Продолжува растот и позитивните резултати на ВВ „Тиквеш“

Вкупните приходи на ВВ „Тиквеш“ во 2016 година забележаа раст од 112,8 милиони денари што е зголемување за 9% во однос на претходната година. Ваквиот раст се должи на зголемените приходи од продажбата на вино на домашниот пазар за 12%, како и од растот на приходите од извоз за 6%.

Растот на приходите генерираше и пораст на бруто добивката од 27%, што во комбинација со пониските оперативни расходи за 6% на винарската визба „Тиквеш“ѝ овозможија да забележи зголемување на оперативната добивка за 32% во однос на претходната година.

„Задоволни сме од остварените резултати кои покажуваат дека нашата стратегија за долгорочен развој се остварува онака како што е зацртанo“ е првичниот коментар на објавените резултати од генералниот директор на винарската визба „Тиквеш“, Игор Илиевски, кој додава дека „фокусот на натамошниот развој на „Тиквеш“ останува имплементацијата на најновите глобални трендови во винската индустрија, развојот на нови вински брендови и промоција на висококвалитетното македонско вино во светот“.

ВВ „Тиквеш“ очекува продолжување на позитивните финансиски резултати и во 2017 и реализација на планираното зголемување на приходите од продажба за 10% во однос на 2016-та година, при што учеството на приходите од продажбата на домашниот пазар се очекува да биде 48%, а на извозните пазари 52%.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови