ЕКСКЛУЗИВНО: ЦИА ги открива плановите за изградба на Скопје од 1949 година

8535 Views Февруари 13, 2017 ЦИА открива Никола Осило

Како што во неколку наврати пишуваше еМагазин, американската Централна разузнавачка агенција – ЦИА неодамна објави 12 милиони тајни документи, меѓу кои илјадници кои се однесуваат на Македонија и Југославија.

Во оваа прилика ексклузивно ви пренесуваме како разузнавачите на ЦИА ги известувале своите претпоставени за плановите за изградба на Скопје од 1949 година.

„Ништо нема да остане од сегашниот изглед на Скопје освен историските споменици кога ќе заврши програмата за реизградба на градот, која што веќе започна. Сега, Скопје нема канализација, систем за водоснабдување и бањи.

Раководството на градот одвои милиони динари за реизградба на главниот град на Македонија: 200 милиони динари за станбени објекти, 38 милиони динари за канализација и систем за водоснабдување, 16 милиони динари за трговски претпријатија, 6 милиони динари за колективни фарми и два милиони динари за модерен пазар“, се вели во документот на ЦИА.

Во него, се опишуваат плановите за  дислокација на турската населба на чие место би се изградиле големи широки улици и булевари и модерни станбени објекти.    

„На двете страни на Вардар ќе се изградат два булевари широки по 5 метри, а покрај нив ќе има дрвореди и тревници. И таканареченото Ново Скопје ќе се трансформира. Ќе останат само историските споменици, тврдините, црквите и џамиите, а се друго ќе биде уништено и заменето со нови модерни објекти“, се вели во документот.  

Во извештајот на ЦИА, се опишуваат и плановите за модернизација на Бит Пазар и пошумување на Водно.

„Стариот Бит Пазар, кој е секогаш валкан, ќе се замени со нов пазар, со модерна опрема, вода за пиење и одводен систем. Дрвја ќе се засадат на Водно и на него ќе се изгради хотел и ресорт за синдикалните организации. Селото Горно Водно ќе се пренамени во модерен ресорт за работници.

Загадените извори на Водно ќе бидат заменети со вештачко езеро, а Вардар ќе биде регулиран со помош на волонтери“, се вели во документот.

СИТЕ ДОКУМЕНТИ НА ЦИА ЗА МАКЕДОНИЈА КОИ ЕМАГАЗИН ДО СЕГА ГИ ОБЈАВИ МОЖЕТЕ ДА ГИ НАЈДЕТЕ ОВДЕ. 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!