Вчудоневиден сум од пасивноста во борбата против загадувањето, вели активистот што ја затвори Топилница

8344 Views Февруари 13, 2017 Во Гурмет Силвана Жежова

Игор Смилев е екологист, активист, планинар, голем човек со детска чиста желба во себе, за светот да го направи подобро место за живеење. Еден од најзаслужните граѓани на Велес со чиешто дејствување пред неколку години, Топилница не се рестартираше и не продолжи да ги труе велешани.

Кога ја формираше „Грин пауер“ единствена цел беше фабриката да не се рестартира. И остана една од ретките организации на Балканот која што ја исполни мисијата за која беше формирана. Во 2002 се основаше, а во 2014 година Топилница, иако беше продадена за 1.200.000 евра не почна да работи.

Многу работи им порача на скопјани за нивната борба против загадениот воздух, но она за што најповеќе зборуваше е мотивацијата која треба да ја имаат пред себе во таа борба. Неговата мотивација беше од најсуров вид, смртта на најблиските.

-Мојата мотивација во борбата за затворање на Топилница и труењето на велешани беше смртта на татко ми и на сестра ми, кои починаа од канцер. Застанав пред огледало и си зацртав дека мојата мисија ќе биде да се борам против загадувањето кое го предизвикуваше Топилница. Нашиот менталитет е губитнички, со патолошка потреба некој да ни каже што да правиме. Но ние го имаме авторизираното право врз сопствениот и животот на најблиските, не некој друг. Ако ја немаме мотивацијата и смислата за живот, ние сме губитници – вели Смилев.

Активизмот бара напуштање на комфорната зона, откажување од себе и работа на терен

Смилев вели дека ниту еден протест не почнува со 10.000 или 20.000 луѓе, туку со неколкумина. Но потоа ако си искрен во намерите, луѓето ти стануваат следбеници во идејата.

-На почеток бевме тројца-четворица и ни се потсмеваа, не нарекуваа еколошки териристи. Ми ја запалија вратата од станот каде што живеам и јавно ме шиканираа. Но, мотивацијата за борба воедно подразбира и да излезете од вашата комфорна зона и да се откажете од многу работи. Јас најпрво се откажав од возење на автомобил, во моменти кога најмногу ми требаше. Се лишив себе си од приватен живот. Се откажав и од пушење на цигари, за пораката што ја испраќам да биде комплетна. Тоа е така затоа што луѓето треба да ви веруваат во она што го зборувате. Во Велес во 90-те години имаше активистка која промовираше екологија и здрав живот, а истовреме носеше бунда од лисица. Но, таа заврши во буништето на историјата, не создаде критична маса и следбеници – вели Смилев.

Тој додава дека луѓето сакаат херои од своето опкружување, а не во политичарите, херои кои со својот личен пример ќе ги убедат луѓето за она за што се залагаат.

- Во Скопје тоа недостасува. Опиени од мирисот на парите и материјалното, ништо не е свето па ни сопственото здравје. Во Скопје се случува холокауст, и она што на градот му се случува за една година, во однос на штетноста од загадениот воздух, на Велес му требаат 10-15 години. Како активист, потребно е да се откажеш и од работните обврски. Како професионален еколошки активист не добив ништо, а изгубив многу. Јас не бев семеен човек и мојата ахилова пета, каде што можеa да ме погодат, беше многу мала. Легнував и станував со Топилница, а работодавец ми беше мојата совест. И така, дијалогот со совеста траеше 7-8 години, а јас во Скопје тоа не го гледам. Активизмот бара работа на терен, излегување на протести – вели Смилев.

Протестот против рестартирањето на Топилница се одржал на 9 ноември 2011 година на Денот на ослободување на Велес од фашизмот и затоа симболично го организирале тој ден, како симбол за ослободување на градот и од загадувањето. На протестот имало околу 20.000 луѓе, нешто што не е забележано до тогаш.

За последиците од загадувањето тие направија и филм кој се вика „Велес капут“. Тој вели дека десетици пати до сега го гледал и одново и одново и на различни начини ја преживува болката.

- Кога филмот го промовиравме во ЕУ инфо центарот, тогашниот евроамбасадор Ерван Фуере не можеше да се сопре од плачење. По завршувањето на филмот во салата имаше неколкуминутна тишина при што публиката не ги сопре солзите. На Скопје тоа му фали, од креативните и интелектуални умови да произлезе филм за последиците од загадувањето. Ние со тој филм направен со нула денари буџет, успеавме да го свртиме вниманието на јавноста. Јас просто сум вчудоневиден од пасивноста на луѓето и чекањето некој да им ги измие улиците или да воведе бесплатен превоз – додава Смилев.

Освен личната мотивација, според него недостасува и радикалниот момент. Некој нешто да каже или да преземе за да се разбуди нешто кај луѓето.

- Или како што се вели во филмот „тополите се сетија за својата висина, се разбуди џинот во луѓето – потенцира тој.

Нашиот соговорник вели дека сите ги спомнуваат ПМ-10 честичките, а никој не говори за ПМ-2,5 кои се подеднакво квалитетен убиец како оловото, кадмиумот, цинкот, арсенот во Велес.

Покажа фотографија од човекот што ја купи Топилница и се обрати до децата дека сака да ги испрати во бели ковчези

После три месеци од најголемите протести тој се соочи со тужба, поради јавно искажан став на прес-конференција.

- Кога Топилница беше купена, решив да не премолчам без разлика на цената. На прес-конференција,  јавно покажав слика на сопственикот и се обратив до децата дека тој чичко сака да ги труе, и да ги испрати во бели ковчежиња. После еден месец добив четири кривични пријави за клевета, навреда, загрозување на безбедност, неовластено снимање – вели Смилев.

Додека траеле рочиштата, Смилев добил поддршка од неговите сограѓани и новинарите. Судењето траело девет рочишта, а на едно од нив бил повикан да се извини или во спротивно да плати казна од 20.000 евра и да одлежи казна затвор.

- Не сакав да прифатам ни под разно, туку на адвокатот на тој што ме тужеше, му кажав дека јас нема што да изгубам, туку ќе изгубат неговите деца кои протестираа заедно со мене во први редови, како и целата велешка младина. Постојано се извинував за грешките на другите луѓе и бев уморен да се извинувам за нешто кое што не беше грешка. По еден куп натегања, нудење поткуп од 100.000 евра, тужбата беше повлечена под услов да не ширам триумфализам во медиумите. Кога излегов од судот само изјавив дека нема победници и губитници, туку дека победил здравиот разум – вели нашиот соговорник.

Судската голгота ја преживеал благодарејќи на она што сестра му, му гокажала неколку месеци пред да почине, а тоа е „дека тогаш разбрала зошто тој се борел“. Додека била здрава често го прашувала, дали токму тој ќе го оправи светот и го советувала да се врати на студиите по медицина, бидејќи полагањето на испити го запоставил поради активизмот.

На планина среќавам луѓе без маски

Кога еколошкото друштво „Грин пауер“ ја оставри целта, требале или да се пасивизираат, да се затворат или да најдат друго поле на дејствување, па активизмот на планина бил логичен след на нештата.

Еколошки активности имаат на планина, но и во урбани средини се борат против бесправно и илегално сечење на дрва. Како што вели, екологијата ги прогонува, не можат без неа.

- Историја создадовме со Топилница, а историја создаваме и со маркирање на нови патеки и трансферзали во реонот околу Велес. Други целат кон качување на врвови јас кон испишување на историја во маркирање на нови патеки и трансферзали. Во време на тешки комерцијализации, ние не сакаме да бидеме под ничија капа и го правиме тоа волонтерски. Маркиравме кон Даутица, Бел Камен, Куртовица од која има четири краци кон Солунска Глава, Прилеп, Стровје. Ја воведовме трансферзалата Папрадиште- Горна Белица-Македонски Брод. Такви волонтери кои тоа го прават од љубов, не можете никаде да најдете. Се тепаат кој да ги носи гредите за маркирање долги 2,5 метри во должина од 2,5 километри. Чиниш крстот на Исус треба да го носат  – вели Смилев.

Тој вели дека таквите моменти за него немаат цена и она што најмалку може да направи е да им обезбеди бесплатно спиење и јадење во планинарскиот дом Папрадиште кое од руина, го заживеаја како друштво и го направија како еден од најтоплите домови во државата, со гостопримство и голема љубов.

Цените се едни од најниските, а за возврат планинарите секогаш можат да згреат и душа и тело.

Домот е отворен во 2006 година, а услов од селаните било да им изградат одвод и канализација, кои „Грин пауер“ го изградиле, а овие никогаш не платиле за тоа.

-Аплициравме за средства од 30.000 евра од Светска банка. Но компанијата која требаше да го гради не изигра. Даде драстично пониска понуда од другите, се чудевме зошто, ги зема парите и затвори. Но ако пред да почнеш нешто размислуваш од каде ќе најдеш пари, никогаш нема ни да го почнеш – додава Смилев.

