(Галерија) Амбасадорот Џес Бејли танцуваше на „Виенскиот бал“ во Скопје

Вчеравечер, во хотелот „Александар палас“, традиционално се одржа „Виенскиот бал“ во Скопје, во организација на Здружението за културна соработка „Јохан Штраус“ и покровителство на - Амбасадата на Република Австрија во Република Македонија.

Организацијата, програмата, уметниците и зрелата балска публика на 18-то издание на оваа манифестација, потврдија дека „Виенскиот бал“ во Скопје е конкурентен на кој било виенски бал одржан во светските метрополи.

Откако амбасадорката на Република Австрија во Република Македонијa, Ренате Коблер, го отвори балот, стотина врвни уметници се погрижија публиката да остане на нозе до рано наутро. За танцот со звуците на валцерите се погрижи оркестарот „Јохан Штраус“ - триесет професионални музичари, кои музицираа под диригенство на маестро Емин Џијан.

„Џез биг бендот“ на Здружението на џез-музичари и слободни уметници, Џон Илија Апелгрен, младата и атрактивна пејачка Калина Велковска и еден од мајсторите на живата свирка, Дејан Бобиќ-Дексо, се покажаа како идеален спој на маестрален оркестар и врвни вокални изведувачи.

Хитовите и евергрините изведени со поинаков, покомплексен призвук со урбана димензија, го преполнија подиумот на „Виенскиот бал“ и предизвикаа восхит во салата. Доцна во ноќта, публиката танцуваше и уживаше и во настапот на „Свингерси бенд“.

Танчарите на танцовиот клуб „Прима данца“ повторно беспрекорни на подиумот на „Виенскиот бал“ изведуваа атрактивни точки, вредни за громогласни аплаузи од публиката.

Со својот настап восхити и танцовата двојка од светска класа од Милано, со грациозна изведба на шоу на стандардни танци. Посебно атрактивна и енергична беше изведбата на „Руеда де Казино“ од страна на „Прима данца“ во соработка со танчарите од „Академија рекреатива“.

Манифестацијата, трета година по ред, ја водеше Јована Стојменовиќ, која се појави во прекрасен балски фустан, дело на модната дизајнерка Антонија Ристовска. Гостите, дипломатите, уметниците покажаа рафиниран стил со гардеробата што ја избраа за балот во рамките на задолжителниот дрес-код.

И оваа година, „Виенскиот бал“ и елегантните гости беа во служба на хуманоста. 

Дел од средствата од продадените билети се наменети за Здружението на граѓани за третман на лицата со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром - „Во мојот свет“.

jQuery Slider
При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови