Бизнисмените бараат што поскоро формирање на нова влада, бидејќи стопанството трпи

430 Views Февруари 17, 2017 Бизнис Редакција Емагазин

Македонските бизнисмени се жалат на моменталната политичка ситуација и бараат што побрзо формирање на нова Влада.

На настанот на одбележувањето на 95. години од работењето на Стопанска комора, запрашани за оваа состојба со политичката криза, тие велат дека сметката која што ќе треба да ја плати стопанството за оваа состојба, ќе биде голема.

Вакуум просторот во кој се наоѓаме, веќе подолго време трае, па идната влада ќе има тешка задача да ги пополни празнините што сега се создаваат, смета заменикот- генерален директор во рудникот „Бучим“, Николајчо Николов.

– Производството на руда е нормално и зависи од луѓето кои работат таму. Но издавањето на дозволи за концесии и други дозволи не функционира. Во последните 40 години не е изграден ниту еден рударски капацитет – додаде Николов.

Претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески истакна дека идната влада треба да воспостави јавно-приватен дијалог со бизнис-заедницата.

-Наместо да има проблеми при имплеменатција на законите, владата треба да ја вклучи бизнис заедницата во концепирање на тие закони и сите проблеми ќе бидат решени – додаде Азески.

Тој потенцираше дека не може политиката да не влијае врз економијата, но бизнис-секторот низ годините успеал да се носи со политичката ситуација.

– Последните две години не кревавме паника, бизнисот функционираше и компаниите работеа. Но, да не беше кризата ќе се постигнеа поголеми резултати – истакна Азески.

Универзитетскиот професор  Горан Рафајловски, смета дека влечењето и тактизирањето на ДУИ му нанесува огромна штета на стопанството на Македонија.

-Техничката влада не ги исполнува обврските кон бизнис-секторот - изјави Рафајловски.

Според него, приоритет на новата влада треба да биде враќање на долгот.

– Новата влада сериозно треба да се потруди да ги врати долговите на државата кон јавните претпријатија, компаниите при што треба да позајми околу една милијарда евра за стопанството да профункционира – потенцираше Рафајловски.

Фото: МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови