Доналд Туск реизбран за претседател на Европскиот совет

Полјакот Доналд Туск реизбран е за претседател на Европскиот совет и покрај противењата на неговата родна земја. 

Туск е реизбран за претседател на Европскиот совет со мандат од две ипол години на денеска започнатиот дводневен самит на Европската унија во Брисел.

- Ви благодарам за поддршката, изјави Туск и вети дека ќе го даде најдоброто од себе со цел да ја направи ЕУ подобра.

Според извор од Брисел Туск добил поддршка од 27 од 28-те земји членки, пренесува БТА.

Претходно, владејачките конзервативци во неговата родна Полска се спротивставија на неговата кандидатура, со образложение дека е политички пристрасен и се меша во внатрешните работи на земјата. Тие дури подигнаа алтернативен кандидат за претседател на Европскиот совет - полскиот европратеник Јацек Сариуш- Волски.

Туск, поранешен полски премиер либерал, ги негираше обвинувањата од конзервативната влада во својата татковина, што за возврат беше критикувана од Брисел за кршење на принципите на правната држава.

Сегашниот, прв мандат на претседателот на Европскиот совет истекува на 31 мај. Со реизборот тој ќе остане на функцијата до крајот на ноември 2019 година.

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести