Иако се уште нема Влада, Народна банка ја олабавува монетарната политика

493 Views Јануари 11, 2017 Бизнис Редакција Емагазин

На 10 јануари 2017 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

По намалувањето во декември 2016 година, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за дополнителни 0,25 процентни поени и таа да изнесува 3,5%, а понудата на благајнички записи да се зголеми од 23.000 милиони денари на 25.000 милиони денари.

„Ваквата реакција на монетарната политика е одраз на понатамошното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти и на растот на структурната ликвидност на банкарскиот сектор. Сигналите за стабилизација и понатаму се видливи во двата пункта каде што политичката криза имаше најголеми ефекти - девизниот пазар и депозитите во банкарскиот систем. НБРМ и во текот на декември интервенира со откуп на девизи, шести месец последователно, со релативно голем износ, со што и за целата година интервенциите се во насока на нето-откуп и имаат позитивен придонес кон промената на девизните резерви“, соопшти НБРМ.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови