(Галерија) 25 години Јумис: Македонски мебел со совршен дизајн и квалитет

Кога пред 25 години, дрвноиндустрискиот инженер, Илија Арсовски, го отворил салонот за мебел ЈУМИС, не претпоставувал дека еден ден истиот ќе прерасне во една од најголемите фабрики за мебел во земјава.

Приказната започнува во 1992 година, кога по долгогодишно работење во дрвната индустрија, Арсовски започнува да работи сопствен бизнис и на тој начин ја продолжува својата љубов кон мебелот и ентериерното уредување. Влегува во трговијата со мебел и го отвара својот прв салон за мебел, Јумис мебел.

Салонот работи во изнајмен простор кој поради разновидната роба од различни производители од увоз станува најатрактивен салон за мебел во источниот дел на Македонија. Бизнисот се проширува со отварање на повеќе салони во разни градови низ Македонија. За неполни 5 години работење, изложбениот салон од 500 м2, прераснува во салон од 2.000 м2 во веќе сопствен објект.

Во сопствениот бизнис, уште пред да го заврши факултетот за мебел и дизајн, се вклучува и неговата ќерка Јулија, која како креативен директор и заедно со нејзиниот сопруг, Даниел Илиев, директор за маркетинг и продажба, ја продолжуваат мисијата и визијата на нејзиниот татко, почнувајќи и со производство на сопствен мебел.

„Желба ми беше да се занимавам со уметност и дизајн. Паралелно со студиите практично го спроведував тоа што го учев на факултет и почнав со уредување на ентериери. Сопственото производство на тапациран и плочест мебел ми беше големо олеснување во спроведување на проектите, зошто често ми се случуваше да проектирам мебел, а другите производители да не можат да го изработат,“ вели Јулија.

Во годините што следат постојано го зголемуваат производствениот простор, а со тоа и рапидно се зголемува производството на мебел. Во тој период имаат голем раст на продажба и покрај економоската криза. Својот асортиман почнуваат да го пласираат и надвор од земјава.

„Интересна беше соработката со компании од Блискиот Исток. Меѓу толку многу производители не одбраа токму нас, за што беше пресуден постојаниот квалитет кој го нудиме. Предизвик ни беше да го изработуваме нивниот стил на мебел кој во целост беше рачна уметничка изработка. Ги надминавме нашите очекувања. За нас нe постои нешто кое неможеме да го изработиме“, раскажува Даниел.

Во 2014 го отвораат ексклузивниот салон во Скопје под брендот Jumis Luxury, на површина од 1.450 м2. Jumis Luxury нуди ексклузивен и високо квалитетен мебел. Овде се изработуваат и парчиња мебел кои се кастинг модели за одредени купувачи. Големи проекти, соработка со најпознатите архитетки и дизајнерски куќи, комплетни решенија за ентериери, се новите предизвици кои ги следат во последните две години.

„Соработката со странски компании ни носи добра заработувачка. Затоа тие ни се сериозен таргет. Во секој случај квалитетот и нашиот имиџ ни се многу поважни од зголемувањето на класичната продажба и профитот,“ вели Даниел.



Во моментот Јумис функционира на простор од 7.000 м2, а до крајот на годинава се планира двојно зголемување во производствениот простор, а со тоа и можности за дополнителни нови вработувања. Креативниот тим кој брои 10 архитети, е во постојан нагон за креирање нови модели кои ги пратат трендовите од најпознатите светски имиња во делот на мебелот.



Токму во тоа е разликата од останатите производители во нашата земја. Честите посети на саеми низ регионот и Европа, им помагаат да ја создадат сопствената визија како треба да изгледаат нивните производи и несомнено можат да се споредат рамо до рамо со најпознатите светски брендови за мебел.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови