Отворен веб-форум на Логин Системи за стратегија и изведба со Balanced Scorecard

Логин Системи отвори нова категорија на форумот, како дел од веб-сајтот на Логин Системи, посветена на стратегијата и светски познатата методологија за изведба на стратегијата – Balanced Scorecard. 
 
Во недостиг на доволно локални свежи содржини и примери, се наметнува потребата од формирање на централно информативно место кадешто ќе се дискутира за елементите од современиот менаџмент, стратегијата и изведбата на стратегиите.

Достапноста на содржините на Интернет за овие теми како и преводот на разни книги од областа на менаџментот не се доволни за вака значајна област од менаџментот и претприемништвото. Можноста за споделување на примери или искуства речиси и не постои. 

Последните години премногу се мешаа(т) поими на стратегија, проекти, стратешки цели и визии. Ова придонесува за збунетост и конфузија кај луѓето за теми поврзани со проекти на владата, платформи на партиите, стратешки цели и слично. Дополнително, учениците од средните училишта имаат предмети за претприемништво и бизнис, но немаат доволно информации и материјали за учење и продлабочување на знаењето.

„Дали членувањето во ЕУ и НАТО е стратешка цел или е визија или е стратешка иницијатива? Или можеби стратешка дестинација или стратешки приоритет? Целта со форумот е преку случаи за учење од развиениот свет и од Македонија да извршиме дополнително информирање и едукација на менаџерите, претприемачите, студентите и секако на политичарите за битни теми од стратегиите. На луѓето им треба насочување или иницијална каписла од каде да почнат.

Сум држел предавања на студенти од економски факултети во земјата и странство, сум бил консултант на организации и политички партии, сум имал работилници и стратешки сесии со стопанственици и менаџери – едноставно постои потребата од дискусии на овие теми надвор од постоечката литература.“ вели Венко Глигоров, главен модератор на форумот. 

Форумот обработува теми кои се клучни за работењето на организациите независно дали се од приватниот или јавниот сектор. Овој дел од форумот на Логин Системи е наменет за топ или средно-ниво на менаџери од фирмите и организациите во Македонија кои сакаат да научат за бизнис модели, стратегија и balanced scorecard. Форумот може да биде корисен и за студенти и после-дипломци од бизнис администрација, претприемачи или консултанти за подобрување на работењето на организациите.

Содржините ќе бидат модерирани од Логин Системи и модераторите ќе постираат теми со почетни информации кои потоа ќе се дискутираат со сите заинтересирани. Логин Системи очекува повеќе стотини поединци да го користат и надополнуваат форумот за стратегија, претприемништво и изведба на стратегијата со Balanced Scorecard.

Првите постови на форумот се планира да бидат со кусо објаснување на основните поими околу стратегијата, бизнис моделот, стратегијата и работната рамка balanced scorecard, вклучувајќи ги и термините за мисија, визија, стратегија, стратешки план, стратешка мапа, balanced scorecard, стратешки цели, стратешки иницијативи, стратешки теми, компензирање според перформансите.

Форумот е бесплатен и ќе може да се користи со претходна најава преку емаил адреса, или сметка од социјалните мрежи Facebook и Google+. Тој се наоѓа на адресата http://www.loginsystems.biz/forum/strategija-i-menadzhment.  

За Balanced Scorecard

Balanced Scorecard е многу атрактивна методологија и многу познати светски фирми и организации (вклучително и министерства и влади на држави) користат Kaplan-Norton Balanced Scorecard во своето работење.

На највисоко концептуално ниво, Balanced Scorecard е методологија која помага на организациите да ја преведат стратегијата во оперативни цели што ги насочуваат однесувањата и ги подобруваат перформансите во организациите.

За Логин Системи

Логин Системи е компанија за планирање, развој, имплементирање и поддршка на софтверски системи за сметководство и ЕРП базирани на Microsoft Dynamics NAV. Фирмата има искуство во работењето со Dynamics NAV повеќе од десет години во Македонија, Косово и Албанија. Повеќе информации има на www.loginsystems.biz или на Facebook страната www.Facebook.com/LSMacedonia. 

За Венко Глигоров

Венко Глигоров е дипломиран инженер по информатика-автоматика со искуство во предавање и тренинг на повеќе стотици студенти од различни професии. Покрај предавања на мали групи до 10 студенти, тој презентирал во сали со повеќе стотина гости, па дури и настани со повеќе од илјада посетители. Во 2010та година Глигоров се здоби со сертификатот, Kaplan - Norton Balanced Scorecard Certified Graduate, на полето на „Palladium Execution Premium Process™ (XPP)“, „Balanced Scorecard and Strategy Map“ и „Strategy-Focused Organization (SFO) Principles“. Во 1991ва година Глигоров ја основа фирмата Логин Системи, а е со-основач на Кардена Кеар во 2011та година. 

Покрај работењето во Логин Системи како генерален менаџер, Глигоров е иницијатор и со-основач на МАСИТ во 2000та година, еден од основачите и де-факто прв претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија во периодот од 2004 до 2008, како и поранешен член на комитетот „еМакедонија за сите“ на покојниот Претседател на Македонија, Борис Трајковски. Заедно со Мајк Зафировски, Џон Битоф и неколку други бизнисмени од дијаспората, тој е основач на меѓународната невладина организација „Македонија 2025“ во 2006та година. 

Глигоров во последно време е чест гостин- предавач на значајни домашни и регионални конференции и настани за претприемништво, стратегијата, и менаџментот во организација на Академијата за менаџери (партнерска организација со Универзитетот Шефилд), топ-клас програмата на CEED, како и тренинг настани во организација на Владата на РМ.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови