Зошто албанските партии треба да се откажат од платформата

Наместо да излеземе од политичката криза, но и од економската која единствено бизнисмените од време на време ја спомнуваат, ние влеговме и во уставна.

Нема влада, Собранието не функционира, а за брзо време нема да функционира ни локалната власт, ако не се одржат планираните предвидени локални избори.

Граѓани протестираат на улица, а некои го спомнуваат и најлошото-војна.

Ваквата состојба можеби им одговара на некои политичари, ама на народот сигурно не. Тие народски се обезбедени и за нивните внуци, а обичниот народ е тој што секогаш ја плаќа највисоката цена. Па ќе ја плати и овој пат.

Македонија долго време работеше на граѓанскиот концепт, кој требаше да биде решение за уште еден проблем-кревките меѓуетнички односи, кој сега сериозно е загрозен од платформата на албанските партии.

Платформата донесе раздор помеѓу граѓаните и создаде невозможна преговарачка позиција за било кој мандатар.

Навистина не разбирам што на граѓаните Албанци ќе им стане подобро во животот ако на банкнотите пишува Народна банка на Македонија и на албански. Се е џабе ако истите ги немаат во џеб.

Но знам дека тоа иритира многу Македонци.

Или зошто некој прави проблем од сонцето на македонското знаме. Па сонцето не е симбол само на Македонците. Под него живееме сите заедно.

Ако толку многу се загрижени за иднината на Македонија, како што знаат често да кажат преставниците на албанските партии, сега е вистинското време тоа и да го покажат.

Со откажувањето од платформата и ставање во преден план на враќањето на функционирањето на институциите, правната држава, заживувањето на економијата, подобрување на животниот стандард, албанските партии вистински ќе докажат колку ја сакаат Македонија, и Албанците и Македонците.

Се друго оди на штета и на Македонците и на Албанците и во корист на непосакувани агенди.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Петре Димитров

Професионален дипломиран новинар со долгогодишно искуство. Најмногу сака да патува и да прави возбудливи репортажи, но за да јавноста биде објективно информирана следи и бизнис и политика.

Најчитани вести