А зошто албанските партии не побараа попис и комисија за тендери?

Албанските партии, предводени од еден од најголемите губитници на изборите, ДУИ, која сега има клучна улога во формирањето на новата влада, ги испорачаа своите барања.

И покрај тоа што граѓаните во Македонија и тие што се етнички Албанци најмногу ги интересира дали ќе добијат пристојна работа, редовна плата, зголемен животен стандард и други работи од економската сфера, во заедничката платформа на албанските партии речиси да нема ни Е од економија.

Но, затоа има еден куп барања, кои во јавноста веќе се тумачат како радикални и уценувачки, кои дополнително ќе ја заострат политичката криза и може да придонесат да не се формира влада, зошто ни една партија од македонскиот блок не би прифатила редифинирање на Уставот, односно албанскиот јазик да стане официјален јазик на цела територија.

И не само тоа. Непотребно ќе создадат меѓуетнички тензии. Тоа само ќе не одалечи од НАТО и ЕУ, кои нели исто така се битна точка во платформата.

А и што значи тоа албански јазик да се зборува на цела територија? Албанците ќе можат да кажат во Македонски брод немаме работа и леб и на албански? Никој до сега не објасни. Како тоа би изгледало во Струмица, каде не живеат етнички Албанци? Или во Кратово? Има ли реална потреба од такво нешто? Или тоа е само еден надуен балон за подобри преговарачки позиции?

Ако веќе дуваат балони, зошто не надувале еден за просечната плата. Па да кажат не прифаќаме помала просечна плата од 500 евра и точка.

Во платформата се предлагаат и еден куп комисии, кои би требало да помогнат етничките Албанци подобро да бидат интегрирани во државата. Нема проблем. Секој граѓанин на оваа држава треба да има исти права, но и обврски.

Но ако веќе предлагаат формирање на толку комисии, чија идеја е подобро сите заедно да функционираме и се во духот на демократијата, зошто не предложиле формирање и на комисија за тендери, која независно би го разгледувала секој договор што го склучува државата, нејзините институции и претпријатија.

Па таа истата би го анализирала и договорот за одржување на патиштата, кој го склучил директорот на Македонија пат од ДУИ со три приватни фирми и би дала одговор дали тие си ја завршиле работата.

И истата би ги анализира сите договори кои ги склучија функционерите на ДУИ, поради кои партијата го доби „епитетот“ „тендер-партија“.

И, да, клучното, зошто албанските партии не побараа попис?

Прво да се преброиме и да видиме точно колку Македонци, а колку Албанци ја напуштиле Македонија од последниот попис во 2002 година.

Уште од тоа време се шпекулира дека процентот на Албанците не е над 20%. Колкав е тој процент денеска? Дали е како што се шпекулира со години, 18%? Или помалку или можеби повеќе?

Никој не оспорува дека од тогаш земјата ја напуштиле најмалку 600 илјади граѓани.

Затоа и повеќе од неопходно е прво да се види кој се живее денеска во Македонија, па потоа да се отвараат прашања за редефинирање на Устав, нормално, ако има реална потреба за тоа.

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

Албанските партии ги кажаа црвените линии, македонските молчат

Груевски за „Дневник“: Ќе се оби­дам да сос­та­вам вла­да, но не по се­ко­ја це­на

Сите детали: Објавена заедничката платформа на албанските партии за преговорите за нова влада

Левица: Заедничката платформа на албанските партии е провокативна и беспредметна

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести