Кризата го изеде профитот на прехранбената индустрија

Пад на профитите, намален извоз, намалена продажбата на домашен пазар. Прехранбената индустрија минатата година ја заврши со полоши резултати од претходната.

Финансиските извештаи на дел од компаниите кои што работат на производство на прехранбени производи покажуваат дека политичката криза минатата година силно се одразила на нивното работење. 

Намалена продажба на чоколади и бонбони

Според финансискиот извештај за 2016 година, кондиторската компанија „Европа“ АД Скопје остварила бруто-приходи во износ од 725.671.126 денари, кои се помали за 4,5% во однос на истите од претходната година.

Приходите од домашен пазар изнесуваат 308.537.129 денари и се намалени за 12,8%, а приходите од странски пазар се намалени за 1,3% и истите изнесуваат 399.917.8560 денари.

„Во 2016 година остварени се вкупни трошоци на износ од 698.666.565 денари и во однос на 2015 година се намалени за 3,8%. Намалување на трошоците имаме кај потрошокот за суровини и други материјали за 3,6%, потрошокот за гориво (плин) за 24,5%, електрична енергија за 12,9%, трошоците за службени патувања за 36,6%, трошоците за репрезентација за 14,5%, додека трошокот за бруто плати е зголемен за 3,8%.

Во 2016 година остварена е нето-добивка по оданочување на износ од 23.558.449 денари и во однос на 2015 година кога истата изнесуваше 28.277.984 денари е намалена за 16,7%“, соопшти компанијата.

Добивката пак на прилепската кондиторска компанија “Витаминка“ е двојно намалена. Според финансискиот извештај објавен на Македонската берза компанијата лани остварила добивка од 21,3 милиони денари, што е двојно помалку отколку во претходната година кога добивката изнесувала 57,6 милиони денари.

Остварените единечни вкупни приходи во 2016 година изнесуваат 1,7 милијарди денари и во споредба со остварените во 2015 година бележат пораст од 1%.

Намалена добивка прокнижи и “Благој Ѓорев“ од Велес. Компанијата за производство на маслени и прехранбени производи минатата година оствари добивка во износ од 541.401 денари, соопшти компанијата преку Македонската берза.

Во 2016 година се остварени вкупни приходи во износ од 643.107.793 денари, што е за 5% помалку во однос на лани за истиот период. Поголем дел од приходите се од домашен пазар.

„Расходите во оваа година изнесуваат 642.566.392 ден. и во однос на претходната година се намалени за 4%. Добивката во однос на претходната година е доста намалена поради намалена реализација и зголемени трошоци за суровини и материјали“, соопшти компанијата.

Месната индустрија и во криза книжи профити

Со позитивни финансиски резултати пак минатата година се пофали месната индустрија “Пекабеско“.

Според финансискиот извештај објавен на Македонската берза компанијата ланската година ја заврши со добивка од 110.392.000 денари. Претходната година добивката на компанијата беше 77.214.000 денари.

„Остварените единечни вкупни приходилани изнесуваат 4.019 милиони денари и во споредба со остварените во истиот период во 2015 година бележат пораст од 18%. Во структурата на вкупните приходи најголемо учество од 99%, имаат приходите остварени со продажба на производи и услуги кои во споредба со остварените во 2015 година бележат пораст од 18%.

Остварените единечни вкупни расходи во периодот јануари-декември 2016 година изнесуваат 3.873 милиони денари и во споредба со остварените во истиот период во 2015 година бележат пораст од 18%“, соопшти компанијата.

Зголемената домашна потрошувачка ги дигна профитите на винариите

Дел од компаниите од винската индустрија исто така можат да се пофалат со позитивен финансиски резултат.

Винарската визба „Тиквеш“ АД Скопје лани кај вкупните приходи забележаа раст од 9%, односно зголемување за 112,8 милилиони денари, соопшти компанијата преку Македонската берза. Растот се должи на зголемените приходи генерирани од домашниот пазар (за 12%) и од странските пазари (за 6%).

„Бруто добивката бележи раст од 27%, односно зголемување за 111 милиони денари. Зголемената бруто добивка и намалените оперативни расходи за 6% резултираа со оперативна добивка од 158 мил. денари, односно зголемување за 32% во споредба со 2015 година“, соопшти компанијата. Финансиските расходи се намалени за 10,9 милиони. денари.

„Нето добивката од редовното работење пред оданочување е повеќе од дуплирана во споредба со 2015 година односно е на износ од 99 милиони денари. За работењето во 2016 година не беа исплатени дивиденди. Во 2016 година се остварија вложувања во материјални средства од 37 мил. денари“, соопшти компанијата.

Винарската визба „Попова кула“ во текот на минатата година оствари добивка од 61.000 денари или околу илјада евра, што е намалување во однос на 2015 година кога добивката изнесувала 121.000 денари, покажува билансот на успех на компанијата објавен на Македонската берза.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови