Запознајте го Мет Мури, единствениот Американец кој зборува кратовски

6503 Views Февруари 15, 2017 Интервју Камелија Делија

Мет Мури за прв пат ја пооетил Македонија во далечната 1999 година како дел од Мировниот корпус. Работејќи како професор по англиски јазик во кратовската гимназија „Митко Пенџуклиски“, тој за кратко време успева да го научи македонскиот јазик, но со кратовски дијалект. Сега можеби е и единствениот Американец кој зборува кратовски. 

Тој во моментов е повторно во Македонија, но овој пат со друг проект наречен “Што ако...?360“, кој има за цел да ја поттикне љубопитноста и во училиштата и кај бизнисот.

Вели дека до оваа идеја дошол уште од времето кога работел како професор во Кратово, од љубопитноста на неговите ученици кои го поттикнале неговите лекции да ги направи релевантни за нивните животи

Вели дека планот му е да продолжи во иднина да работи во училиштата во Македонија со својот проект и да ја направи како што вели Македонија најљубопитна држава во светот.

Кој е Мет Мури? Кажете ни нешто повеќе за себе? Каде сте во моментов и што работите?

- Јас сум едукатор, писател и претприемач. Но, најмногу од сè, јас сум љубопитна личност која сака да учи што е можно повеќе за луѓето и местата во овој свет. Во моментов, освен што пишувам книги, работам со училишта, заедници и бизниси со цел да им помогнам преку љубопитноста да внесат иновации во начинот на кој тие предаваат, служат и работат.

Кога прв пат дојдовте во Македонија и кои беа вашите први впечатоци од нашата земја?

-Во Македонија за прв пат дојдов во 1999 година, како волонтер во Мировниот Корпус. Првите три месеци ги поминав во Скопје, каде што живеев со семејство-домаќин и го учев македонскиот јазик, култура и обичаи. Потоа, бев прераспределен да работам во Кратово, како професор по англиски јазик во гимназијата „Митко Пенџуклиски“. Таму предавав англиски јазик и работев на разни проекти за заедницата, додека учев повеќе за македонската и кратовската култура.

Сега сте повторно во Македонија, работите на нов проект кој се вика „Што ако...?360“ (“What If…?360”). Што е всушност „Што ако...?360“?

-Што ако...?360“ (“What If…?360”) започна како конференција, слична на „ТЕД Разговорите“ (TED Talks), но со фокус на учеството на публиката и активности за соработка. Додека се уште работам на организирање на конференции, или „Што ако?360 Искуства“ (“Wi?360 Experiences”), сега работам на обуки за наставници, консултации со бизниси, работам со претприемачи, правам проекти кои носат социјални промени и ги вклучуваат своите умови преку „Книгата за Што ако...?“.

Од каде потекна оваа идеја?

-Идејата не потекна од едно место. Таа еволуираше во текот на повеќе години. Едно од моите најрани сеќавања од детството беше периодот кога татко ми продаваше енциклопедии. Имавме дома цел сет од енциклопедии и јас секој ден поминував по неколку часа отворајќи кој и да било том и читав на која и да било страна што ќе ми се отвори.

Потоа, што и да прочитав, а ќе ме заинтригираше, истото тоа ќе го побарав во друг том од енциклопедиите, следејќи ја мојата љубопитност, се додека не заспиев или не беше време за вечера. Сепак, почетокот на процесот и методологиите што ги користам денеска навистина започнаа кога бев професор по англиски јазик во гимназијата „Митко Пенџуклиски“ во Кратово.

Моите ученици имаа различно потекло и имаа различен пристап до ресурси како книги, компјутери или воншколски активности. Сепак, моја работа беше да ги научам на истите лекции и да ги постигнам истите цели. Поради тоа, бев принуден да изнаоѓам различни начини за да допрам до нив без книги, па дури и различни потекла.

Тоа не го сфатив тогаш, но она што го открив беше моќта на љубопитноста и како, јас како едукатор, можам да пронајдам за што е љубопитен или заинтересиран секој од моите ученици како да ги направиме нашите лекции релевантни за нив и нивните животи.

Штом го постигнеме тоа, заеднички можеме да постигнеме неверојатни работи. Тоа и го направивме. Но, работата не беше само што и како им предавав на моите ученици, туку и јас учев од нив. Со мојата љубопитност за тоа кои беа моите ученици, како Македонци, како кратовчани, како човечки суштества, можев да научам многу повеќе од она што мојата природна интелигенција некогаш ќе ми дозволеше.

Сето она што сум денеска му го должам на Мировниот корпус за можноста да бидам волонтер, но и на луѓето од Кратово за нивниот прекрасен придонес кон мојата љубопитност.



Дел од проектот Што ако..?360 е и работа во училишта со ученици од основно и средно училиште. Што ги учите, или поточно што тие учат од вас?

-Она што го работам со училиштата спаѓа во две главни категории: посета на часови и професионален развој. За време на посетите на часови, се среќавам со ученици за да разговараме за пишување или упатување во „Процесот за учење базиран врз 8 чекори на љубопитност на Што ако...?360“. Со тоа, заедно работиме за да откриеме како тие би можеле да ја ослободат својата природна љубопитност која ќе им овозможи да постигнат се што ќе замислат.

За време на мојот професионален развој, помагам во обуката на наставници/професори и администратори во воведување нови методологии, активности и лекции за тоа како може да ја користат љубопитноста во нивните училишта за да ги надминат нивните цели и задачи. Со тоа, не само што ќе забележат зголемување во резултатите на тестовите и учењето помеѓу нивните ученици, туку воедно наоѓаат нова радост во нивната професија, која им помага да се забавуваат додека предаваат.

Неодамна, оформив партнерство со групи како Институтот Дигитално државјанство (Digital Citizenship Institute) и Belouga.org, со цел приближување на програмите кои им помагаат на наставниците /професорите и училиштата да внесат иновации за користењето на технологијата во нивните училници.



Велите дека работите сп својот проект и со бизнисот, како „Процесот Што ако...?360“ помага во иновативноста и претприемништвото?

- „Процесот Што ако...?360“ помага во иновативноста и претприемништвото првин со тоа што е отстранета претпоставката дека јас (или некој друг) го има одговорот. Ние не им кажуваме на луѓето „Ние знаеме што треба да направите, сега следете го ова...“.

Наместо тоа, процесот започнува со љубопитноста на секој корисник. Тогаш, процесот е дизајниран да се користи емпатија за да се слушне и разбере што навистина треба да се реши или да се надгради. Оттаму, процесот е дизајниран да се охрабрат активностите за соработка, така што, наместо луѓето да со заминат мотивирани да се прашуваат „А сега што понатаму?!“, процесот ги остава луѓето да работат заедно, со јасен пат со активности за кои веднаш започнуваат да разговараат. Со тоа, учесниците стануваат самоодржливи во нивните идни иновативни или претприемнички потфати.

Дали планирате повторно да се вратите во Македонија и кои се вашите планови за тука?

Мојот план е да продолжам да изнаоѓам начини за да се вратам и да им возвратам на луѓето и на Македонија. Никогаш нема да можам целосно да им се оддолжам на државата и на луѓето за она што ми го дадоа. Во моментов барам македонски издавач кој ќе ја објави „Книгата за Што ако...?“ на македонски јазик.

Оттаму, би сакал да продолжам да пронаоѓам начини да работам со училишта низ цела Македонија, да посетувам часови и да давам обуки на нивните наставници/професори, за Македонија да биде позната како „Најљубопитна држава во светот“.

Исто така, многу сум среќен што можам да ја споделам дигиталната платформа Belouga.org со училиштата и наставниците/професорите во Македонија. Не само што тоа претставува 100% бесплатен сервис за дигитално учење, туку, преку соработувањето при совладување лекции со други училишта/ученици од целиот свет, училиштата во Македонија може да ги заработат ресурсите кои што им се потребни на нивните училишта како што се таблет компјутери, компјутери, книги, паметни табли итн., кои ќе им овозможат да се зближат со училишта од сличен ранг од други краеви на светот.

Мојот план е да ја видам Македонија да постигне глобално признание за чудата и убавините кои ги поседува.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Камелија Делија

Камелија Делија новинар кој ги запазува сите новинарски стандарди.Обожава вино, а и да се чекира!