(Фото) Минчо Јорданов и ќерка му го закроија лозјето на „Стоби“

3463 Views Февруари 14, 2017 Вино Редакција Емагазин

Стотици гости меѓу кои и амбасадорите на Холандија, Италија и Унгарија, претставници од бизнис – секторот, вински витези и експерти денес (вторник, 14 февруари) присуствуваа на свечената прослава на празникот Св.Трифун во винаријата „Стоби“.

Настанот почна со литургија и закројување на лозите по што следуваше музичко шоу на кое присутните дeгустираа ексклузивни вина од богатата палета на една од најголемите винарии во Македонија.

На прославата настапија: триото на реномираната џез-пејачка Марија Димитриевиќ; новата надеж на домашната сцена Антониа Гиговска која беше и финалист на шоуто „Пинкови ѕвезди“ и џез-бендот „Д свингерс“. 

На денешниот настан ексклузивен гостин беше и претставникот од компанија Schermer од Холандија која воедно е првата дистрибутерска фирма со која „Стоби“ има потпишано договор. Прославата на Св. Трифун е заокружување на регионалната промоција на ексклузивните вина од линијата Private Reserve.

Оценувајќи ја изминатата година како успешна, менаџментот на „Стоби“ се надева дека и во 2017 ќе продолжат да се развиваат со исто темпо. 

- На крајот на 2015 година промовиравме нови премиум вина и минатата година бевме фокусирани на нивно претставување во земјава и во странство. „Акација“, „Аура“, „Аксиос“, „Аминта“, „Вердо“ и „Веритас“ се „најдоброто од најдоброто“ создадено од стручниот тим на винаријата и задоволни сме дека наидоа на одличен прием од вљубениците на виното, како и од енолозите и винските стручњаци – објаснува Ана Јорданова, главен вински уредник во „Стоби“.  

Лани беа организирани настани во Србија и Босна каде се дегустираа новите вина на „Стоби“, заедно со македонски специјалитети подготвени на модерен начин. 

- Концептот не беше да го понудиме најдоброто од нашата винарија туку од нашата земја и тоа пред одбрана публика. Миксот на нашето вино и вкусната храна се покажа како добитна комбинација.

Минатата година учествувавме и на повеќе натпревари на кои добивме повеќе пофалници и медали, но најдраг ни е златниот медал за црвеното вино „Аминта“ на престижниот BIWC (The Balkans International Wine Competition) – појаснува  Јорданова и додава дека денешната прослава е можност да ги соберат сите свои соработници и пријатели на исто место, да го одбележат Св. Трифун и да посакаат и 2017 да им биде исто така бериќетна. 

„Стоби“ е модерно конципирана македонска винарија, лоцирана во општина Градско, веднаш до античкиот локалитет Стоби, од каде што го добива и своето име. Произведува повеќе од 15 различни типови на вино од кои дел се продаваат и на европскиот и американскиот пазар.
 
Севкупниот капацитет на „Стоби“ е 4,5 милиони литри висококвалитетно македонско вино годишно, распределено во 4 категории – премиум, елит, класик и традиционални. Производството се базира исклучиво на сопствените лозови насади, кои се простираат на површина од 600 хектари.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови