На планините во Босна и Херцеговина измерени се минус 27 степени Целзиусови, што е најниска температура на Балканот.
Студениот бран го зафати и брегот на Јадранско Море. Во хрватскиот град Сплит температурата на воздухот е минус седум степени, што е најниска во последните 50 години. Претходниот рекорд е од 23 јануари 1963 година, кога во Сплит се измерени минус девет степени.
Поради ниските температири и силните бури до полуостровот Свети Петар е замрзнато морето.
Во реонот на хрватското одморалиште Макарска веќе трет ден дува ветер со просечна брзина од 90 километри на час, а температурата се спушти до минус седум степени.
Ниски температури измерени се и во Грција. Во Солун утрово беше минус седум степени, а за утре се предвидува минус 10. Во Атина темературата е околу нула, а во северните делови на земјата измерени се минус 15 степени.
Во Турција снежните врнежи го блокираа Истанбул, околу 500 авионски летови се откажани поради лошите временски услови, а во прекин е и водниот сообраќај. Поради недоволна видливост денеска е запрено движењето на пловни објекти по Босфор.
Во текот на ноќта снежната покривка во Истанбул достигна до 40 сантиметри и предизвика хаос на патиштата.
Во Бугарија, во близина на границата со Турција пронајдени се телата на двајца илегални ирачки мигранти, кои смрзнале поради ниските температури.
МИА