Што треба да правите ако ви продадат фаличен производ

Ако трговецот ги продава производите кои имаат недостаток или грешка, мора таквите производи физички да ги одвои од останатите производи и јасно видливо и читливо да ги обележи на производот и на продажното место да истакне натпис дека се работи за продажба на производи со недостаток или грешка. 

Според Законот за потрошувачи, потрошувачот на кого му е продаден производ со недостаток има право по свој избор да бара:

– бесплатно отстранување на недостатоците на производот или надомест на трошоците направени за отстранување на недостатокот;

– сразмерно намалување на продажната цена;

– замена на производот со соодветен производ со иста трговска марка, тип, индустриски дизајн или ознака за потекло и географска ознака на производот;

– замена на производот со соодветен производ со друга трговска марка, тип, индустриски дизајн или ознака за потекло и географска ознака на производот со соодветно намалување или зголемување на производната цена и

– раскинување на договорот, враќање на платениот износ и надомест за претрпената штета.

Потрошувачот нема право да го раскине договорот ако недостатокот на производот е минимален.

Во случај кога потрошувачот купил прехранбени производи со недостаток, трговецот е должен да изврши нивна замена за производи со соодветен квалитет или на потрошувачот да му го врати платениот износ, доколку недостатоците се утврдени во рокот до кога производот може да се употребува.

Потрошувачот  е должен да приложи фискална сметка за производот, односно јасно видлива и читливо напишана сметкопотврда, а за производите за кои постојат рокови за гаранција и гарантен лист или друг документ што го заменува.

Трговецот или производителот е должен да го прими производот со недостаток од потрошувачот и да ги задоволи неговите барања, освен ако не докаже дека недостатоците на производот настанале поради повреда на правилата за употреба и чување од страна на потрошувачот, трети лица или виша сила.

Потрошувачот има право да присуствува при проверката на квалитетот на производот.

Недостатоците кои се откриени од страна на потрошувачот, трговецот мора да ги отстрани во рок од 30 дена од моментот на поднесувањето на барањето од страна на потрошувачот или по добивањето на решението од надлежниот инспекциски орган со кое е наредено трговецот да ги отстрани недостатоците во определен рок.

За производите кои служат за потрајна употреба трговецот е должен, по приемот на барањето од потрошувачот, веднаш да му достави соодветен производ кој потрошувачот ќе го користи за време на поправката на производот.

Во случај на отстранување на недостаток на производот гарантниот рок се продолжува за време во кое производот не е користен. Ова време се пресметува од денот на барањето на потрошувачот за отстранување на недостатокот.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Камелија Делија

Камелија Делија новинар кој ги запазува сите новинарски стандарди.Обожава вино, а и да се чекира!

Најчитани вести