Европскиот суд за човекови права предлага за жените да има полесни казни

Државите, во своето законодавство, можат да предвидат полесни казни за некои категории на луѓе, како на пример за жените, пресуди денеска Европскиот суд за човекови права (ЕЦХР). 

Судот аргументира дека ваквите одредби се знак на социјален напредок. 

ЕЦХР заседаваше по барања на двајца руски затвореници, на 25 и 30-годишна возраст, осудени на доживотен затвор, едниот за убиство, а другиот за обид за убиство на полицаец. Тие поднеле жалба дека рускиот кривичен законик е дискриминаторски поради тоа што предвидува дека малолетниците, жените и лицата на возраст над 65 години не може да бидат осудени на доживотна затворска казна. 

- Изгледа тешко дека може да биде критикуван рускиот законодавец за одлуката да бидат исклучени некои категории на прекршители од доживотно лишување од слобода, наведе ЕЦХР. 

- Ваквите исклучоци се социјален напредок во кривичната правда и претставуваат пропорционално средство за наметнување на принципите на праведност и хуманост, оцени судот во Стразбур. 

Одлуката на Европскиот суд за човекови права е конечна. 

Судот истакна и дека во однос на кривичното право ќе биде оставена широка слобода на земјите, бидејќи по тоа прашање нема консензус меѓу 47-те земји членки на Советот на Европа. 

Единствено прашање, по кое има согласност меѓу нив е за прекршителите кои не се полнолетни во моментот на пресудата - да не можат да бидат осудени на доживотна казна затвор, во сите земји членки без исклучок, забележа ЕЦХР.

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.