Нема поубаво од пишување на новогодишна честитка, но за жал се изгуби таа традиција

3340 Views Декември 31, 2016 Мој став Силвана Жежова

Пишувањето новогодишни честитки е едно од најубавите чувства што можете да си го предизвикате во себе, но не електронска или таа на која и правите форвард, туку онаа хартиената. На неа се наоѓаат најубавите новогодишни мотиви, кои кога ќе ја земете во раце,ве носат токму таму на местата кои се насликани. Во бајките! 

Имаат некоја неверојатна моќ на предизвикување топли чувства и будење на најзаспаната детска фантазија. Поборник сум на се што може да се почувствува во раце, отколку само да се гледа.

Тоа го мислам и за книгите. Мирисот на печатена книга не може да го замени ниту една најсовремена технологија на која можете да си прочитате книга он-лајн.

Признавам, до сега не сум читала е-книги. И немам намера. Предност давам на мојата мала библиотека која имам интенција да ја проширам во секое ќоше на мојот дом каде можат да се направат штосни полици. Уште каде не ја измислив.

Оттука, за мене не постои ниту замена за печатените новогодишни честитки. Тоа е бре ритуал. Само замислете, колку време го мислите тој што сакате да му ја испратите. Го мислите додека одите да купувате, па додека избирате, па додека пишувате, па ако не му ја знаете адресата се трудите да ја дознаете, па специјално одите во пошта за да му ја испратите. И најважното,чувството кога ќе ја види во поштенско сандаче.Тоа е нешто бесценто.

Такво чувство на радост сигурно не ве обзема кога ќе видите новогодишна честитка добиена на е-маил. Мора да признаете дека голем дел од нив не ги ни отворате. Ептен треба да е креативно направена, за да побуди нешто во вас. А на хартиената, доволно е само да ги има познатите црвени обравчиња на Дедо Мраз и веќе сте радосни.

Тезгите со новогодишни честитки на Плоштад, отсекогаш ми претставувале празник за очи.Да не знаеш која да ја одбереш. Која од која поубави. Магични! Не водат на места кои се резервирани само за самовилите и нивниот прочуен танц. Светкаат, блескаат, обземаат, маѓепсаат.

Тие ја имаат моќта на неуништливост. Доколку сакаш да ги сочуваш, ќе им најдеш некое скришно место каде ќе „живеат“ онолку колку што ќе бидат чувани. А колку се сеќаваме на електронските честитки? Исто колку и на ланскиот снег. Една не можете да запаметите.

Во трката со времето, секако најлесен избор е кликни send. Но, нема убавина во сета таа брзина. За се околку кое се трудиме, има многу поголема вредност отколку за работа завршена за секунда.

Затоа, не бидете себични. Одвојте од вашето скапоцено време, и појдете на тезга да си купите честитка. Ќе се чувствувате неверојатно убаво. И вие, но и оној за кого е наменета.

Звукот на моторот на поштарот, не може да замени едно „тиит“ во инбокс. Не оди!

Или, ајде кажете ми на кое место на електронската честитка ќе напишете „место марка, еве шарка“!

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести