Како ОХИС го труе Скопје

Нема дилема дека најголемите загадувачи на Скопје и околината се домаќинствата кои користат дрва за греење или согогоруваат други материјали и автомобилите, но една приказна никој не ја спомнува кога зборуваме за високото загадување во Скопје, кое е тема секоја зима, е колку градот го загадува некогашниот индустриски гигант ОХИС.

Скопјани со децинии се уште чекаат на остранување на илјадниците тони канцероген инсектицид- линдан кои се складирани во дворот на фабриката ОХИС, и кои преку почвата, водата и воздухот се стигнати до центарот на Скопје.

ШТО Е ЛИНДАНОТ И ЗОШТО Е ТОЛКУ ОПАСЕН? 

Линданот, познат уште и како гамалин, е невротоксин што се употребувал како инсектицид во земјоделството, а како фармацевтско средство наоѓал примена и во лекување вошливост и шуга.

Како органохлоридна хемиска варијанта е создаден во почетокот на минатиот век.

Од 1942 година активно почнува да се употребува во Велика Британија како инсектицид за заштита на житни растенија, семиња и во третман на почви.

Подоцна почнува да се користи низ светот и како додаток во шампоните против вошки и шуга.

Во текот на седумдесеттите години од минатиот век, поради загриженост за ефектите од употреба на линданот, започнува постепено намалување на неговото производство.

Во 1987 година Меѓународниот истражувачки центар за рак, врз основа на спроведени истражувања, го класифицира во групата 2Б, како можен човечки канцероген фактор.

Денес Светската здравствена организација го класифицира линданот во групата умерен токсин, до ноември 2006 година тој е забранет во 52 земји, а во 33 други неговата употреба е ограничена.

Линданот се карактеризира со полувек на распаѓање од 2,3 до 3 дена во воздух, 30-300 дена во вода, 50 дена во седименти и 2 години во почва.

Тој покажува повисока растворливост во вода и испарливост од другите органски соединенија кои содржат хлор, со што може да се објасни неговото присуство во сите делови од животна средина (вода, воздух, почва). Со неговата особина да испарува релативно лесно и да се пренесува на поголеми растојанија се објаснува и неговото присуство на Арктикот, каде всушност никогаш ниту се произведувал, ниту се користел.

ШТО ОТКРИЛЕ ИСТРАЖУВАЊАТА?

За штетното влијание врз животната средина и човековото здравје од страна на загубарот ОХИС се направени неколку истражувања и студии.

Ви пренесуваме дел од нивните заклучоци:

Во 2002/2003 година од страна на Проф. Д-р Светомир Хаџи-Јорданов и Д-р Јосиф Таневски, изработена е студијата „Идентификација на изворите на загадување во ОХИС АД Скопје“ во која главата 15 се однесува на влијанието на погоните врз загадувањето на животната средина.

Во заклучоците на оваа студија стои: „Проблемот со депонијата на изомери на линданот е повеќе пати потенциран во овој прелиминарен извештај. Утврдено е дека бариерните својства на оваа депонија се многу слаби или воопшто ги нема. Од друга страна, периодот на полураспаѓање на овие супстанци е многу долг. Депонијата е отворена, подложна на сите атмосферски влијанија и во неа практично настанува испирање на материјалот што го содржи“.

Во јануари 2005 година е усвоен државниот документ-Националниот имлементационен план за редукција и елиминација (НИП).

Во поглавјето 2.3.5 од НИП стои овој заклучок кој се однесува на ОХИС: „Постои истекување на линдан и/или неговите распадни продукти низ ѕидовите на бетонскиот базен (или од било кое друго место каде линданот е депониран), при што почвата и водите се загадени со POPs. Како последица на тоа, реката Вардар може исто така да е загадена...Истекувањето на POPs ќе продолжи се додека техничкиот отпад не се отсрани од оштетениот бетонски базен...Потребно е итно преземање на мерки за ремедијација со цел да се запре понатамошно мигрирање на POPs“.

Проектот „Стари еколошки оптоварувања со ОХИС, Скопје„-Физибилити студија за ремедијација на депониите со НСН (изомери, трихлороетилен, тетрахлороетилен) во период 2007-2008 година, покажува контаминираност со НСН.

Според оваа студија почвата во површинските делови е контаминирана со НСН-хексахлороциклохексан, скоро во сите анализирани делови на компанијата. Највисоки концентрации се најдени под и во близина на двете депонии на НСН-отпад, каде концентрацијата на НСН ги надминуваат холандските лимити за интервенција (земени за репер од авторот на студијата) над 100 пати!

Резултатите од испитувањето на загадувањето на подземните води во оваа студија го покажуваат следново: „Во текот на истражувањето даден е акцент на две  главни групи на загадувачки материи (НСН-хексахлороциклохексан и хлорирани алифатични јаглеводороди).

Од нив највисоките концетрации на НСН- хексахлороциклохексан се утврдени во близина и на самата локација на депониите и изнесуваат 29-50 пати повисоки од холандските лимити за интервенција. Земени се примероци од повеќе бунари во самиот круг на фабриката и во бунарите во околните населби.

Највисока концентрација на тетрахлоретилен (16 пати повисока) и пентахлоретилен (20 пати повисока) е утврдена во кругот на фабриката, додека во еден од бунарите во околната населба концентрацијата на пентахлоретилен е 3 пати повисока.

Во текот на мерењата е утврдено присуство на жива, трихлорбензен и други органо-хлорирани јаглеводороди и тоа за 17,3 и 35 пати повисока концентрација“.

Во делот како ОХИС влијае на човековото здравје стои: „Експонираност на директно инволвираните работници: експонираност на работниците кои доаѓаат во директен контакт со контамираната почва и инхалација на прашината при рутинското движење низ фабриката, контакт со контамираната почва во текот на повремените ископувања на двете депонии, контакт со контамираните градежни материјали, вклучувајќи ја и инхалацијата на создадената прашина...Експонираност на популацијата во околните населби и пошироко: контаминирани подземни води и површина надвор од кругот на фабриката, контаминирање на почвата и градинарските производи преку наводнување со подземните води“.

Повеќе информации за оваа еколошка жешка точка може да дознаете на интернет страницата на Министерството за животна средина www.moepp.gov.mk во делот Документи/стратегии, планови, фисибилити студии/регистри подгрупа фисибилити студии.

Фото: Фармахем

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови