Стојковска: Зумбата не е само вежбање, таа е енергија, музика и насмевки

1680 Views Февруари 20, 2017 Интервју Редакција Емагазин

Ако ја сакате музиката, добриот ритам и сето она што претставува зумбата, тогаш сте на вистинското место. Сања Стојковска е девојката која што ќе ве внесе во светот на вежбањето. Колку обврските влијаат на вежбањето, се постигнува ли? И зошто треба да се храниме правилно? За ова и многу повеќе дознајте од разговорот со Сања.

Како се роди желбата за зумба?

-Уф, желбата општо за вежбање ми се појави многу оддамна. Почнувајќи со најразлични физички активности па се до моментот кога пред 6-7 години прв пат се појави зумбата во Македонија. Во тоа време малку потешко беше да се убедат луѓето дека и ова е начин на вежбање кој носи бенефит и резултати. Кога ја сакаш музиката, ја сакаш и зумбата, многу е едноставно.

Спомена музика, работиш како радио водител, а се појавуваш и на телевизиски екрани, се постигнува ли?

- Ако се сака се се може, хаха, колку и да е клише, ама така е. Баш така, опкружена сум со музика, секогаш и секаде. Во радио на емисија, во телевизија додека работиме, додека пешачам со слушалки сум секогаш, па дури и кога се бањам и готвам. Да се вратам на прашањето, може да се постигне, се е до организација, доколку добро се организираш, тогаш се постигнува.

Познато е дека храната е половина вежбање, успеваш ли со толку обврски да се храниш здраво?

- Ова ми е често прашање и од моите вежбачки, секогаш е тешко да поставиш баланс со времето, обврските и храната. Ама во време кога можеш се да си купиш за носење, кога можеш добро тоа да го спакуваш не е тешко. И да, дефинитивно храна без вежбање и вежбање без храна не оди. Не велам дека треба да се потпираме на диети, туку му обезбедиш на организмот најдобар појадок, исто толку добар ручек и за вечера некоја салата, супа, чаша јогурт би било одлично. Не треба да го лишуваме организмот од храна, напротив, треба да го храниме со потребните состојки.

Колку време трае еден зумба час?

- Еден зумба час трае 60 минути, без пауза, нормално со песни во кои малку се одмара за да се земе во воздух, ама во континуирано движење па дури и да е тоа многу побавно.

Како изгледа еден идеален зумба час според тебе?

- Ништо посебно не треба да се направи, енергијата, музиката, насмевката си го прави своето. Идеален час ми е кога вежбачките ми се насмеани и кога ми го даваат тој фидбек кој што секој инструктор сака да го види.

Колку пати во неделата вежбате, колку пати треба да се вежба?

-Ние вежбаме три пати неделно, доволно за да се задоволат потребите на телото. Не е ова теретана, па денес работиме нозе, утре грб и слично. Ова е час каде што во 60 минути се разработуваат сите мускули, токму затоа се игра и на некој вид кореографии. Понеделник, среда и петок од 17 часот во една од салите на гимназијата Јосип Броз Тито. 

Што би им препорачала на оние кои сега почнуваат и оние кои сеуште размислуваат?

- Оние кои што почнуваат само не треба да се форсираат, телото само ќе им покаже кога е подготвено за повеќе и повеќе, а оние кои не почнале, што чекате? Хаха. Шегата на страна, вежбањето не е само за подобро и поубаво тело туку и за многу подобро здравје. Затоа, Ве чекам на зумба 

За крај каде можат да те најдат?

- Како што кажав, ние вежбаме во една од салите на гимназијата Јосип Броз Тито, ама секако можат да ме најдат и на фејсбук фан пејџот Zumba Afterwork Workout so Sanja каде што има и мој телефонски број,  а секако можат и таму да пишат. Доколку има желба, се останато е многу лесно да се договори. 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови