(ВИДЕО) Фетаи со инспиративна приказна: Се омажив на 17 години, но не се откажав од својот сон

Специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи, раскажа голем дел од нејзиниот приватен живот, на трибината организирана во ЕУ-Инфо центарот по повод 8 Март.

Како поттик и инспирација за девојките и жените, нејзината порака беше дека не треба да се откажат од својот сон, без разлика на пречките и тешкотиите со кои се соочуваат секојдневно. Низ личен пример раскажа дека доколку се сака, се се може, бидејќи пречките се само во главите и сами ги поставуваме.

Се омажила на 17 години, но била убедена дека поседува потенцијал да биде свој човек на личен и професионален план и да остави трага во општеството.

-Иако млада стапив во брак бев убедена дека поседувам потенцијал да бидам свој човек на професионален и на личен план.Свесна бев со какви потешкотии ќе се соочам имајќи ја предвид средината во која живеам, а потоа и се омажив. Бев свесна дека моите родители се од работничко семејство и освен нивната психичка поддршка немав ветер во грб туку целиот ветер го имав во гради. Но и тогаш како и сега, сметав дека нема да отстапам по која било цена и ќе оставам трага во општеството – вели Фетаи.

Таа додаде дека основно училиште завршила во село Неготино, а потоа средно во Боговиње, тетовско.

Таму се вљубила во сините очи на нејзиниот сопруг, а за бракот вели дека и денес постои и правно и фактички.

Додава дека човек кој нема амбиции не може да има реализација на професионален план.

- Како што наложуваа приликите во опкружувањето кога станав сопруга или невеста, како викаат кај нас, брачниот живот ми започна со носење на традиционална облека, димии ако сте слушнале, со бакнување на рака на повозрасните. Сериозно ја започнав кариерата на домаќинка во која влегов без многу калкулации, но брзо се предадов. Животот по кој копнеев како дете, живот на млада образована со успешна кариера и семејство кое ќе стои позади неа ми беше врвен идеал. Одлучив јас да го водам животот, не животот мене – раскажа Фетаи.

Taa вели дека само небото е граница, дури и за жена која доаѓа од конзервативна средина во која во тој период ја осудувало и жената што вози автомобил или носи очила за сонце.

Но сакалa да си докаже на себе но и на другите дека ништо не може да ја спречи жената која има чиста желба, мисла и трудељубивост за да ги оствари нејзините намери.

- Се запишав на Правниот факултет во Скопје како вонреден студент. По завршување на првите две години од студирањето се роди мојот поголем син. Дури можам да кажам дека и тој дел ми беше темпиран, за да можам по студирањето да почнам со волонтирање, стажирање или евентуална работа во струката.

Нема да замарам со детали од тој дел од животот, но беше прилично напорно да се носам истовреме со домашни обврски, мало бебе и спремање на испити. Но имав многу голема поддршка од мајката на мојот сопруг. За разлика од Кочо Рацин, барем имаше струја кај што учев. Се шегувам, далеку е Фатиме од Кочо Рацин. Често се случуваше навечер да учам со светло од телевизорот, за да не ги разбудам сопругот и детето. По завршување на Правниот факултет, волонтирав во Основниот суд во Тетово, положив правосуден испит и тогаш веќе адреналинот, креативноста и  желбата за правда си го направија своето - вели Фетаи.

Таа најпрво се вработила како стручен соработник во Апелациониот суд во Гостивар, и во тој период почнала да дише со полни гради и го замислувала денот кога ќе стане судија или јавен обвинител.

„На 26 години ме избраа за јавен обвинител во Основното јавно обвинителство во Скопје.Гледано од денешен апсект веројатно ме посака среќата што бев избрана на таа функција бидејќи и подоцна како избор на една силна и храбра жена почитувана госпоѓа Катица Јанева, учествувам во најголемата правна битка која до сега ја имало во оваа држава. Во оваа битка влегов со бебе од четири месеци. Но овој момент не го спомнувам случајно, туку да послужи како дополнително охрабрување за сите оние жени кои што во раѓањето на деца гледаат како на некаква пречка за нормален тек или напредување во кариерата која што си ја замислиле. Она што се случуаваше од мојот избор во СЈО до денес ви  е познато од пишувања, па дури и небитните информации со кого, каде пијам кафе,“ вели Фетаи.

Taa додаде дека цврсто е убедена дека вложувањето во себе и образованието, во изградба на личноста е најголемата инвестиција.Смета дека општеството не ги простува успехот, амбиците и интелигенцијата на една жена.

-Пречките не се доволно рефлектирани во правните рамки, полтики, останувајќи нетретирани во систем поради што се појавува јаз помеѓу правото и животот. Постојат повеќе различни основи за нееднаквост на општеството. Родовите елементи придружени со социјален, генерациски и етнички елемент се отежнувачко дејство. Но, многу е битно, тешкотиите и пречките кои се соочуваме како жени да ги третираме како предизвици а не како ограничувачки фактор.Пречките постојат во нашите глави – додаде Фетаи.

Пораката која што ја упати на крај е „дека не треба да се трудиме да бидеме подобри од другите, туку секогаш треба да се трудиме да бидеме најдобрата верзија од себе.“

фото: МИА/Видео: Алсат М

ПРОЧИТАЈТЕ ЈА И ОВАА СТОРИЈА

Личност на годината на еМагазин: Фатиме Фетаи

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести