затоплување на домаќинствата. Разговаравме за можноста општините да субвенционираат други видови загревање во домовите за што тие ќе направат анализа и да субвенционираат велосипеди и изградба на велосипедски патеки – изјави Трајановски.

Тој додаде дека со формирањето на новата влада очекува итно да се објави тендерот за гасификација на Скопје.

Трајановски рече дека Град Скопје ќе продолжи со прскање на градските сообраќајници со калциум магнезиум ацетат за контрола на ситната прашина.

Во однос на воведување на возење пар-непар кај автомобилите, како мерка за намалување на загадувањето од сообраќајот, Трајановски истакна дека тоа не е во надлежност на Градот Скопје, туку треба да се произнесат министерствата за внатрешни работи, за здравство и за животна средина и просторно планирање.

Австриската агенција за животна средина утврди дека најголемото загадување со ПМ10- честички во воздухот потекнува од загревање на домаќинствата (32 проценти), сообраќајот (20 проценти), прашина создадена од неуредените површини, уличната и прашината од градежните активности (19 проценти) и индустријата (18 проценти).

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови