НБГ ја продава својата подружница во Бугарија, дојде ли редот и на Стопанска банка - Скопје?

„Националната банка на Грција “ (НБГ) започна постапка за продажба на нејзината филијала во Бугарија, „Обединетата бугарска банка“ (ОББ), јави БТА, повикувајќи се на информација на грчкиот економски портал „Банкуорс“. 

Според истиот извор, НБГ ќе ги продаде 99,1 отсто од акциите на ОББ, како и нејзиниот оддел за лизинг „Интерлиз ЕАД“ на белгиската банкарска групација „КБЦ Груп“ за 610 милиони евра. Консултат при продажбата е швајцарската банка „Креди Свис“.   

Порталот наведува дека продажбата на ОББ е во рамките на плановите на НБГ за нејзино преструктуирање, кое покрај на бугарската филијала, ќе опфати и продажба на нејзините банки во Кипар и Романија.

еМагазин неодамна пишуваше дека полека истекува рокот до кој Грчката национална банка би требало да се ослбоди од своите удели во банките во странство.

Имено, грчки „Катимерини“ пред извесен период објави дека грчката Национална банка до 2018 година мора да го продаде својот удел во банки во странство, вклучително и во Македонија каде е доминантен сопственик на Стопанска банка АД Скопје.

„Катимирени“ се повика на нацрт план на Европската комисија за реструктуирање на грчкиот банкарски сектор.

Нацрт планот за реконструрирање предвидувал Националната банка на Грција да може да го задржи своето присуство во Турција преку одржување на мнозинскиот удел во Финансбанк, но до јуни 2018 година да мора да се повлече од сите останатите пазари во Југоисточна Европа на кои е присутна, Македонија, Албанија, Бугарија, Романија, Србија, но и од Јужна Африка и Египет.

Според договорот со Европската комисија како што објави „Катимерини“, Националната банка на Грција се согласила да го намали и бројот на експозитури во Грција на 550, а бројот на вработени на 10.700.

„Значаен дел од договорот со Европската Унија се однесува и на рекапитализацијата на банкарскиот сектор и прилагодување на плановите за реструктуирање на банките. Ова покрај другото, подразбира и активности за намалување на трошоците, но и продажба на одредени подружници (особено тие што не остваруваат добивка) со што ќе се рационализира оперативното работење на банките и ќе се поддржи идниот нивен учинок„, одговорија од Стопанска банка на прашањето на еМагазин за можната продажба на Банката годинава.

“Како резултат на ваквите активности, капиталната база на нашата матична банка (НБГ) ќе биде значително зајакната што ќе придонесе за отворање на нови перспективи за членките на групацијата и позитивно ќе се одрази не само за Грција, туку и за регионалните економиии.

Во целиот изминат период, сите одлуки кои НБГ ги носела за Стопанска банка биле со цел да се зајакне и поттикне присутството, но и перформансот на Банката на домашниот пазар, по што покажани се исклучително добри резултати и Банката е во својата најдобра фаза досега.

Оттука, сите идни одлуки поврзани со Стопанска банка ќе мора да се разгледуваат во овој контекст.

Длабоко сме уверени дека иднината на Банката ќе биде повеќе од добра и дека Банката успешно ќе одговори на сите предизвици како и до сега, задржувајќи ја својата важна улога која со децении ја има во економијата и преку своите перформанси ќе обезбеди уште подобри резултати и вредности за своите акционери и сите останати учесници (заинтересирани страни)“, велат од Банката.

ПРОЧИТАЈТЕ ЈА И ОВАА СТОРИЈА

Стопанска банка Скопје не поседува документи за сопственост на имотот

Голем ќар за акционерите од Грција: Стопанска банка ќе подели дивиденда од 45 милиони евра 

Ќе донесе ли Нова година продажба на две големи банки во Македонија?

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови