Сите детали: Кој го советува претседателот Иванов

Една од клучните личности кои ќе одредуваат во кој правец ќе се движи политичката, уставната, но и економската криза во земјава е претседателот на државата, Ѓорге Иванов.

Тој вчера посочи дека се уште не се остранети пречките за доделување на мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран, кој обезбеди 67 потписи на пратеници. 

„Претседателот Иванов останува на ставот изнесен во обраќањето до граѓаните на Република Македонија на 1 март 2017 година. Пречките за определување мандат за состав на влада се уште не се отстранети“, се вели во ставот од Кабинетот на претседателот на Република Македонија.

Во обраќањето на 1 март, претседателот Иванов од Заев побара јавно и јасно да ја отфрли и осуди платформата на албанските партии, со која, според шефот на државата, се доведуваат во прашање темелните државни интереси на Република Македонија и нејзините граѓани.

Според претседателот Иванов платформата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава, земјата е уценета, а нејзината унитарност, сувереност и независност се загрозени.

„Сè додека сум претседател на Република Македонија, нема да дадам мандат ниту на човек, ниту на партија што се залага или во својата програма има платформа за рушење на суверенитетот, територијалниот интегритет и самостојност на Република Македонија. Бидејќи длабоко верувам дека ова се темелни вредности со кои никој нема право да тргува. И не мислам да отстапам од нив“, изјави претседателот Иванов на 1 март.

Кој го советува Иванов?

Во меѓувреме додека ги очекуваме следните потези на Иванов, но и на СДСМ, ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците за кои се шпекулира дека деновиве ќе влезат во Собрание за да изберат претседател, еМагазин Ви ги преставува лицата кои го советуваат Иванов.

Според официјалниот сајт на претседателот, оваа се неговите советници:

Лубен Арнаудоски - Заменик генерален секретар за правни и финансиски работи

Заменик генералниот секретар, Лубен Арнаудоски, има богато искуство во институциите на македонската држава, пред и по независноста.

Прв пат вработен во Кабинетот на Претседателот, поранешното Претседателство, во 1977 година како стручен соработник, Арнаудоски ги минува скалилата во неговата кариера како советник во Кабинетот, советник на Претседателството, советник на Претседателот и секретар на Кабинетот.

Во својата долгогодишна кариера членува во голем број на експертски групи за подготовка на законски проекти. Арнаудовски има акумулирано искуство од учеството во бројни конференции и семинари во Македонија и во странство, како и преку редовни учества на државни делегации во билатерални и во мултилатерални активности.

Иле Масалковски - Заменик генерален секретар за организациони и протоколарни работи

Иле Масалковски дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан I“ во Скопје, на отсекот за политички студии, а со звањето Магистер по јавна администрација се стекнал во 2011 година на Факултетот за администрација и менаџмент на информациски ситеми - Битола.

Во 2006 година е ангажиран прво како демонстратор, а потоа и како помлад асистент по предметите Надворешна политика, Надворешно политичка анализа и Анализа на јавна политика на ФАМИС - Битола.

Во 2009 година е ангажиран како Раководител за протокол и организациони работи во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, а за Заменик генерален секретар е именуван во 2010 година.

Има неколку годишно искуство во работата на невладиниот сектор и меѓународната младинска политика. Учестувал на голем број тренинг курсеви, семинари во земјава и во странство, како и на првата „Школа за политика“ оганизирана од Советот на Европа (2003-2004).

Бил Извршен директор на Граѓанското здружение за демократија, мир и толеранција „АУРОРА“ од Битола, како и Заменик координатор на ЕЦМП - Скопје. Активно го говори англискиот јазик, а го користи и француски јазик.

д-р Дарко Костадиновски - Државен советник за надворешна политика

Државниот советник за надворешна политика, д-р Дарко Костадиновски, е ветеран во секторот надворешна политика во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

Прв пат се вработува како асистент на советникот за надворешна политика во Кабинетот на Претседателот Борис Трајковски во февруари, 2001 година.

Освен како асистент на советникот за надворешна политика, во Кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски, од 2006 година, својата кариера во надворешната политика ја продолжува раководејќи и со одделението за Европската Унија и НАТО. Костадиновски, е доктор на правни науки на Универзитетот Свети Кирил и Методиј, од областа на меѓународното право.

Неговите докторски студии ги одбрани со дисертацијата на тема „Советодавната надлежност на Меѓународниот суд на правдата: правни последици од советодавните мислења на Судот“.

Во неговата биографија останува запишана и поддршката за развојот на институциите во Република Македонија, како менаџер на проект на УСАИД за подготовка на закони во Собранието на Република Македонија во 1998 година, и како набљудувач во рамки напроектот на Советот за радиодифузија за мониторинг и анализа на електронските медиуми.

Учествувал во голем број меѓународни семинари и конференции на кои ја промовира и допринесува во градењето на македонската надворешна политика. Автор е на книгата Меѓународна Арбитража, објавена во 2008 година, и на книгата Меѓународниот суд на правдата – неопходност од реформи и промени (Советодавните мислења на Судот и нивните импликации), објавена во 2015 година.

На 11 февруари 2015 година e назначен на функцијата Пратеник на Република Македонија во Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации.

Генерал п.полковник Горанчо Котески - Советник за воени прашања

Советникот за воени прашања на претседателот Иванов, генерал п.полковник Горанчо Котески, военото образование го започнал во Средното воено училиште во Сараево во 1980 година.

По завршување на средното воено училиште завршува Воена академија во Сараево, како офицер на родот пешадија.

Дипломирал на Командно-штабна академија „ген.Михаило Апостолски" во Скопје, а високо одбранбени студии завршил на одбранбениот колеџ на НАТО во Рим. Во досегашната кариера има завршено повеќе курсеви во СР Германија, САД и Канада. Во 2013 година магистрира во областа на безбедноста и одбраната на тема „АРМ во системот на националната безбедност“. 

Во текот на кариерата извршувал бројни должности како командир на вод, командир на чета, командант на гардиски баталјон, командант на питомечки баталјон, командант на Центарот за обука на родови и специјални единици, заменик на командантот на Втора механизирана бригада во Кичево, командант на Здружена оперативна команда.

Во периодот од 2003 до 2008 година со Указ на претседателот Борис Трајковски, ја извршува должноста воено аташе во Сојузна Република Германија. Во периодот од 2009 до 2011 година ја извршува должноста Аѓутант на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов.

Во периодот од 2011 до 2015 година, со Указ на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, назначен е на должност Началник на Генералштабот на АРМ. Генерал п.полковник Котески е добитник на повеќе награди и признанија, меѓу кои и „Третоноемвриска награда“ на општина Прилеп.

Од 2015 година, со Указ на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов поставен е на должност Советник за воени прашања на Врховниот командант на вооружените сили на Република Македонија.

д-р Фљора Кадриу - Посебен советник за прашања од областа на внатрешната политика

Фљора Кадриу посебен советник за прашања од областа на внатрешната политика во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија и член на Советот за безбедност на Република Македонија.

Дипломирала на Педагошки факултет “Св. Климент Охридски” во Скопје, магистрирала на факултетот за Јавна Администрација и Политички Науки на Универзитетот на Југоисточна Европа, а докторирала на тема “Граѓанско–политичките права, културната различност и консоцијалната демократија”, на Правниот факултет “Јустинијан Први” во Скопје.

Професионалните почетоци на Кадриу се во Албански театар Скопје, каде што се вработува како актер. Нејзината прва политичка функција ја извршува како советник во град Скопје, во периодот од 2005-2006 година.

Во периодите 2006-2008 и 2008-2011 година, Кадриу е пратеник во Собранието на Република Македонија. Таа е професор на приватниот универзитет „ФОН“ во Скопје.

Бригаден генерал Мирче Ѓоргоски - Аѓутант

Аѓутантот на претседателот Иванов, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, военото образование го започнал во Воената гимназија во Белград, веднаш по завршувањето на основното училиште во Охрид.

Воената Академија ја завршил како офицер на родот артилерија во Белград. Дипломирал на командно штабната академија „Генерал Михајло Апостолски" во Скопје, а високи одбранбени студии завршил на Одбранбениот Колеџ на НАТО во Рим.

Во текот на воената кариера извршувал бројни должности како командир на артилериски вод, батерија, командир на вод за обезбедување на претседателот, офицер за протокол, командант на питомечки баталјон, офицер за планови и началник на Канцеларија за односи со јавноста и портпарол на Генералштабот на АРМ.

Во досегашната војничка кариера има завршено бројни курсеви во Германскиот Бундесвер и во НАТО, а учествувал и на воени вежби во Република Македонија и странство.

Изминатите години како портпарол на Генералштабот на АРМ има дадено голем придонес кон изградбата на стандардите за односи со јавноста и транспарентноста на АРМ. Во текот на кариерата, повеќе пати е наградуван и пофалуван. Активно го користи англискиот и германскиот јазик.

Во октомври 2015 година со указ на Претседателот на Република Македонија е именуван за Аѓутант на Врховниот Командант на Вооружените сили на Република Македонија, Претседателот д-р Ѓорге Иванов.

Во декември 2015 година, со указ на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов е унапреден во чин Бригаден генерал.

Љуљета Ќуфлију - Советник за меѓунационални односи

Љуљета Ќуфлију има долгогодишно и сеопфатно работно искуство во различни државни институции,невладини и меѓународни организации.

Својата кариера ја започнува во редакцијата за култура во Радио Втора програма при Македонската Радио Телевизија, но истовремено учествувала и во многу социјални и хуманитарни активности.

По завршувањето на Педагошкиот факултет во Скопје, Ќуфлију е ангажирана во редакцијата за култура на дневниот весник “Флака”. Љуљета Ќуфлију уметноста на дипломатијата ја стекнува работејќи со меѓународни дипломати - претставници на повеќе светски организации.

Почетоците на ова искуство се во Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје, од 2001 година.

За време на повеќегодишното работно искуство во рамките на меѓународните организации, Ќуфлију била активно инволвирана во организација на културолошки и хуманитарни манифестации, како и во организацијата на средби и посети на важни меѓународни и локални делегации.

Фото: МИА/Кабинет на претседателот

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

И Иванов како и Заев и Груевски без куќа

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови