Стојоски: На сцената има многу талентирани музичари на кои им треба место да се изразат

Дарко Стојоски е гитарист кој настапува во различни музички состави и работи на проекти со повеќе музичари. На 17 март ќе свири во Јавна соба, во рамките на отворената музичка програма во живо Showroom. Ќе настапи со Blue Mist, а поголем дел од репертоарот ќе го  посветaт на Grant Green, гитаристот кој што му е инспирација и му извршил големо влијание.

- Со оглед на тоа дека овие настани се ретки мислам дека оние кои што ја ценат џез музиката нема да пропуштат прилика да посетат настан од ваков карактер. Публиката може да очекува дека ние ќе дадеме се од себе на сцената да звучи сето тоа како што треба – вели Стојоски.

Во Македонија се организираат фестивали на џез-музика, но мал дел се посветени на македонските џез музичари. Кој е вашиот став околу нивната организација и нивниот број?

- Сметам дека поголемите фестивали на џез-музика треба да одвојат поголем дел од програмата на македонските џез музичари. На локалната сцена има многу талентирани музичари кои што заслужиле да бидат на тие фестивали. Што се однесува бројот на овие настани, веројатно соодветствува на барањата на публиката.

Каде, освен во петок во „Јавна соба“, публиката може да ве слуша?

-Со оглед на тоа дека повеќето локали немаат редовна програма за џез музика, така и Blue Mist нема редовен настап. Одвреме навреме се појавуваме на места каде што е познато дека може да има ваков тип на свирка. За настапите се трудиме навреме да ги информираме луѓето преку социјалните мрежи.

Ќе имате ли одредени настапи во следниот период?

- Нема закажани настапи со Blue Mist, но сите тројца инволвирани во бендот имаме настапи со други состави (Онија, In the mood, Fierce и уште неколку други..)

Имавте заеднички проект со Ади Имери, дали подготвувате нешто слично и дали можеби е на повидок некоја друга соработка?

- Ади е многу талентиран музичар, а воедно и пријател со кој што е задоволство да се работи. Неодамна разговаравме да се реактивираме на Los Pollos Diablos проектот и мислам дека ќе се оствари истото. Освен тоа, моментално се работи на авторски дела за Blue Mist, но и тековно се работи на проект наречен Filch во кој што учествувам со уште четворица пријатели музичари и се надевам дека наскоро ќе имаме прилика да го презентираме материјалот.Освен овие соработки, можам да напоменам дека редовно настапувам со Онија, триото TRIM и дека сум член на Foolish Green.

За Showroom во Јавна соба

Овој петок на 10 март, во Јавна соба ќе има вечер на jazz standards, latin jazz и love songs.

Публиката ќе ужива во музиката селектирана од квинтетот Cherry Band во состав Трајче Велков - труба, Кирил Кузманов - сакс и флејта, Михајло Чадиновски- вокал и клавијатури, Љупчо Трајковски Фис - бас и Демир Шукри - тапани.

Showroom e отворена музичка програма во живо, со содржини креирани од музичарите од македонската џез сцена, која има за цел да го претстави домашниот музички потенцијал преку индивидуална интерпретација на стилови, концепти и артисти.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести