За ревитализација на РЕК Битола, ЕЛЕМ од Дојче банка позјами 49 милиони евра

799 Views Јануари 11, 2017 Бизнис Никола Осило

Македонија деновиве е принудена да увезува струја за да го надомести недостигот кој се јави поради зголемената потрошувачка, но и поради хаваријата на еден од блоковите во најголемиот енергетски капацитет во земјава РЕК Битола.

Неизбежно е прашањето како одговорните во ЕЛЕМ дозволија да има нови хаварии во РЕК Битола иако неодамна компанијата спроведе масовен проект за ревитализација и модернизација на овој рударско-енергетски комбинат.

Имено, во август 2012 година беше најавено дека животниот век на најголемиот енергетски капацитет во Македонија РЕК Битола ќе се продолжи за 20-тина години со ревитализацијата и модернизацијата на блокот 2 и блокот 3 во ТЕ Битола што требаше да се спроведе во наредните две години. 

Тоа требаше да го овозможи Договорoт за гаранција меѓу Република Македонија, претставувана од Министерството за финансии и Дојче банка и Договорот за заем меѓу АД ЕЛЕМ и Дојче Банка за проектот „Модернизација на блок 2 и блок 3 во ТЕ Битола“ што во Скопје го потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Влатко Чингоски и Мајкл Зипф, заменик-претседател на Дојче банк.

Со Договорот за заем Дојче банка им додели кредит од 49,232 милиони евра на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ), за што како гарант се јавува Република Македонија преку Договорот за издавање на државна гаранција.

Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, односно 12 години со каматна  стапка од 6 месечен ЕУРОИБОР плус 1,675 што во моментов изнесува 2,26 проценти. Заемот де поделен на два дела од кои 22,4 милиони евра се за модернизација на блок 3, а 22 за блок 2. 

Главните придобивки кои се очекуваа од оваа инвестиција беа продолжување на животниот век на котлите за најмалку уште 120.000 часови или 20 години нормална експлоатација на ТЕ Битола, зголемување на ефикасноста на котлите, намалување на потрошувачката на гориво и намалување на емисијата на азотните оксиди и задоволување на критериумите за максимално дозволени емисии во ТЕ, односно усоглсеност  со најновите директиви на ЕУ.

Во таа прилика одговорните во ЕЛЕМ најавија дека со реализација на оваа инвестиција ќе се овозможи непречена работа на РЕК Битола и после 2016 година. 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!