На планина вели дека среќава луѓе без маски, а во урбаното луѓето си ги носат на себе од наутро до вечер. Потребно е да се загубиш за да се најдеш, како што тој двапати се загубил на планина и сфатил дека припаѓа таму.

-Треба да се загубиш за да се најдеш односно да видиш каде припаѓаш. На планина се загубив два-трипати и тогаш сфатив каде припаѓам. Во град можеш само да се загубиш во магла и никогаш да не се најдеш. Ниту еден човек во град не ме разбрал како луѓето во планина. Планината те прочистува, отвора нови светогледи. Планината е филтер за себе, да се научиш себе. Ме спасила во многу животни ситуации – објаснува Смилев.

Понекогаш, сонот треба да си го кажеш гласно

Неговото мото „никогаш не вели никогаш и никогаш не вели засекогаш“ најповеќе се однесува за неговиот последен политички ангажман во „Левица“.

-Ако некој пред некоја година ќе ми кажеше дека дека политички ќе се ангажирам, ќе му се изнасмеев. Но, се случи Левица, бидејќи луѓето кои ја сочинуваат, од „Ленка“ и „Солидарност“, најмногу ми помогнаа околу судскиот процес кога беше за Топилница. Притоа се работи за толку политички не извалкани луѓе кои се бореа за фотелја, а молеа Бога да не седнат во неа. За жал, во нашето општество не можеш ништо да промениш со граѓански активизам, туку мораш политички да се ангажираш. 12.000 гласови е занемарлива бројка во однос на пораките што секојдневно ги добиваме од млади луѓе дека во нас гледаат единствена надеж. Луѓето не ја препознаа автентичната левичарска идеологија, како што не успеаја да го препознаат проблемот со загадувањето. Многу од нив се чисти луѓе беспрекорни без политичка нечистотија врз себе. Но и за ова треба време да ферментира. Луѓето заборавија дека овие луѓе променија многу работи како оној небулозен закон со кој 20.000 граѓани ќе беа осудени заради лажно пријавување за здравствњно осигурување –објаснува тој.

Тој не знае ниту еден министер за животна средина, освен Тони Поповски за кого вели дека го памти, бидејќи изјавил дека „Велес е загаден како последица на вертикалното издигнување на сонцето“.

Како уважен амбасадор за животна средина за Југоисточна Европа и еколошки активист влегол во српското и хрватското собрание, каде што одржувал мотивациони говори и бил пречекан со сите почести, но ете во македонското собрание не влегол.

„Како граѓанин на оваа држава, сакам да видам како Собранието изгледа одвнатре.“ вели Смилев.

Кога се запознава со некого, секогаш се запознава со извадок од книга на Никола Спарк и вели дека е мал човек со мали мисли.

Смета дека добро е понекогаш сонот да си го кажеш јавно, како што тој тоа го сторил во „Сава центар“ пред огромен аудиториум.

- Во 2010 година кажав дека на местото на Топилница сакам да имаат зелена површина каде што велешани ќе играат фудбал. Четири години подоцна, на седница на советот на Општина Велес со новиот урбанистички план беше решено тоа место да биде ливада, парк со зеленило и со тоа практично, Топилница се избриша од мапата на Велес – вели Смилев.

Можеби две иронични смеења на соговорниците од спротива биле пресудни Игор да ги оствари целите -затворање на Топилница и отворање на Папрадиште.

- Кога отидовме да го основаме здружението „Грин пауер“, и кога ја кажавме нашата цел, нотарот ми се изнасмеа в лице. Истото ми се случи и со селаните кога кажав дека сакам да го изградам Папрадиште кој беше руина. Тие две смеења, можеби беа клучните за да истраам во целите за кои се борев – вели Смилев.

И наместо да му издигнат споменик, кој лично ќе го потсетува за делото што го направи за својот роден град, Игор вели дека често е неразбран од своите сограѓани. Тие за него велат дека е „љуткав“ што преведено од велешки отприлика би значел луд од крајност во крајност, или во најпозитивна или во најнегативна смисла.

Среќа пак, што оние што го среќаваат по планина за него ќе кажат дека освен што со својата појава ги грее по студените падини, тој е и непогрешлив метеоролог за времето на врвот.

Нашето мени

Од богатиот избор на ресторанот „Гурмет“ со Смилев се определивме за салата „Гурмет“ и таљатели „Гурмет“

jQuery Slider
При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови