Левица: Заедничката платформа на албанските партии е провокативна и беспредметна

Заедничката платформа на „ДУИ“, „Беса“ и „Алијансата за Албанците“ е провокативнa и беспредметнa, во услови кога голем процент од населението во Македонија живее во сиромаштија, а Македонија е земја со највисоки класни разлики во Европа и земја во која речиси нема социјални програми, реагираат од Левица. 

„Време е во прв план да се постават најгорливите прашања кои ги засегаат сите етнички заедници во оваа земја, а тоа се социјалните права. Ваквите заложби немаат ништо суштинско, односно само создаваат привид дека некој се бори за нешто, додека реалноста е спротивна.

Ваквата реторика им одговара само на интересите на богатите кои преку подгревање на национализмот кај сите етнички заедници се обидуваат да го одвлечат вниманието од суштинските проблеми, а со тоа да спречат надетничко обединување на народот кое би ја загрозило нивната привилегирана положба во општеството.

Време е да ги поставиме вистинските проблеми во преден план, не e возможно да зборуваме за било што, кога немаме услови за достоинствен живот, кога голем дел од граѓаните се угнетувани и експлоатирани“, велат од Левица.

Од партијата ги повикуваат граѓаните да не наседнуваат на триковите и маглите на владејачките бизнис и политички елити и да се обединат во борбата за решавање на заедничките проблеми кои суштински и навистина нѐ обединуваат сите нас, без разлика на националната, религиозна или сексуалната определба, единствено обединети врз основа на нашата општествена положба како угнетени.

„Ние од Левица сме свесни дека треба да се надминуваат јазот и бариерите кои ги имаат етничките Македонци кон учењето и употребата на албанскиот јазик. Ако повеќемина во Македонија го научат албанскиот јазик, барем во мера на негово разбирање, тогаш далеку поширока употреба ќе има албанскиот јазик во споредба со неговото наметнување на официјален начин, што, овде и сега не може да не помине без пораст на национализмот кај Македонците и отпор кон учењето и употребата на албанскиот јазик“, додава Левица во соопштението.

Фото: Левица/Фејсбук

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови