Што навистина на Ердоган му носи референдумот за претседателските овластувања

Пренесено од Дневни Аваз - Сараево

Најновите анкети на двете најстари турски агенции за проценка на јавното мнение Метропол А&G, покажаа дека Турците се многу поделени по повод референдумот за зголемување на овластувањата на претседателот Реџеп Тајип Ердоган. 

„Да” и „Не”

За сега, разликата меѓу „да” и „не” е помала од пет отсто, а поддржувачите на опозицијата кои се против зголемувањето на претседателската моќ се надеваат дека ќе ги убедат критичарите на режимот не само да излезат на референдум, туку и да влијаат на неопределените, кои според проценките ги има околу 20 отсто.

Ако победи опцијата „да”, Ердоган ќе постигне голема политичка победа која ќе го направи најмоќен лидер од времето на Мустафа Кемал Ататурк. Зголемувањето на овластувањата на Ердоган ќе му обезбеди уште два потенцијални мандати по 2019 година, практично би ја елиминирал позицијата на премиер како таква, бидејќи поставувањето на кабинетот би било целосно надвор од јурисдикцијата на парламентот. Исто така, претседателот би можел еднострано да го распушти парламентот, со што би поставил законодавци според сопствената политичка агенда.

Уште повеќе, амандманите би овозможиле на претседателот исто така еднострано да донесува закони со претседателски декрети, се додека тие не влијаат на индивидуалните слободи кои се заштитени со Уставот.

Меѓутоа, проблемот е што правосудниот систем, исто така, на тој начин би бил под претседателската контрола, бидејќи Ердоган би имал моќ според своја волја да поставува судии на Врховниот суд.

Овие промени се подготвуваат веќе подолго време, откако Ердоган уште во 2003 година кога беше премиер, истакна дека негова цел е нов Устав со кој би „ја претставувал волјата на народот”, како и дека власта мора да биде поконцентрирана за да се надмине „дисфункционалноста” на турскиот парламент.

Ова е аргумент кој дури и многу Турци го сметаат за апсурден, пред се бидејќи Партијата на правдата и развојот (АПК) на Ердоган, од 2002 година го држи парламентарното мнозинство (со исклучок на петмесечниот период во 2015 година кога „диктаторот од Босфор” многу брзо издејствува нови избори).

- Владата е веќе полудиктаторска, но тие тоа го спроведуваа илегално. Со овој референдум, тоа (диктатурата) ќе стане легално; ќе биде запишано во самиот Устав – смета турскиот левичарски активист Нехир Севим.

Поларизација на општеството

Од т.н. Гези протести во 2013 година, на кои неколку лица го загубија животот во судирите со полицијата, Ердогановата Турција е „исчистена” од голем број на критичари на режимот, па дури се отстранети и тие посуптилните, како што беше поранешниот премиер Ахмет Давитоглу, а заменети со индивидуи како што е новиот премиер Бинали Јилдрим, кој повеќе пати повторуваше дека е „неопходно да се легализира тоа што веќе де факто е претседателски систем”!

Тие кои не ги поддржуваат напорите на Ердоган за промена на политичкиот систем, пред се, се повикуваат на турбулентниот период од 90-тите кога војската сфатена како бастион на секуларната Турција на Ататурк, по години на тензии во 1977 изведе пуч и во затвор ги „фрли” исламистички настроените политичари, меѓу кои се најде и самиот Ердоган, пренесе Newsweek.

На поддржувачите на Ердоган, како и на самиот претседател, по чистките во војската им пречи тоа што правосудниот систем се уште го контролираат секуларните елити кои „не ги почитуваат чувствата на народот”. Од друга страна, тие кои ќе прозборат против референдумот и потенцијалните уставни реформи, се наоѓаат на удар на агресивна кампања од режимот која автоматски ги означува како егзистенцијална закана по Турција и практично ги става во ист кош со пучистите, со екстремистичката Курдската работничка партија (ПКК) или со терористичката организација Исламската држава.

- ПКК вели не. Кој вели не? Тие кои сакаат да ја поделат и распарчат нашата земја велат не. Кој вели не? Тие кои не го почитуваат нашето знаме велат не! – рече Ердоган на митинг по неуспешниот обид за пуч во 2016 година.

Во кампањата против тие кои се поддржувачи на опцијата „не”, Ердоган не бира оружје, од медиумите, преку судството, до сатанизација, но дури и ако по некое чудо победи оваа опција, ништо нема да биде изгубено за Ердоган. Во тој случај, претседателот веројатно би распишал нови парламентарни избори, на кои според последните анкети АКП би освоила дури две третини гласови. На тој начин уставните реформи на Ердоган би биле можни и без референдум.

Дали ќе победи или не, Ердоган секако ќе продолжи да го поларизира турското општество во имагинарна битка за опстанок, се додека не ја оствари својата конечна политичка цел и конечно да ги сруши и последните остатоци од секуларна Турција на Ататурк, која според се судејќи е на добар пат да се претвори во автократска исламистичка држава на вратите на Европа. 

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови