Туск: ЕУ подготвена да се спротивстави на надворешните сили што го дестабилизираат Балканот

Сите земји членки на Европската унија изразија подготвеност да се спротивстават на „надворешните сили“ што се обидуваат да ги дестабилизираат државите од Западен Балкан, изјави денеска претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, на прес-конференцијата по завршувањето на Самитот во Брисел, јави ТАСС. 

- Сите земји на ЕУ изразија поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан и подготвеност да се спротивстават на надворешни сили, што се обидуваат да го дестабилизираат регионот, нагласи Туск.

На истата прес-конференција, германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека независно од интересите на Русија и Турција во Западен Балкан, земјите од регионот треба да имаат перспектива за приклучување кон ЕУ. 

- Ние ја разгледавме ситуацијата на Балканот и дадовме до знаење, дека земјите треба да имаат перспектива за членство во Унијата, дури и да гледаме дека други земји - Русија и Турција - имаат таму интереси, истакна Меркел. 

Синоќа, по завршувањето на гласањето за претседател на Европскиот совет, каде Доналд Туск доби втор мандат, тој изјави дека  тензиите и поделбите во Западен Балкан „излегле од контрола“ и дека тоа делумно е поради „нездравото надворешно влијание“, порачувајќи дека тој регион е од витално значење за Европа. 

- За земјите од Западен Балкан пораката е јасна: ЕУ останува верна на ветувањата што ги даде во Солун и во целост е посветена на стабилноста и просперитетот на регионот, истакна Туск на синоќешниот состанокот.

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Камелија Делија

Камелија Делија новинар кој ги запазува сите новинарски стандарди.Обожава вино, а и да се чекира!