Зад ЕУ е тешка политичка година, но 2017 година носи поголема неизвесност

713 Views Декември 30, 2016 Бенчмарк Камелија Делија

Пренесено од Хина, Загреб

На економски план 2016 година не беше толку лоша за Европската унија, бидејќи се појавија први знаци на стопански раст, но на политички план многумина ја оценуваат како „annus horribilis” (страшна година).

Хрватска како најмлада членка, почнува да ги чувствува првите резултати од членството во ЕУ, се подобро ги повлекува средствата од европските фондови, а за забрзаниот стопански раст меѓу другото треба да заблагодари на членството на Унијата.

Брегзит

Одлуката на британските гласачи на референдумот одржан на 23 јуни е прва одлука за напуштање на ЕУ во нејзината историја. Сега е клучно прашањето дали Брегзитот е почеток на пукање на Европа по шевовите, почеток на нејзина дезинтеграција или прилика за нов почеток.

Преговорите за Брегзитот се уште не се почнати, бидејќи тој резултат од референдумот очигледно ги затекна и најгласните британски заговорници за напуштање на ЕУ.

Се покажа дека британската политика нема никаков план за тоа што може да следи во случај на референдумско „не”, освен ако под планот не се смета пристапот „земи си ги и парите и овците”, според кој Велика Британија не би требала да води преговори за излез од ЕУ.

Тој наводен план или подобро кажано желба, подразбира задржување на сите или повеќето привилегии кои со себе го носат членството на ЕУ и отфрлување на многу обврски кои одат со членството.

Велика Британија секако сака да го задржи пристапот на единствениот пазар, но без сите негови составни делови. Би сакала да ја задржи слободата на движење на стоката, капиталот и услугите, но без слобода на движење на луѓето. Приливот на голем број мигранти од ЕУ, кои дошле да работат во Велика Британија беше еден од главните елементи во кампањата на поддржувачите на Брегзитот.

ЕУ, пак, инсистира на тоа дека единствен пазар нема без четирите основни слободи на кој тој се темели. На Брисел не му е во интерес Брегзитот да помине колку толку безболно, бидејќи тоа би можело да ги охрабри и другите земји на излез, но од друга страна е свесен за потребата на добри односи со другите по силата на стопанствата во ЕУ28.

Се очекува дека ЕУ од Велика Британија ќе бара да плаќа за својот пристап на единствениот пазар, барем во висина на британските нето придонеси во европскиот буџет. Слично решение има Швајцарија, која го плаќа своето учество во единствениот пазар, поради што во таа земја често се слушаат критики дека ги имаат сите обврски како да се членка, а никакви права кои следат од тоа членство.

Формалните преговори за Брегзитот не можат да почнат пред Велика Британија официјално да побара излез од ЕУ, повикувајќи се на членот 50 од Договорот за ЕУ. Британската премиерка Тереза Меј најави дека тоа ќе го направи на 31 март 2017 година.

Главниот преговарач на ЕУ за Брегзитот, Мишел Берние рече дека во тој случај преговорите можат да почнат по неколку недели од официјалното известување, значи некаде во април или мај и дека треба да бидат завршени до октомври 2018 година, за да остане доволно време Европскиот парламент да може да го потврди договорот пред европските избори кои ќе се одржат во 2019 година.

Но, многумина се сомневаат дека во следната година и пол ќе биде можно да се испреговара толку комплициран договор и истакнуваат дека преговорите можат да траат со години. ЕУ прво сака да ги договори условите за излез од ЕУ, а потоа да ги дефинира идните односи. Судејќи според се, ќе мора да се преговара за преодните аранжмани за период додека не се постигне договор за понатамошните односи.

Иднината

Освен што Брегзитот е резултат на британската специфичност со оглед на тоа дека земјато од почетокот беше со една нога во ЕУ, а со друга надвор од неа и со оглед на нејзината евроскептична јавност, тој е симптом на длабока криза во европските интеграции. Поради тоа пред ЕУ е голем предизвик за решавање на се поголемиот јаз меѓу нејзините граѓани и политичките и другите елити, како на национално така и на европско ниво.

Тој предизвик е до толку поголем што идната година ќе се одржуваат избори во неколку земји членки и тоа во тие најголемите и најважните и што не е исклучено на тие избори во некои членки популистите да ги избришат проевропските партии.

Французите кон крајот на април и почетокот на мај излегуваат на претседателски избори, во март парламентарни избори имаат Холанѓаните, во септември Германците, а Италијанците најверојатно во текот на идната година ќе одат на предвремени избори.

Веќе во првите три месеци идната година лидерите на 27 земји членки на ЕУ ќе се најдат на два самита на кои ќе се обидат да ја зацртаат идната насока по излезот на Велика Британија.

Прво на 3 февруари ќе се соберат на Малта, која претседава со Советот на ЕУ во првото полугодие идната година. Тој самит ќе биде своевидна програма за самитот кој во март ќе се одржи во Рим и на кој треба да се заврши процесот на размислување за идниот изглед на ЕУ, по Брегзитот.

Самитот во Рим се одржува по повод 60-годишнината од Договорот од Рим, документ со кој се основа Европската економска заедница на 25 март 1957 година.

Европа оваа година беше погодена од неколку брутални исламистички терористички напади. Во март во Брисел 32 луѓе беа убиени, а над 300 ранети во два одвоени напади во само еден час. Во Ница на 14 јули, на францускиот национален празник беа убиени 86 луѓе во налет на камион, а сличен напад се повтори овие денови и во Берлин, кога камион влета на божикен саем при што загинаа 12 луѓе, а неколку десетици се ранети.

Соочени со голем прилив на мигранти многу земји воведоа засилена контрола на границите, вклучувајќи ги и внатрешните шенгенски граници, што го доведе во прашање едно од најголемите постигнувања во евроинтеграциите – слободното движење без внатрешни гранични контроли.

За спасување на шенгенскиот простор и подобро управување на мигрантските текови, ЕУ во изминатата година презема низа мерки, вклучувајќи предлози за јакнење на контролите на надворешните граници и воспоставување на Европска погранична и крајбрежна стража, која веќе стана оперативна.

Построгите контроли на границите се потребни и за борбата против тероризмот. Поради тоа Комисијата предложи на надворешните граници постојано да се контролира влезот и излезот на сите патници, вклучувајќи ги и граѓаните на ЕУ. До сега системски се контролираа само граѓаните од третите земји при влез во ЕУ, додека излезот од ЕУ воопшто не се регистрирал.

Системската контрола се наметна откако стана јасно дека терористичката опасност доаѓа од внатре, бидејќи терористите најчесто се државјани на ЕУ, родени во некоја од земјите членки, кои поради шенгенските одредби можеа слободно да влегуваат и излегуваат од ЕУ, без никаква контрола.

Се очекува системските контроли да почнат да се спроведуваат во текот на идната година.

Во тој правец оди и предлогот за вопоставување на Европски систем за информации за патувањата и нивното одобрение (ЕТИАС) со цел за зголемени безбедносни проверки на патниците кои во ЕУ можат да влегуваат без визи. Се работи за сличен систем кој го имаат Соединетите Американски Држави, според кој сите кои влегуваат во таа земја, а не им треба виза, мора преку интернет однапред да се регистрираат најмалку 72 часа пред влезот и да платат надомест. Таа регистрација мора да се направи само еднаш и потоа важи за повеќе патувања и ги забрзува прегледите на граничните премини.

Сите кои влегуваат во ЕУ, а за тоа не им требаат визи, ќе треба преку интернет да побараат претходно одобрение. Возрасните лица ќе мора да платат 5 евра. Постапката за исполнување на барањата и одобренијата за патувања треба да траат само 10 минути, а одобрението би важело пет години. Тоа исто така треба да биде воведено до крајот на идната година.

Во 2016 година прв пат во историјата се случи некои земји членки да не сакаат да ги спроведуваат одлуките кои претходно се донесени на европско ниво.

Словачка се обрати до Судот на ЕУ во Луксембург и поднесе тужба поради одлуката за распределба на бегалските квоти по земјите членки која ја донесе Советот на ЕУ, со квалификувано мнозинство.

Земјите на Вишеградската група се противат и на предлог реформата на Комисијата за Даблинските одредби, со цел да се воведе автоматски механизам на распределба на баратели на азил по земјите членки во случаи кога во надворешните членки нагло ќе порасне бројот на бегалците.

Со тој предлог се има за цел да се олесни товарот со кој се соочуваат јужните членки на ЕУ, Италија и Грција, во кои бегалците прво доаѓаат. За тој предлог ќе се расправа идната година, а во каква форма ќе биде прифатен, не може да се предвиди.

Иако во оваа година значително е намален приливот на бегалците по договорот на ЕУ и Турција, останува несигурно колку Турција ќе се придржува кон договорот, посебно со оглед на се по тензичните односи меѓу двете страни.

Раст

Следната година се очекува умерен раст на стопанството во сите членки на ЕУ. Иако и понатаму постојат големи разлики во стопанските резултати во членките, БДП во ЕУ е поголем од пред кризата. За идната година се очекува раст во сите членки, но тој и понатаму ќе остане неизедначен.

Иако пазарот на трудот стагнира, за оваа година Комисијата очекува раст на вработеноста во еврозоната и во ЕУ во целина за 1,4 отсто, што е најбрз раст од 2008 година, а во 2017 и 2018 година се очекува мало успорување на растот на вработеноста. Стапката на невработеност во еврозоната од овогодишните 10,1 отсто, идната година треба да падне на 9,7 отсто, а во ЕУ во целина од 8,6 на 8,3 отсто.

Хрватска во 2015 година излезе од рецесијата по шест години, а во 2016 година тој раст забрза, за кој меѓу другото значително придонесе членството во Европската унија. За оваа година Комисијата проценува дека растот на БДП во Хрватска ќе достигне 2,6 отсто, а следната нешто по успорен раст од 2,5 отсто.

Дефицитот на буџетот на државата оваа година, според прогнозите на Комисијата, треба да изнесува 2,1 отсто, идната година 1,8 отсто, а во 2018 да падне на 1,4 отсто.

Намалувањето на дефицитот го запре растот на јавниот долг, кој оваа година се проектира на 85 отсто од БДП, додека лани изнесуваше 86,7 отсто. Следните две години јавниот долг треба да продолжи да се намалува во 2017 на 84,4 отсто, а во 2018 на 82,8 отсто.

Поради тоа, Хрватска идната година може да очекува излез од Постапката на прекумерен дефицит, во кој веќе влезе во првата година од своето членство. Според правилата на ЕУ, буџетскиот дефицит смее да изнесува 3 отсто од БДП, а јавниот долг до 60 отсто од БДП. Притоа, не се земаат само номиналните показатели туку и трендовите, па ако Хрватска продолжи да го намалува јавниот долг може да очекува излез од Постапката за прекумерен дефицит, иако јавниот долг уште години ќе биде над 60 отсто од БДП.

Комисијата и оваа година ја вклучи Хрватска меѓу 13 земји членки за кои треба да се спроведат длабински анализи за да се утврди дали постои макроекономска нерамнотежа.

Во март оваа година Комисијата утврди во Хрватска постоење на прекумерни макроекономски нерамнотежи, а во 2017 година по две детални анализи ќе одлучи за сврстување на Хрватска во една од четирите категории во Постапката за прекумерни нерамнотежи.

Во април идната година, Хрватска како и другите членки на ЕУ надвор од еврозоната, мора да достават до Комисијата Програма за конвергенција и Национална програма за реформите, а потоа Комисијата ќе ги претстави посебните препораки за Хрватска.

Проширување

Поради длабоката криза низ која ЕУ веќе со години минува, идното проширување е оставено сосема на страна. До крајот на оваа деценија сосема е сигурно дека нема да има нови членки, а со голема сигурност може да се каже дека првото идно проширување може да се очекува најрано кон средина на идната деценија, ако се случи и тогаш.

Наспроти тоа ЕУ не сака да ја затвори вратата, знаејќи дека перспективата од членството е еден од главните мотиви за реформите во канадидатските земји.

Хрватска е во групата на земји најголеми заговорници на идно проширување поради стабилноста и безбедноста на своите граници. Посебно е заинтересирана за напредокот на Босна и Херцеговина, со цел таа земја преку приближувањето кон ЕУ да стане пофункционална и да обезбеди рамноправност на сите конститутивни народи и граѓани.

Пристапните преговори кои ЕУ ги води со Србија, за Хрватска претставуваат предизвик со оглед на низа отворени прашања со таа земја. Обидите тие отворени прашања да се решат преку пристапниот процес врз основ на начелата и критериумите кои важеа за сите, наидуваат на неразбирање внатре во ЕУ, која се обидува да ја задржи Србија надвор од руската орбита.

Во преговорите со Србија, ЕУ инсистира на прашања кои се однесуваат на нормализација на односите со Косово, а од друга страна значително е попустлива кога на пример во прашање е соработката со Хашкиот суд. Хашкото обвинителство во последно време е многу критично кон Србија, но ЕУ поради тоа не прави премногу проблеми

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Камелија Делија

Камелија Делија новинар кој ги запазува сите новинарски стандарди.Обожава вино, а и да се чекира!