Веќе 10 години се во ЕУ: Што им донесе на Бугарија и Романија членство во Унијата

1421 Views Јануари 4, 2017 Бенчмарк Камелија Делија

Деценија по влегувањето во Европската унија, какво влијание има членството на Бугарија и Романија? Подобро ли живеат Бугарите и Романците?, анализира “Еуроњус”.

Бруто домашниот производ бележи пораст и во двете земји во последните десет години.

Во Бугарија БДП по глава на жител е 41% од просекот на ЕУ при влегувањето во Унијата во 2007 година, достигнувајќи до 47% во 2015 година – последната година за која постојат информации.

Во исто време во Романија во 2015 година БДП е 57%, пораст од пријавените 43% во 2007 година, покажуваат податоците на “Евростат”.

Помал е бројот на луѓето кои живеат во ризик од сиромаштија или социјално исклучување и во двете земји. Во Бугарија околу 60% влегуваат во оваа категорија во 2007 година, а во 2015 година се 41,3%.

Во Романија вредностите паѓаат од 47% пред една деценија до 37,4% во 2015 година

И покрај овие позитивни индикатори, не сите луѓе во Романија ги чувствуваат промените во нивните паричници, вели романскиот политички аналитичар Раду Магдин за “Еуроњус”.

“Да, може да се каже дека е регистриран економски раст, може да се каже дека по економската криза Романија е економски тигар на Европа”, вели тој.

“Има, меѓутоа едно чувство на немоќ, што не е може да се објасни, во смисла дека економскиот раст не може да се одрази во џебовите на луѓето”, додава Магдин.

“Структурата на економијата е базирана главно на извоз. Добивката која ја прават мултинационалните компании, се одразува во растот, но граѓаните не чувствуваат дека учествуваат во прераспределбата “, вели политичкиот аналитичар.

Што се случува со Бугарите и Романците кои работат во странство?

Софиските медиуми објавија во 2015 година, дека бројот на Бугарите кои работат во странство (2,5 милиони) е поголем од работната сила во земјата (2,2 милиони).

Во исто време Романија има најбрзо растечка дијаспора во периодот 2000-2015 година, за земја која не се наоѓа во воен конфликт, според податоците на ОН.

“Има огромен одлив на мозоци”, вели Магдин.

”Вистината е дека многу малку од нив се враќаат по годините минати во странство”, додава тој.

Сепак некои се враќаат за кратки периоди, исто како работниците во Брисел, кои му помагале на романскиот премиер Дачијан Чиолос на различни проекти, посочува аналитичарот.

“Би рекол, особено во случајот на Букурешт дека повеќе луѓе се враќаат, дури и во други делови на земјата”, вели тој.

“На пример јас бев во северна Романија и таму имаше цело село од луѓе кои заминале да работат во странство, цели семејства, кои работат во сферата на градежништвото во Велика Британија, и сите тие се вратиле за Божиќ и почнуваат да градат куќи дома. Фактот дека го прават тоа значи дека ја гледаат својата иднина во Романија “, посочува Магдин.

И двете држави – и Романија, и Бугарија, имаат корист од парите испратени дома, покажуваат податоците на “Евростат”.

Бугарија добила 456 милиони евра во форма на трансфери со лични средства во 2015 година, што претставува зголемување од 268,9 милиони евра во 2010 година. Романија има профит од 503,7 милиони евра во 2015 година, зголемување од 375,9 милиони евра споредено со три години порано.

Целиот текст може да го прочитете ТУКА 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Камелија Делија

Камелија Делија новинар кој ги запазува сите новинарски стандарди.Обожава вино, а и да се чекира!